Големиот момент на Бил Гејтс: Како да се вакцинира целиот свет

16.12.2020 17:38
Големиот момент на Бил Гејтс: Како да се вакцинира целиот свет

Челникот на еден од најголемите производители на вакцини во светот имаше проблем. Адар Пунавала, генералниот директор на Институтот Серум во Индија, имаше недостаток од 850 милиони долари. Толку му недостасуваа за сета опрема, од стаклени епрувети до буриња од нерѓосувачки челик, за да почне да произведува вакцини против коронавирусот наменети за најсиромашните луѓе во светот.

Дури и ако ризикуваше со вложување 300 милиони долари колку што имаше на сметката на неговата компанија, и натаму ќе му недостасуваа повеќе од половина милијарда долари. Затоа му се обрати на еден пензиониран софтверски маг од Сиетл.

Бил Гејтс, основач на Мајкрософт и филантроп, одамна го познава господинот Пунавала. Гејтс потроши милијарди долари во напорот вакцините да стигнат во земјите во развој, соработувајќи со фармацевтските куќи ширум светот, за да го измени пазарот. Така стана најмоќниот - и најпровокативен - приватен играч во јавното здравство.

На крајот на нивниот разговор летово, Гејтс му даде ветување: Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс ќе достави гаранција од 150 милиони долари за фабриката во Индија да може да го продолжи производството. До септември, Фондацијата одлучи да се обврзе на двојно поголем износ.

Тоа е само дел од напорот вреден 11 милијарди долари со цел вакцината против коронавирусот да стигне во повеќе од 150 земји, иако оваа цена би можела да биде многу поголема кога најпосле ќе стигнат дозите. Иницијативата ја предводат две глобални непрофитни организации кои ги основаше - и кои ги финансира – Гејтс, во соработка со Светската здравствена организација која, пак, е многу зависна од фондацијата на Гејтс, еден од најголемите донатори.

Зад сцената, со сѐ раководи вториот човек по богатство во светот, кој себеси и својата фондација тешка 50 милијарди долари ги смета за мошне подготвени да ја одиграат централната улога.

„Знаеме како да соработуваме со владите, знаеме како да соработуваме со фармацевтската индустрија, одамна размислувавме за ова сценарио“, рече Гејтс неодамна. „Неопходно е - иако кога зборуваме за експертизата и врските кои ги имаме - да одиграме мошне, мошне клучна улога во сето ова.“

Првите вакцини деновиве или се одобрени или се на пат. Затоа главно прашање е како да се имунизира светското население. А успехот на тој план не е премногу извесен.

До средината на ноември, овој план привлече вкупно околу 3,6 милијарди долари за истражување, производство и субвенции за сиромашните земји. Астра Зенека, една од трите компании кои ветија дека ќе ги испорачаат вакцините, соопшти импресивни резултати од клиничките испитувања, иако имаше одредени прашања околу начинот на тестирањето. А можеби ќе биде многу тешко да се обезбедат милијарди дози навреме, и тие да бидат достапни, зашто богатите земји можат да побрзаат.

Гејтс одржа неколку онлајн тркалезни маси со претставниците на фармацевтските куќи. Тој бараше од светските лидери да се обврзат финансиски: за само една недела неговата сопруга Мелинда и тој разговараа со претседателот на Франција Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајден и принцот Мухамед бин Заед од Абу Даби.

Зошто токму тој?


Во Вашингтон, Гејтс се консултираше со д-р Ентони Фаучи, водечки експерт за заразни болести во САД, и зборуваше со сенаторот Мич Меконел, кој преживеа детска парализа и кој ги поддржува програмите за искоренување на оваа и други болести.

„Некои луѓе ќе се прашаат зошто мораше да биде токму тој“, вели д-р Ариел Паблос-Мендез, поранешен директор во СЗО. „Тој има моќ. Тој има ресурси. Тој се грижи.“

Доколку иницијативата успее да ги заштити сиромашните луѓе ширум светот, тоа ќе значи и дека неговото филантропско кредо не било погрешно, вклучувајќи ја и неговата соработка со компаниите за лекови.

Но ако напорите пропаднат неславно, можеби ќе биде време за некој порадикален пристап.

Некои велат дека произведувачите на вакцини - многу од нив и тоа како имаа корист од државното финансирање во последно време - треба да бидат натерани да ги споделат своите сознанија, за да се максимизира производството. Индија и Јужна Африка сакаат да донесат закони за да се суспендира примената на интелектуалните права кога станува збор за вирусот.

Според моменталниот план за глобална вакцинација, сиромашните земји ќе добијат доволен број дози само за 20 проценти од нивната популација до крајот на следната година. Некои модели предвидуваат дека целиот свет нема да биде имунизиран до 2024 година.

„Последица на долгорочната стратегија на Гејтс беше корпорациите да имаат контрола“, вели Брук Бејкер, професор по право на Универзитетот Нортистерн во Бостон. „А тоа е голем проблем во пандемијата.“

Политичарите од некои земји кои учествуваат во иницијативата се жалат дека, до неодамна, малку им посветувале внимание. „Тие нѐ туркаат во агол за да нѐ натераат да платиме“, вели Хуан Карлос Севаљос, министер за здравје на Еквадор. „Не ни даваат избор која вакцина да ја користиме. Ќе биде онаа што ќе ни ја наметнат“.

