Маѓепсаноста на латино светот од турските серии

17.12.2020 12:58
Маѓепсаноста на латино светот од турските серии


Во татковината на теленовелите голем дел од населението и натаму е маѓепсан од сладникавите приказни карактеристични за овој жанр, кој изобилува со доблесни хероини, чисти чувства и брзо општествено искачување. Единствено што сериите кон кои денес се врти Латинска Америка повеќе не се пишувани ниту снимани во регионот, туку во Турција.

Млада вдовица дознава дека нејзиниот петгодишен син боледува од леукемија. Животот му зависи од трансплантација на коскена срж, за која таа нема пари. За помош прво чукнува на вратата на својот богар свекор, но безуспешно. Свекорот никогаш не го признал бракот на својот син со неа и ја обвинува за сообраќајната несреќа во која синот го изгубил животот. Очајната жена одлучува да го моли својот работодавец, сопственик на градежна компанија, да ѝ го одобри заемот, но не му ја открива суштината на своето барање. Убеден дека жените за пари се подготвени на се’, работодавачот го одобрува заемот по еден услов: да спие со него. Вдовицата се согласува на тоа.

Од оваа „мрачна ноќ“ се раѓа мачна љубовна приказна која се протега низ деведесет едно и пол-часовни епизоди. Емитувана прв пат во 2014 година на каналот Мега ТВ во Чиле, секоја вечер, серијата „Илјада и една ноќ“ обединува речиси 28% телевизиски гледачи, рушејќи ги сите рекорди на гледаност. Иако, како остатокот од Латинска Америка, Чиле е познат по својата страст за романтични мелодрами оваа приказна е сепак посебна: нејзините јунаци не се викаат Роса или Рикардо, како во традиционалнтие „теленовели“ (сапуници) од ова подрачје, туку Онур и Шехерезада. А, штом дојде моментот за првиот бакнеж – после дваесет и осмата епизода! – во позадината се наѕираат бреговите на Босфор и осветлениот врв на кулата Галата. Серијата е снимана во Истанбул.

Поттикнати од успехот на „Илјада и една ноќ“, десетици турски сапуници ги преплавуваат екраните на најголемите приватни телевизиски канали во Латинска Америка. Успехот кај публиката не се смалува. Серијата „Изгубена чест“ (или во буквален превод: „За што е виновна Фатмаѓул?“) од 2014, кој ја носи приказната за младата пастирка присилена да се омажи за својот напаѓач за да ја спаси честа на своето семејство, станала најгледаната серија на каналот Латина во Перу. Во Колумбија серијата „Елиф“, серија за авантурите на напуштено девојче во потрага по мајка си, со своите 1150 епизоди, во етер поминала повеќе од четири години (помеѓу 2016 и 2020) што претставува рекорд за една странска продукција.

Времеплов

Благодарение на популарноста на овие серии, Турција е особено во мода. На бебињата им се даваат имињата Елиф, Фатмаѓул или Ибрахим според јунаците на сериите. На социјалните мрежи се умножуваат страници на обожаватели каде се дискутира околу животите на глумците. Некои дури и го преминуваат Атлантикот за да посетат места за снимање: во 2018 туристичките агенции забележале раст на латиноамериканскиот туризам во Турција од 70%. Истата година дури и претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, стигнал да го обиколи сетот на својата омилена серија „Воскреснување: Ертугрул“ (историска продукција за подемот на Османлиското царство во 17 век), откако присуствувал на церемонијата за инаугурацијата на Реџер Таир Ердоган.

Како да се протолкува овој триумф на турските серии во Латинска Америка, која сепак се смета себе за света земја на теленовелите? Според Гиљермо Ороско Гомез, истражувач од областа на комуникологијата на Универзитетот во Гвадалахара, турските серии нудат некој вид времеплов преземајќи го образецот на класичните теленовели од 1980-ите. Всушност, повеќето раскажуваат приказна за невозможната љубов помеѓу скромната млада девојка и мажот од богато семејство. Ваквата наративна рамка е поттикната од визијата за еден „многу конзервативен и скромен свет“, анализира Ороско. Краткото резиме на нивната содржина би било „семејство, работа и традиција“, додава тој. Во нив навистина нема збор за откривање еден сантиментар кожа – најмногу што може да се очекува е бакнеж (и тоа после многу епизоди) или сугестивно милување.

Уште една сличност на современите турски сапуници со оригиналната теленовела се состои во тоа што доблеста, отелотворена во јунаците, секогаш триумфира. Така, после смртта на очувот, малата Елиф конечно се обединува со мајката и станува наследничка на едно од најголемите богатства во земјата. Шехерезада го спасува својот син, а Онур се кае поради страдањето кое ѝ го нанел. Напаѓачите на Фатмаќул иако успеале да го поткупат нејзиното семејство да молчи, на крајот сепак завршуваат зад решетки. А често приказната завршува и со среќен брак.

Од своја страна, латиноамериканските продукции влегле во нова ера. „Теленовелите се ослободија. Многу од нив се отворија за темата на сексуалноста“, анализира Ороско. Во мексиканската комедија La casa de las flores која на Нетфликс се емитува од 2018 година сексуалноста е главна тема. Серијата говори за незгодите на членовите на семејството Де ла мора, во кое е олицетворен архетипот на мексиканската буржоазија опседната со изгледот. Во тринаесеттата епизода од првата сезона, на површина испливуваат тајни кои би можеле да ја нарушат репутацијата на семејството. Од самиот почеток главата на ова матријархално семејство, Вирхинија де ла Мора, со ироничен прекар Моралната Вирџинија, дознава дека нејзиниот сопруг ѝ работи зад грб и дека со љубовницата води трансвеститско кабаре. Потоа следи признание на нејзиниот син за романтичната врска со финансискиот советник, и конечно, нејзниот зет од Шпанија се враќа со променет пол. Вирџинија дела Мора прави сe’ за да ја одржи фасадата на нормалноста пред соседството, дури и кога тоа влече во чиста патетика.

Додека од една страна сатиричното има релација со латиноамериканскиот пуританизам, серијата исто така ја открива разновидноста на сексуалноста. Понекогаш тоа го прави со сирови сцени. Уште во првата епизода, долга се’ на се’ триесет и две минути, сцената со секс е заменета со хомосексуално фелацио. Пред дваесет години тоа било незамисливо. Единствена врска со скромноста на минатите времиња е главната глумица, Вероника Кастро, некогашна ѕвезда на сапуниците на мексиканскиот канал Телевиса, главниот продуцент на теленовели на шпански од 1980-ите.


Враќањето на Вероника Кастро во актерската постава на La casa de las Flores го потенцира фактот дека теленовелата влегла во нова ера. Онаа која до вчера играла улоги во стилот на Пепелашка сега, еве, се потпира на марихуана за да заборави на семејната катастрофа. Или дури, ја продава скриена во букети цвеќе во својата цвеќара за да избегне банкрот. Во интервјуто за весникот El Pais Вероника Кастро признава дека морала да се „препушти“ на улогата за тие „девијации“ да ги претстави на малиот екран. Многу либерална, оваа сапуница главно ја таргетира помладата публика поради што ја нарекуваат милениумска теленовела.

Според Ороско Гомез оваа модернизација на теленовелите не ја одразува промената на менталитетот на публиката, туку е резултат на нови деловни стратегии. „Некогаш теленовелите го наметнувале својот ритам на гледачите за да ја осигураат нивната лојалност“, објаснува Гомез. „Сега, со Нетфликс, гледачите ја преземаат контролата. Може да погледнат пет епизоди по ред или по една неделно, како кому му одговара. Исто така, секоја епизода може да се гледа засебно, бидејќи веќе не зависат една до друга. “ Минаа, значи, деновите кога семејствата ритуално се собираа во осум навечер да ја гледаат вечерната сапуница. Падот на популарноста на теленовелите е доказ за тоа: додека најголемите хитови на каналот Телевиса во деведесеттите обединувале околу 40% од публиката, сега се борат да прејдат 15%.

Тогаш, за да опстане, теленовелата започналта да се отвора кон меѓународниот пазар. Се влегува во партнерства со американските продукциски куќи како хиспанофониот Телемундо. Се наметнува една нова естетика. Сесилија Перси, сценаристката на теленовели која работи на копродукциите помеѓу РЦН каналот и Дизни, објаснува дека се’ повеќе мора да ја крати должината на епизодите и да го забрзува темпото на своите сапуници. „Ова не е време на емоции, туку на акција“, тврди Сесилија Перси, потсеќајќи не’ на развлечената фабула и на пренагласената глума, во што се состоеше дражот на некогашните теленовели. „Се’ повеќе и повеќе зависиме од она што се работи во странство“.

За да ги задоволат овие нови барања, продуцентите на теленовелите мора да бидат иновативни. Така во 200-ите се појавија „нарконовелите“, серии инспирирани од нарко-картелите. Додека во Латинска Америка тие се проследени со контроверзи поради „правењето херои“ од делинквентите, во странство се хитови, а особено на американскиот канал Телемундо. Сапуницата Sin senos no hai paraiso („Без гради нема рај“) од 2008 година, за авантурите на проститутката која се обидува да се придружи на моќна организација за трговија со кокаин, достигна гледаност од 28%. Две години подоцна, првата епизода од серијата La reina del Sur („Кралицата на Југот“), инспирирана од животот на мексиканските нарко-дилерка Сандра Авил Белтран, привлече повеќе од 2,4 милиони гледачи, што претставува историски рекорд. Во 2012 следи успешното лансирање на El patrón del mal („Господар на злото“), биографија на колумбискиот нарко-дилер Пабло Ескобар, што ја виделе 2,2 милиони луѓе. „Овие серии се подведуваат на американските клишеа за Латинска Америка – дрога, насилство и корупција – како и слични естетски критериуми“, објаснува Сесилија Перси.


Хипстерско гето

Уште една иновација претставуваат бионовелите, кои говорат за животите на познати личности од регионот. Нетфликс во 2019 година во соработка со колумбискиот канал Каракол произвел историски серијал за животот на амблематски личности за независноста на Латинска Америка во деветнаесеттиот век: Bolivar, una lucha admirable („Боливар, воодушевувачка борба“). Ден пред емитувањето на Нетфликс, венецуелскиот претседател, во страв дека серијата би можела да претстави „олигархиска“ верзија на Симон Боливар, националниот херој во Венецуела, ја предупредил јавноста: „Колку лаги, келвети и смет може да се стаат во една мини-серија?“ Сфаќајќи дека, како и секоја бионовела, и оваа повеќе се фокусирала на интимниот живот на главниот јунак отколку на политичка анализа на неговите постапки, претседателот се извинил: „Успеале да го прикажат живиот Боливар, хуман и чувствителен“. Една година претходно, уште една бионовела произведена во партнерство со Телемундо за прославениот мексикански пејач на болеро (романитчна балада) од 1980-ите, Луиз Мигел, исто така го обиколила светот преку оваа платформа. После објавувањето, тројно се зголемил бројот на преземени песни од Луис Мигел на Спотифај. „Новиот рецепт за теленовели е да се прават приказни пронижани со локални, но извозни елементи“, заклучува Сесилија Перси.

Ваквиот развој на настаните ги поттикнува теленовелите да ги кршат конвециите на многу конзервативното општество и со тоа се оддалечуваат од изворна публика. Се чини дека теленовелата навистина ја изгубила способноста на работничката класа да ѝ понуди огледало на нејзините сопствени тенденции. Додека првите продукции, како El derecho de nacer („Право на раѓање“, 1961), Los ricos también lloran („И богатите плачат“, 1979) или Rosa salvaje („Дива роза“, 1987), ја одразувале надежта во општественото искачување на работничката класа, иако единствено преку брак или игра на судбината, тие сега претставуват универзум и преокупција на глобализираните елити. „Во обид да ја задоволи публиката на Нетфликс теленовелата се претвори во хипстерско гето“, тврди Омар Ринкон, колумбиски телевизиски критичар. Изневерен, дел од публиката (особено жени постари од 45 години) побарал прибежиште во турските серии. „Стигнале да ја пополнат празнината која ја оставиле теленовелите“, забележува Омар Ринкон. Според неговите зборови, овој успех требало да послужи како сигнал за предупредување за локалната телевизиска индустрија: ако сака да го поврати својот некогашен сјај, „теленовелата мора да ѝ притрча напомош на мелодрамата“.

Извор: Le monde diplomatique

ОкоБоли главаВицФото