Нов зелен покрив на Домот на градежниците во Скопје

18.12.2020 14:10
Нов зелен покрив на Домот на градежниците во Скопје

Градот Скопје во соработка со УНДП почна со уредување на вториот зелен покрив во центарот на градот – покривот на Домот на градежници. Според проектот, на површина од речиси 400 квадратни метри ќе бидат засадени повеќе од 30 различни видови садници – дрвја, средно и ниско зеленило кое ќе биде функционално распоредено, ќе има тревна површина и вертикално зеленило поставено на ѕидовите, ќе се постават и клупи и друга урбана опрема, а ќе се врати и култното кино.

„Денеска почнуваме голема реконструкција на покривот на Домот на градежниците – една култна стара зграда во центарот на Скопје, изградена пред децении, којашто во своето златно доба била место каде што се собирале градежните работници и учествувале во своето културно издигнување. Посебно бил значаен покривот на таа зграда каде што се случувале многу културни настани. Познат е како „Киното на Домот на градежници“ кое со овој зелен покрив ќе го вратиме. Она што планираме да го направиме овде е по примерот на покривот на ГТЦ којшто беше огромен успех, го посетија 100.000 луѓе за само една година и стана едно од местата кои скопјани ги користат за своите фоторазгледници и за своите свадбени фотографии. Сега правиме ново место во центарот, во Мал ринг, каде што ја идентификувавме потребата да се бориме против топлотниот остров што го создава покривот на оваа зграда. Очекуваме дека по реконструкцијата, просечната температура на годишно ниво ќе биде намалена за три степени, а во лето ќе биде драстично намалена температурата пред околните згради“, рече Никола Наумоски, претставник од Град Скопје.

Запуштениот и руиниран покрив на Домот на градежници во Стратегијата за климатски промени на проектот „Отпорно Скопје“ беше препознаен како едно од неколкуте места наречени „урбани топлотни острови“ кои влијаат на зголемување на просечната температура во градот. Согласно со податоците од релевантни истражувања температурите на зелениот покрив можат да бидат пониски од 16 до 22 Целзиусови степени споредено со конвенционалните покриви. Со тоа, температурите на околината можат да се намалат до 3 Целзиусови степени, при што потрошувачката на електрична енергија потребна за ладење на овие објекти би се намалила за 0,7%.

Проектот за изградбата на Зелен покрив на Домот на градежници е финансиран од буџетот на Град Скопје (во вредност од околу 18,5 милиони денари), а имплементиран е во соработка и со поддршка од УНДП.

 

ОкоБоли главаВицФото