Уметнички инсталации за спомен на некогашните диско „Турист“ и кино „Карпош“

15.12.2020 17:18
Уметнички инсталации за спомен на некогашните диско „Турист“ и кино „Карпош“

Денеска (15 декември) беа поставени две нови уметничко просторни инсталации во јавен простор насловени како Урбани Топоними – акции наменети за зачувување на спомените на градот, а беа одбрани киното „Карпош“ на којашто локација со свое дело интервенираше младиот уметник Андреј Миневски и некогашната дискотека „Турист“ каде што е поставено делото на Ѓорѓе Јовановиќ, информираат од Центарот за современи уметности Скопје и Општина Центар.

„Идејата на овој проект е да ги означи значајните урбани топоними (микролокации) во Општина Центар кои за помладите генерации скопјани, но и многуте граѓани од цела Македонија кои се доселени во Скопје, претставуваат целосна непознаница, а за Скопје и одредени генерации скопјани претставуваат значајни места на кои се темели ориентацијата низ центарот на градот“, велат од Центарот за современи уметности Скопје.

Оттаму посочуваат дека со оваа акција сакаат да придонесат кон трајно меморирање на важните микролокации во Општина Центар и зачувувањена овие урбани топоними за наредните генерации. Во рамките на проектот, секој урбан топоним е предмет на интервенција на еден уметник кој во процесот на создавањето на дело комуницира со специфичната локалција. Секој уметник бил помогнат од тим составен од визуелен уметник, претставник на Центарот за современи уметности и консултант, односно антрополог кој што се занимава со прашањата на градот и неговата колективна меморија.

Дискотека „Турист“

Ако поминевте одовде некоја вечер во осумдесетите, ќе ве дочекаше редицата за влез во дискотеката „Турист“. Уште пред стемнување, пред двокрилната врата на еден од првите диско клубови во Скопје се формираше редица млади желни за дружење, забава и најнова домашна и странска музика.

Ако застаневте и малку постоевте, немаше да биде чудно некој да Ви пријде и да Ве праша дали може да влезете заедно. Во диското, обично преполно, влегуваа само парови. Надвор, оние кои беа распар, во редот пред врата си бараа партнер за влез – машките девојки, девојките дечко.

Чинот на влегување не бил единствениот во кои младите скопјани солидарно се здружувале. Малото диско, велат, можело да прими гости колку еден, или, еве, два, градски автобуси, а низ него во една вечер минувале и осум пати повеќе луѓе. Поради гужвата, долг бил и редот за пијалок на шанкот. Не било чудно, велат, некој што чека ред за шанкот да ти побара голтка од пивото, и заедно да го испиете. Кога ќе дојде на ред, ќе купи и за тебе.

„Турист“ не било првото диско во Скопје. Било едно од најмалите. Но, било најдолговечното од првите диско клубови, првото со редовна неделна програма на содржини и прво во кое гостите имале редовен неделен избор на топ-листа на хитови. Во време кога ноќниот живот завршувал пред полноќ, „Турист“ е првото диско со редовна полноќна забава – во сабота до 5 наутро.

Диско „Турист“ можеби не го почнало ноќниот живот во Скопје, но на скопјани широко им ги отворило вратите на ноќниот живот.

Постои податок дека за десетина години, колку што работело диското, го посетиле повеќе од осумстотини илјади гости. За жал. нема податок колку од оние парови кои се здружиле за да влезат во „Турист“, од диското и излегле заедно.

Кино „Карпош“

Скопјани секогаш сакале филмови. Новата атракција, која настана во Париз, по десетина години дојде во Скопје како спектакл во кафеани и хотелски сали, а додека се пресели во „кино за џабе“, избелениот ѕид на куќата спроти Офицерскиот дом, на која некогаш се проектираа филмовите, стана прозорец низ кој скопјани можеа да го видат светот, далечни земји и неверојатни авантури, епски историски настани, но и трогателни приказни за обични луѓе. Филмот стана свет во кој скопјани знаеја дека доброто на крајот секогаш ќе го победи злото, дека вистинска љубов навистина постои и дека има вредности во кои треба да се верува, и да се опстои во таа верба.

Скопјани секогаш сакале филмови, но, едно време, многу го сакаа киното. Не само затоа што некогаш само таму можеа да гледаат филм. Кога ќе се изгасеа светлата и кога ќе зазуеше проекторот, скопјани можеа целосно да и се препуштат на магијата и, барем за момент, да се поистоветат со своите омилени ликови. Тука од срце им се смееја на Бастер Китон, Чарли Чаплин и Чкаља, им се восхитуваа на заводништвото на Рудолф Валентино и Клерк Гејбл, на одважноста на Џон Вејн и Бата Живоиновиќ, и се поистоветуваа со големите филмски фраери Џејмс Дин, Стив Меквин, Ален Делон… Од кино салите, филмот излегуваше на скопските улици. Скопјани со себе изнесуваа засилени убедувања, поголеми очекувања од животот, мода, фризури, фраерски финти, па дури и тарзанските вратоломии на Џони Вајсмилер, кои мангупите ги практикуваа на скопските плажи, или најновата кунг фу техника на Брус Ли или суровата сила на Бад Спенсер, која младите ентузијасти ја практикуваа веднаш по излезот од киното.

Некогаш, родителите ги носеа децата на кино-утро да ги видат детските филмски јунаци или омилените ликови од цртаните, скопјанки одеа на „Дамата со камелии“ или на „Продавачката на темјанушки“ тивко да воздивнат и да пуштат некоја солза, младите мангупи да ги откријат првите тајни на женското тело, а вљубените парови за да се скријат во задните редови и воопшто да не погледнат кон платното.

Скопје некогаш имаше дваесетина кина. Секоја населба си имаше свое кино, а филм можеше да се гледа и во домовите на културата, на младите, на работниците… Секое имаше по неколку проекции на ден.

“Вечниот копнеж“ била првата проекција со која во јануари 1964 година било отворено Киното „Карпош“. Во полукружната сала на некогашното Музичко училиште имаше по неколку проекции на ден – од кино утро за најмладите, до каубојски, партизански, гусарски, гангстерски, „филмови со тепање“ или љубовни на проекциите од 15, 17 и 19 часот. Покрај дебармаалци, доаѓаа гледачи од цело Скопје, затоа што Кино „Карпош“ по репертоарот никогаш не заостануваше зад елитните кина „Вардар“ и „Култура“. Тука скопјани ја виделе премиерата на „Зоро“ со Ален Делон и првиот филм на Брус Ли.

Но, и тој филм заврши. Згасна проекторот на Кино „Карпош“, како и оние во „Култура“, „Вардар“ и дваесетина други во Скопје. Светилките се запалија, гледачите ја испразнија салата, а приказната за Кино „Карпош“ замина во сеќавањата, кај филмовите кои им ги носеше на скопјани.

ОкоБоли главаВицФото