Иницијатива за обнова на оштетената Шалтер сала во Централната пошта

18.12.2020 12:51
Иницијатива за обнова на оштетената Шалтер сала во Централната пошта

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) најави дека ќе ги вложи своите човечки и стручни ресурси за обнова на Шалтер салата во зградата на Централната пошта во Скопје.

Претседателот на Асоцијацијата, архитектот Мишко Ралев, вчера се сретна со директорот на АД „Пошта на Северна Македонија“ Јани Макрадули, при што направија обиколка на оштетената Шалтер сала.

На средбата договориле да се најде трајно решение за законскиот статус на овој објект, да се уреди начинот и механизмот за неговото управување и одржување во техничка, архитектонска и уметничка смисла, како и да бидат уредени механизмите за контрола во управувањето со овој објект.

Од Асоцијацијата велат дека Шалтер салата има огромно архитектонско, историско и урбано значење за Скопје и државата.

„Земајќи предвид дека нашата држава поседува ограничен градежен фонд, а уште помал е бојот на објекти третирани како архитектонско наследство – дел од целокупното културно наследство кај нас, потребата од изнаоѓање долгорочно решение за статусот на Шалтер Салата во зградата на Централната Пошта во Скопје е неопходна. Токму затоа, ААМ се одгласи на повикот на А.Д. “Пошта на С.Македонија“ и е подготвена да даде придонес во својот домен на работа кон посветеноста на Менаџментот на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“ кон третманот на Шалтер салата“, изјави Ралев.

Од Асоцијацијата се надеваат дека преку посветена работа, АД „Пошта на Северна Македонија“ поддржана од целокупната заинтересирана стручна јавност, вклучително и нив, ќе успее да ја врати Шалтер салата во полн сјај.

 

ОкоБоли главаВицФото