Гејтс во последно време прави сѐ за да добие поддршка. Но со тоа стана и мета на теориите на заговор, чие ширење би можело да го спречи. На пример, некои лажно тврдат дека неговата фондација тестирала вакцини кои убиле илјадници луѓе во Африка и Индија. Но Гејтс не дозволува ваквите нешта да го заплашат.

„Никогаш не слушнав од Бил или Мелинда да се жалат дека нешто е премногу тешко, па да се откажат“, вели милијардерот и инвеститор Ворен Бафет, кој на Фондацијата ѝ предаде 31 милијарда долари од своето богатство. „Тие секогаш се занимаваат со најголемите проблеми“.

„Црвената зона“


Кога новиот коронавирус почна брзо да се шири во кинескиот град Вухан, Гејтс почна да чита сѐ за него во канцеларијата во близина на Сиетл.

На 14 февруари, тој и другите челници од неговата фондација се собраа за да направат некаков план. Од тој момент, се сеќава Гејтс, „бевме во црвената зона“.

Две недели подоцна, д-р Сет Беркли - генерален директор на Гави, Алијанса за вакцина, непрофитна организација основана благодарение на филантропијата на Гејтс - долета во Сиетл. Тој и Гејтс почнаа да размислуваат како вакцините против Ковид-19 би можеле да стигнат во земјите во развој. На 13 март, два дена откако СЗО прогласи глобална пандемија, Гејтс одржа онлајн состанок со 12 највисоки директори од водечките фармацевтски компании, вклучувајќи ги Фајзер и Џонсон и Џонсон, кои работат на вакцината.

Беше подготвен за овој момент. Беа подготвени и неговите глобални институции, во кои до тој момент вложи 55 милијарди долари.

„Капиталистичкото нешто“


Фондацијата на Гејтс вработува неколку поранешни директори на фармацевтски куќи. Да речеме, тука се д-р Тревор Мандел, кој беше директор за глобален развој во Новартис, и Емилио Емини, поранешен потпретседател на центарот за истражување вакцини во Фајзер. Тие помогнаа да се соберат пари за вакцина против Ковид-19 која би била соодветна за земјите во развој.

Универзитетот Оксфорд наведе дека ќе понуди „не-ексклузивно лиценцирање без никаков надомест“ на своите достигнувања за сите заинтересирани производители. Но кога се покажа дека успеаја да развијат вакцина која ветува најмногу, на универзитетот се поведе дебата дали е доволно оспособен сам да изведе клинички испитувања.

Затоа ја избраа британско-шведската компанија Астра Зенека како партнер. Институтот Серум од Индија, откако доби финансиска гаранција од Гејтс, летоска се согласи да почне со производство на вакцината.

Во исто време, САД и другите земји постигнуваа сопствени договори со творците на вакцини. Имаше и некои совпаѓања помеѓу глобалната иницијатива на Гејтс и она што се правеше во Америка. Астра Зенека, Новавакс и Санофи си дадоа збор едни на други.

Во Латинска Америка е забележана една третина од сите смртни случаи. Африка надмина повеќе од два милиони заразени. Пандемијата особено ги удри сиромашните земји.

Некои експерти за јавно здравје и организации како Лекари без граници сметаа дека Гејтс не вложува доволно напори за да обезбеди достапност на вакцините и дека е премногу тесно поврзан со фармацевтската индустрија.

„На нив им се допаѓа она што го штити нивниот начин на работење“, вели Џејмс Лав, директор на непрофитната организација Нолиџ Еколоџи Интернешнел, опишувајќи го односот на Гејтс со компаниите. „Неговата порака секогаш беше дека ’Биг фарма’ е прекрасна.“

Лав и некои други стручњаци се сомневаат дека производителите на вакцини ќе дадат сѐ од себе за да го максимизираат производството за земјите во развој, особено во момент кога богатите земји не жалат пари за дози. Индија и Јужна Африка, кои бараа дозвола и од СТО за да не се применуваат законите за заштита на интелектуалната сопственост, на тој начин се обидуваат да преземат малку контрола над вакцините од големите компании и да ги зајакнат домашните компании. Кенија, Мозамбик, Пакистан и Есватини (до неодамна Свазиленд) ставија параф на ова барање, а десетици други земји им изразија поддршка.

Но Гејтс и некои други стручњаци за јавно здравје велат дека без скапоцените патенти и потенцијално профитабилните договори големите компании не би ризикувале. Во исто време, нивната контрола над производството и дистрибуцијата на вакцините значи и зголемена безбедност.

„Постојат некои домени во кои капиталистичково нешто функционира стварно добро“, рече Гејтс.

Од лидерите на побогатите нации не се бараше само да ја финансираат иницијативата на Гејтс, туку и да купат дози за своите граѓани.


Чувство на загрозеност


Некои земји дури есенва сфатија дека ќе мора да платат 1,60 долари или 2 долари за доза, што за многу од нив е недостижно, без задолжување или земање кредити.

И некои земји од „средната“ категорија се чувствуваат загрозено. Ним им е кажано дека ќе мора да платат повисока цена, но не и која вакцина ќе ја добијат, и кога.

Еквадорскиот министер Севаљос тоа го опишува вака: „Велат дека не може да изберете, но дека мора да платите.“

Гејтс вели дека постои само еден начин за да се оцени иницијативата: „Кога сме ја запреле пандемијата?“

Слики: Francesco Ciccolella
Превод: Алек Кузмановски
Извор за текстот: New York Times/International Report 

Слични содржини

Општество / Свет / Живот
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото