Принцезата и претседателот

18.12.2020 00:17
Принцезата и претседателот

На екранот ме прикова приказот на најпознатиот русокос феномен на планетата, едно изолирано и премногу тажно дете кое живее во познатата куќа и кое прави еден по еден деструктивен потег.

Но во еден момент сепак морав да ја исклучам новата сезона од „Круната“, серија во чиј фокус е британското кралско семејство, и повторно да му се посветам на Доналд Трамп.

Принцезата Дајана и Доналд имаат неколку заеднички одлики: токсично танго со печатот, спиритуална поврзаност со своите фанови, желба да ги кршат нормите. Тие уживаа да седнат пред ТВ екранот и да гледаат емисии за себеси, да повикуваат избрани новинари за да го контролираат наративнот. Се вознемируваа кога некој ќе одеше против нивната волја. Дајана речиси ја сруши монархијата, а Доналд направи сѐ што можеше за да ја сруши демократијата.

Сличностите завршуваат тука. Ако зборуваме за емпатија, блескавата Дајана и радиоактивниот Доналд се два пола. А го има и следново: кога гледате некоја бајка која станува ноќна мора, ви се крши срцето; кога гледате како тој ја напушта позицијата, ве заболува главата. Младата принцеза стравуваше дека ќе полуди додека околу неа лаеја велшките корги; 74 годишниот претседател ужива во лаењето на сопственото лудило.

На 20 ноември, Трамп продолжи да се посрамотува и себеси и Америка кога најпосле излезе од својот шатор во кој се муртеше и повторно тврдеше дека победил на изборите. За сите свои неволји ги обвини големите фармацевтски куќи, големите технолошки компании и медиумите.

А потоа се сретна со претставниците на Републиканската партија од Мичиген, во дрзок обид да ја поткопа демократијата и да ја врати државата под сопствени закрила, или само да го нахрани своето его така што ќе ги делегитимизира изборите во очите на својата база. Но претставниците од Мичиген излегоа од Белата куќа со порака дека ќе го „следат нормалниот процес“.

Би било само патетично да се посматра Трамп како фрла шајки зад себе; кога не би било толку опасно.

На Џо Бајден му е неопходен полн резервоар кога ќе ја паркира својата „корвета“ во дворот на Белата куќа за малку повеќе од еден месец, зашто Америка веќе нема гориво.

Трамп ја саботира транзицијата додека пандемијата дивее, упаѓајќи во своите ноќни маневри како што е укинувањето на програмите за итна економска помош кои би можеле да ги придвижат економијата и обидите да уништи една оаза за диви животни на Алјаска.

Републиканците молчат, исплашени од Трамп. Мич Меконел, лидерот на мнозинството во Сенатот, би можел да го прекине сиот овој нонсенс со една единствена реченица: „Одиме понатаму и го признаваме Џо Бајден за избран претседател.“ Но тој одбива, дозволувајќи хаос во целата земја, во обидот да добие политички поени во својата база и да ги одбрани двете места во Сенатот во Џорџија.

Откако ќе видите што прават републиканците, не е некој ескапизам да се посветите на серијата „Круната“ и да ги гледате луѓето со тврди срца - Маргарет Тачер и принцовите.

Питер Морган, сценаристот на филмот „Кралица“ и творецот на „Круната“, посвети голем дел од својата кариера во обнова на репутацијата на кралицата, по катастрофалниот период после смртта на Дајана, кога тогашниот премиер Тони Блер мораше да ја преколнува кралицата Елизабета да покаже малку повеќе емоции.

Но во четвртата сезона од серијата, Морган ни ја претставува кралицата како малку покревка. Булимичната Дајана ѝ се обраќа за помош, а Шефицата ја одбива, сметајќи дека Чарлс и Дајана се разгалени.

Дајана, која совршено ја глуми Ема Корин, ја опишува палатата како „студена заледена тундра, ледена, мрачна, бесчувствителна пештера без светлина, без надеж, од каде било.“

Кога известував за време на посетата на Чарлс и Дајана во САД 1985 година, делуваа среќно, но идниот крал ѝ беше љубоморен на жената која привлекуваше внимание.

Во својата книга „The Art of Comeback“, објавена 1997 година, Трамп рече дека „во однос на жените“ единствено му е жал што не се смувал со Дајана после нејзиниот развод.

Продолжи да сонуваш, Доналд. Кога еден пријател ја праша за Трамп, Дајана му рече: „Се ежам од него.“

Ди, знаеме како се чувствуваш.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report