Кукла

21.12.2020 11:29
Кукла

– Може да те прашам нешто?

– Секако.

– Зошто срцето не ми чука? Да не сум мртва?

– Ха, ти не ни можеш да бидеш мртва. А срцето не ти чука, зашто го немаш. Ти си кукла, не знаеше?

– Не. Зошто никој досега не ми кажал дека сум женски Пинокио?

– Не знам. Искрено, мислев дека знаеш.

– А другите? И тие ли се кукли?

– Да. Добро, нели забележуваш?

– Како можам да забележам, кога и тие се како мене.

– Имаш право.

– А, што правам тука?

– Украс си. Ми ја разубавуваш витрината. Белки не сакаш да се пожалиш на нешто. Секој ден ја бришам правта од тебе и никогаш не си добила некоја пукнатина. Никој не го прави тоа за мене. Јас за сè морам сам да се грижам.

– Сакам срце!

– Пак таа. Каде да ти најдам срце?

– Не знам. Сигурно постои некаде. Можеби некој ќе сака да ми направи.

– Добро, а какво срце сакаш поточно?

– Срце во форма на срце... и... не сакам да биде црвено. Нека биде виолетово, бојата на сонувачите, а јас сум сонувач.

– Се надевам дека ќе најдам такво срце. А, што ќе правиш со него? Каде ќе го ставиш?

– Ќе чувствувам. Со него ќе чувствувам.

 

Слика: Roberto Sgrilli (стара италијанска разгледница)

Извор: Анета Попова, Најкратки раскази (Антолог, 2009)


 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото