Во спомен на Милиана Ленак (1978 – 2019)

21.12.2020 12:19
Во спомен на Милиана Ленак (1978 – 2019)

Има жени што оставаат трага што не се брише... и кога ги нема. Што поставиле знаци долж напуштени, тешко пристапни патеки, со силна светлина на крајот. Таква жена беше Милиана Ленак. Секаде каде што ќе поминеше и кај секого што ќе го допреше, макар и попатно, во минување, оставаше трага. Без да останува долго и да се задржува трајно.

Во постојано движење и кога мируваше, и кога создаваше, и кога целосно се предаваше, можеби во потрага по прибежиште, за својот немир, од кој живееше. Не знаејќи дека припаѓа секаде, и на сите. И дека со самото тоа што „е таа“, а не што „треба да биде“, светот е нејзин, и ништо друго не е поважно од тоа. Можеше и умееше многу, само тоа не го разбра, или не му веруваше докрај.


Можеби зашто направи многу повеќе одошто другите можеа и да помислат, или да сфатат дека е можно. Заврши таа и престижни школи во Софија и Прага, по глума и режија. Ја откри во нив магијата на куклените претстави, моќта на импровизацијата, и на филмскиот јазик, надминувајќи ги во тоа дури и своите ментори. Нејзината импресивна листа на постигнувања ни открива голема дарба и вештини во пишување, правење претстави, во актерска игра и сценска импровизација ‒ во кои поезијата, песната, танцот, музицирањето, го правеа сето тоа чудесно привлечно и лесно, за и публиката да стане дел од нејзините артистички фантазии.

Македонскиот Буден Театар (12 години), Меѓународниот Фенер Фестивал за млади и возрасни (4 години) со своите претстави, куклени магии, работилници и контакти, беа изнесувани и пренесувани во други светови и средини, речиси икслучиво врз нејзините кревки плеќи.


Милиана Ленак не беше само тоа. И кога љубеше и мразеше и кога страдаше, таа беше единствена. Беше и жена и мајка, што дополнително збунуваше, и ги лутеше оние што не ја разбираа, а не можеа, ниту знаеја каде да ја сместат и на каков начин да ја „подучат“. Нејзиниот израз, толку разнообразен, безрезервно присутен и прецизен, лесно го наоѓаше патот до другиот, кој и да беше тоа.
Како од друга галаксија, умееше да се поврзе со изворот на нештата, со природата, со сè што беше вистинско, автентично, единствено и посебно. Го зборуваше јазикот на немите, на отсутните и на изгубените, на посебните и на отфрлените, на децата од сите возрасти, како да растеле заедно.

Нејзините настапи, музицирања, поетски читања, филмски и видео записи, куклени претстави и работилници ги следеа и учествуваа во нив ретки луѓе, од друг ков, млади, бегалци, жртви на негрижа, ранливи и поетски души, губитници и осаменици, надарени, ентузијасти, вљубеници во убавото.


Собираше и привлекуваше нетипични луѓе од сите сорти и средини, меѓу нив и такви што безмилосно се хранеа со неа... Нивните контакти одеа лесно, но и премногу лично. За неа не постоеја граници, не исцртуваше таа линии меѓу себе и другиот, меѓу артизмот и реалното, меѓу родителот и детето, меѓу сегашноста и минатото, меѓу земјата и вселената. Сè беше претопено во едно големо чудо, со кое таа си играше, творечки наивно, како дете. Затоа и успеваше да биде на многу места, истовремено, заминуваше и се враќаше, креираше и поништуваше, и сè одново започнуваше, како да беше обземена со магијата на постојано пресоздавање. Како тоа да беше единствената смисла на постоењето, единственото нешто за кое треба да се живее.

Знаеше да вознемири и да восхити во исто време, минувајќи страсно низ сите еманципаторски фази на своето творење, во одвојувањето од баналното, обичното, површното, грдото. Но, никогаш не успеа, свесно одбивајќи да порасне доволно, да се осамостои и да се одлепи од другите, од оние по чие внимание и грижа не престана да копнее.


Нема да ја заборавам сликата: Милиана седната наспроти мене, навалена врз палтото стуткано под неа, порцелански бледа и нестварно убава, како ми се обраќа со „Види ме на што личам...“ Во истиот момент кога јас помислувам колку е убава, прецизна, и автентична во она што е, и колку е драгоцено тоа, а колку малку е важно дали се работи за болка, или радост, за немоќ, или храброст, кога можеш да бидеш со тоа, и да го изразиш како човек. И колку нерешливо тешко е да убедиш некого во сликата што ја гледаш, сосема спротивна на неговата, поразителна и самоуништувачка? Исцрпена, беспомошна и слаба ми личеше на напуштено дете, кое неутешно бара помош, а не може да ја прими... И како тогаш да спориш со него, и да го убедуваш дека не гледа добро?

Но, ни тогаш таа не беше престанала да трага по своето место, со силна верба дека не е залудно да се проба уште еднаш и уште еднаш, дури и сè да се стави на таа една карта, само за да се дојде до трајното место на припаѓање ‒ коешто таа не успеваше да го најде и да сфати дека, во меѓувреме, целиот свет можеше да биде (и беше!) нејзин дом.


Тешко е и неблагодарно да се зборува за Милиана, денес, кога ја нема. За она што таа беше, што го имаше и што го остави зад себе како светлечка трага, за другите да видат подобро и да се снајдат полесно, а притоа да не го изгубат најважното, самите себе, кога во тоа ни таа самата не успеа. Со своите 40 години реши дека е време да се збогува со сите, и да замине. Со искуствата на ветеран, си замина девојче.

Сепак, не е ли уште потешко и понеправедно замолчувањето на гласот во себе, полн со опомени, немоќ и вина? Не е ли пострашно неговото игнорирање и одлагање за подобри времиња, кои никогаш нема да дојдат, ако не ги изговориме гласно?

Многу неодговорени прашања останаа по заминувањата на Милиана, не само нејзини лични, туку и на сите други како неа, наши прашања, за нашите улоги, присуство, спремност на обични човечки суштества што сепак припаѓаат на заедница, грижлива и од помош, чувствителна кон другиот, често кршлив и слаб, под товарот што не може да го поднесе сам. Тоа се тие животни поглавја што мораме и можеме да почнеме да ги отвараме, во спомен на Милиана Ленак.


Фотографии: Дарко Христов

 

 

ОкоБоли главаВицФото