Дали коралите ќе ги преживеат климатските промени?

21.12.2020 00:25
Дали коралите ќе ги преживеат климатските промени?

Во октомври минатата година беше објавено дека половина од сите корали од целиот свет веќе исчезнале во последните 30 години. Меѓутоа, овие животни допрва ќе се соочуваат со големи опасности, што ќе остави последици на целиот екосистем но и на економијата и човечките активности. Според извештајот на Меѓувладиниот панел за климатските промени (ИПЦЦ) од 2019 година, дури и доколку го задржиме загревањето на 1,5 степени во однос на прединдустрискиот период, ќе преживеат многу малку корални гребени, а доколку температурата порасне за половина степен повеќе, речиси и нема да ги има.

Како живеат коралите?

Коралите се ситни животни во облик на полипи кои живеат во колонии. Со помош на минералите од морската вода тие градат варовнички скелет кој им го штити телото. Овие животни во облик на полипи заедно со нивните скелети сочинуваат колонија, односно корален гребен. Меѓутоа, самиот корал е провиден а неговиот скелет е бел. Тогаш зошто гребените имаат убава црвена боја? За неа се задолжени алгите зооксантели кои живеат во симбиоза со коралите и им обезбедуваат храна преку процесот на фотосинтеза.

Од овие алги не зависи само бојата на коралите туку и нивниот опстанок. Имено, кога гребенот ќе се најде под лоши влијанија од животната средина, како што е промената на температурата, овие алги можат да го напуштат. Бидејќи во овие случаи остануваат само бели скелети, таа појава која може да биде мошне опасна за коралите, се нарекува избелување. Колку избелувањето е поголемо, поголеми се и шансите коралите да се разболат и да умрат. Да се сетиме дека овие алги кои ги нема во избелените корали, во голема мера им обезбедувале храна.

Како климатските промени влијаат на избелувањето?

Една од причините коралниот гребен да остане без алги секако е загревањето на водата, а познато е дека заради глобалното затоплување океаните се загреваат мошне брзо, но и апсорбираат големи количини топлина. На пример, најголемата и најдолга штета забележана на коралите е утврдена во 2014 година кога на нивната загрозеност влијаеше ефектот Ел Нињо.

Меѓутоа, 2014 година не е поединечен случај. Заради промената на температурата коралите страдаат многу, а во иднина последиците можат да бидат уште поголеми. Заради зголемените емисии на јаглероден диоксид топлотните бранови во океаните двојно ја зголемија својата зачестеност од 1982 година и стануваат сѐ поинтензивни. Според некои проценки, доколку не се намалат емисиите, зачестеноста би можела да биде и до 50 пати поголема.

Покрај климатските промени, за драстичната загуба на коралите во претходните децении одговорни се и деструктивниот риболов, загадувањето на водите, промените на брегот и бродарството.

Дали можеме да ги спасиме коралите?

Февруари годинава беше обележан со многу спротивставени мислења дали е можно да се спасат коралите. Најпрвин, тим истражувачи од Њујоршкиот универзитет во Абу Даби и универзитетот Крал Абдула за наука и технологија во Саудиска Арабија, објави оптимистичен труд во Nature Climate Change. Тие утврдиле дека епигенетските модификации во коралните гребени можат да се пренесат на потомството за што сметаат дека отвора нови пристапи во зачувувањето на овие животни. Сметаат дека со прилагодување во лаборатории однапред може да се создаде популација која може да се пренесе во океанот на местото на кое умреле коралите.

Меѓутоа, на сајтот на Форбс набрзо беше објавен текст во кој се изразува сомнеж во успехот на овој потфат. Иако краткорочните резултати, како што се тврди во овој текст, навистина се „ветувачки“, тешко дека би можеле да бидат од корист во овој век. Истражувачот Рене Сетер од Хавајскиот универзитет во оваа прилика за Форбс прогнозираше дека за 20 години, 70 до 90 проценти од коралните гребени ќе исчезнат, а до 2100 година речиси нема ни да постојат.

Коралите се клучен дел од океанските екосистеми

Зошто избелувањето на коралите е важна тема? Нивниот изглед не е единствената причина. Многу морски организми наоѓаат засолниште во коралните гребени па избелувањето го загрозува и нивниот опстанок. Дури една четвртина од морскиот свет би била доведена во опасност без коралните гребени. Со самото тоа исчезнувањето на коралите влијае и на риболовот и на ловот на морски плодови од кои живеат многу жители од крајбрежјата. Така, на пример, на Малдивите дури 20 проценти од БДП директно се поврзани со коралните гребени.

На некои локации во Австралија ваквите гребени се туристички локации. Меѓутоа, постојат многу поголеми проблеми до кои ќе доведе избелувањето отколку што е намалувањето на приходите од туризмот. Исчезнувањето на коралите уште повеќе би го забрзало зголемувањето на нивото на морињата затоа што крајбрежјата ќе станат поподложни на ерозии и бури. Коралните гребени им даваат стабилност на бреговите, така што нивното исчезнување во голема мера ќе го влоши тоа.

Како што е и очекувано, локалното население има најразвиена свест за значењето на коралите. Така пацифичкиот островски народ Палау за оваа година најави дека во 80 проценти од своите економски зони ќе забранат комерцијален риболов. На ова подрачје живеат околу 1 300 видови риби и околу 700 видови корали. Во водите каде што нема да биде забранет комерцијалниот риболов ќе може да лови само локалното население и малите стопански субјекти со ограничен извоз.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Cat Holloway

Извор: https://www.klima101.rs