Како да се излезе од магичниот круг на депресивноста?

16.12.2020 00:41
Како да се излезе од магичниот круг на депресивноста?

„Уште еден ден. Страдањето почнува повторно, одново... Немам сила... Немам сила да станам, немам сила да зборувам, немам сила да гледам луѓе, немам сила да се преправам. Чувствувам дека се гушам, дека тешкотијата ме влече на дното. И тука е толку мрачно, чувствувам дека немам сила да испливам до површината, барем само да вдишам, да почувствувам. Некогаш сум толку длабоко што веќе не ја гледам ни светлината која кажува во кој правец е површината, ниту како можам да се спасам. Се чувствувам дезориентирано. Чувствувам како да нема излез. Само сакам да престане, што и да е ова... Некои денови успевам да излезам на улица и да се видам со луѓе, но се чувствувам сосема отуѓено, како помеѓу мене и другите да постои непробоен ѕид, или стакло - гледам што се случува но воопшто не можам да реагирам. Преправањето дека чувствувам ме троши дополнително, но луѓето нема да ме разберат. Не можам ни да им кажам на моите најблиски, зашто знам колку ќе страдаат ако дознаат што ми се случува. Сам(а) сум. Некои денови чувствувам дена нема излез и дека оваа агонија ќе трае вечно, некои денови верувам дека постои излез, но не знам како да го пронајдам, ниту имам сила. Понекогаш непостоењето ми делува како најдобро решение, но не сакам да се убијам. Само не знам како одовде...“

Вистина е дека впрочем повеќето луѓе имале вакви денови во својот живот. Меѓутоа, исто така повеќето луѓе се научени да покажуваат дека е добро. Во културата на денешнината се вткаени многу ирационални уверувања „мора да бидам добро“, „мора да бидам успешен“, „не смеам да бидам болен“, „никогаш не смеам да направам грешка“, „не смеам да се посрамотам“, „мора да им се допаѓам на сите“, „мора секогаш да изгледам совршено“... Овие уверувања сѐ повеќе се шират како „вирус“ во западните цивилизации, со уверувањето дека единствено е важна сликата што му ја покажуваме на светот, со целосно занемарување на нашата есенцијалност - нашето битие. Постмодерната донесе посебен вид слободи, во кои многу конструкти се „скршени“ и дозволено е човекот да стане „слободен креатор“. Меѓутоа, слободата и градењето сопствен идентитет не е едноставен пат. Во склад со тоа поедноставно е да се усвојат некои понудени и широко прифатени идентитети, отколку да се гради сопствен и автентичен идентитет. Како последица на тоа ние впрочем усвојуваме идентитети со кои не се совпаѓа нашата внатрешност: „Среќна мајка“, „Успешна жена“, „Способен бизнисмен“, „Послушна ќерка“ зашто таквите идентитети се манифестација на она што го перципираме како пожелно. Живеејќи со маска, се чувствуваме како странци на сопствената сцена од животот. Чувствуваме несовпаѓање со себеси. Ја чувствуваме празнината која станува константа. Обидувајќи се да бидам што подобар/подобра се чувствувам сѐ полошо.

Дали некогаш сте се запрашале дали МОРА да бидете нешто од ова?

Излегувањето од магичниот круг на саботажата почнува со увидот. Увидот е магичен, но впрочем кај мал број луѓе доведува до подобрување. Тоа не е затоа што сме неспособни или без капацитет, туку затоа што, колку и да е непријатна, зоната на комфорот е она каде што имаме тенденција да останеме зашто е сигурна и позната.

Првиот чекор почнува со откривањето и прифаќањето на себеси. Кој сум јас и што сакам? Понекогаш откривањето на себеси впрочем доаѓа како последица на прифаќањето на состојбата во која се наоѓаме моментално - она што сега го мислиме, чувствуваме и правиме, без идеја дека тоа е нешто што вечно ме дефинира.

Тука се враќам на почетокот од текстот, со прашањето како и од каде да се тргне?

Иако делува чудно, одговорот е мошне едноставен - од себеси.

Со прифаќањето дека смеам и имам човечко право да се чувствувам вака! И дека тоа е сосема во ред. Со сфаќањето дека тоа не е слабост, туку човечност. Прифаќањето на себеси со лоши мисли, чувства, однесувања, лоши денови, грешки, води во едно ново поле кое отвора можности. Ако си дозволам да бидам она што сум, тогаш можеби ќе откријам и кој сум, што сакам и што ми одговара. А потоа тие активности можат да бидат водилка кон нови активности и нови самооткривања. Формулата функционира едноставно, но во некои ситуации не е едноставно да се спроведе на дело, особено кога деновите се мошне тегобни.

Токму во тие денови постои една важна лекција која треба да се научи, а тоа е дека на сите ни треба љубов и нега, токму тие денови треба да се потсетуваме дека треба да бидеме дополнително нежни и грижливи кон себеси. Тоа можеби значи да се состави мала листа на нешта кои ни причинуваат задоволство, па макар и најмало, но она што во ситуации исполнети со немир или потешкотии - нѐ смирува. Тоа може да биде омилениот чај, омилениот филм, опуштачка песна, омилено слатко, физичка активност, разговор со блиска личност, мирисна купка... Составете листа со мали нешта кои ја претставуваат вашата грижа за себеси и погрижете се да си овозможите барем некоја во текот на денот. Љубов и нега за себеси, со давање време и право „да не се биде добро“, тоа е она што лекува.

Она што никогаш не треба да се заборави е дека и најтешките моменти, колку и да делуваат страшно во моментов - ќе поминат. И како што рече познатиот писател Харуки Мураками „Кога ќе помине бурата, нема да се сеќаваш како си ја преживеал. Нема да бидеш сигурен ни дали бурата навистина поминала. Но едно нешто ќе биде сигурно. Кога ќе преживееш бура, нема да бидеш истата личност како пред бурата. Токму затоа и постојат бурите.“ Тешките времиња се нашите најдобри и најдрагоцени учители, и доколку научиме да негуваме став на благодарност кон нашите учители - зачекоруваме во едно ново животно поглавје. Она во кое веќе нема да се плашиме од несреќа и болка, туку доброто и лошото ќе ги посматраме како две страни на паричката на животот. Со откривањето на себеси, со надминувањето на себеси и сопствените граници, со излегувањето од комфорната зона, со усвојување став за безусловно прифаќање на себеси и другите, и како круна, со негувањето став на благодарност кон животот ние правиме „коперникански пресврт“! Во кој темнината и светлината се испреплетени и неопходни една за друга, во кој проблемите веќе не претставуваат бариери туку можности за нов развој, зачекоруваме во полето на слободата за бескрајно истражување на сопствениот потенцијал.

Александар Дума рече:

„На овој свет нема ни среќа ни несреќа; постои само споредба на една состојба со друга. Само човекот кој почувствувал очај е способен да почувствува блаженство!“

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Edgar Mt

Извор: https://psihologika.rs

ОкоБоли главаВицФото