Марк Јансен: Секогаш во потрага по извор на радост

22.12.2020 10:24
Марк Јансен: Секогаш во потрага по извор на радост

Ова интервју е изработено во рамки на онлајн културната програма на Малиот новогодишен саем на книги (24-27 декември).

Здраво Марк, драго ми е што конечно имаме можност да се запознаеме и да размениме искуства.

Јас и моите деца, како и македонската публика, те знаеме по твојата книга „Сосем обичен ден“, во издание на издавачката куќа „Сказнувалка“. Пред да ја издадеш твојата прва авторска сликовница, во 2015 година, си работел исклучиво како илустратор на текстови на други автори. На твојата веб страница има информација дека си автор на над 450 илустрации во твојата досегашна кариера како илустратор. Меѓутоа, од 2015та година, до денес потпишан си како комплетен автор на 6 нови книги. Како се случи овој пресврт кај тебе, дали се работи за самодоверба од долгогодишната успешна кариера, или повеќе станува збор за излегување од комфорната зона и потреба од авантура и нови искуства?

Мило ми е што те запознавам Ване, макар и вака, преку писма. Многу сум среќен што моите сликовници ѝ се достапни на македонската публика!

Вистина е дека се случи голема промена во мојата кариера во 2015. Добро си забележал. Оваа промена е резултат на низа случувања што се случија претходно. Со професионално илустрирање започнав во 1997 година. Сакав да станам добар илустратор на детски книги, но бидејќи и мојата сопруга беше илустратор на детски книги, едноставно се обидував да работам што е можно повеќе, онолку колку што ми дозволуваа времето и можностите. Се стремев да пронајдам баланс помеѓу уживањето во работата и добрата заработувачка што ќе ми обезбеди удобен живот.

Мислам дека добро ми одеше и добивав сѐ повеќе нарачки. Се јавуваа и по десетина издавачи кои бараа да илустрирам детски книги и од неколку автори истовремено. Ова секако може да се смета за успех, но со текот на времето ваквиот пристап повеќе не ми претставуваше никаков предизвик. Секогаш играв споредна улога, а на крајот, писателот секогаш го добиваше најголемото признание и покрај тоа што понекогаш работев и со месеци на илустрациите. Во 2014, сфатив дека мора да го променам пристапот. Најпрвин, морав да го намалам бројот на книги што ги илустрирам годишно. Немаше потреба да илустрирам и до 30тина книги за една година. Така можев да го фокусирам времето и креативната енергија на помал број книги. Сакав потемелно да се посветам на помал број книги, да го ставам квалитетот пред квантитетот.

Како што рече и самиот, мојата самодоверба се зголеми и решив да ја напуштам старата рутина и да влетам во нова авантура: самиот да создавам сликовници. Пронајдов нова техника на аналогно сликање, поткрепена со дигитални интервенции и сметав дека е вистинско време да го направам овој чекор. Сѐ се одвиваше во најдобар ред: си дадов 5 месеци да ја создадам првата книга и тоа резултираше со успех.

По ова искуство, се чувствував како повторно да сум се пронашол. Во моментов, пет години од мојот прв самостоен обид, создадов уште многу сликовници и сите се многу популарни во Холандија и се преведени на повеќе јазици. Сега, може да се каже дека создавањето сликовници е моја главна преокупација. Само понекогаш соработувам познати автори како илустратор на нивните книги. Мислам дека ваквиот распоред во потполност ми одговара во моментов.


Во „Сосем обичен ден“, на главните ликови не им се случува нешто особено во текот на денот, но нивниот ден за нас читателите изгледа волшебно, исполнето, богато и сосема необично. Во меѓувреме, за еден возрасен денот изгледа сосема поинаку, ние сме секогаш зафатени со многу работа, обврски, плаќање сметки и готвење, но во исто време, нашите денови се прилично сиви и неимагинативни. Како ти, Марк, го негуваш детето во себе? Дали наоѓаш време за вежбање стој на раце?

Ха ха! Имаш навистина добра смисла за хумор. Не мислам дека сум детинест во своите постапки, иако можам да размислувам како дете. Ми се допаѓа детскиот светоглед. Тие се наполно убедени дека животот е забавен. Животот треба да се ужива и единственот начин да се ужива во животот е да се забавувате.

Отвореноста на детскиот ум е секогаш клучна во моите сликовници. Погледни само колку се тие силни, како знаат да се забавуваат. Можеби и ние (возрасните) би требале на овој начин да му пристапуваме на животот. Не треба да сфаќаме сѐ толку сериозно.

Го негувам детето во себе така што создавам убави прикаски, правам прекрасни илустрации, одам во природа, се возам на велосипед низ мојот крај, уживам во сонцето, ветерот и виулестите патишта. Секогаш во потрага по извор на радост.


За мене фасцинантно во оваа книга е сѐ она што не се кажува со текстот, но го има во илсутрациите. Дали минималното користење на зборови ти дава слобода за покреативен и имагинативен израз преку илустрациите. Што мислиш, што сѐ може да се каже без зборови?

Се гледа дека имаш добро извежбано око! Имам доверба во читателот. Тие знаат да размислуваат со сопствена глава. Не сакам да го запишувам секое зборче што ја опишува мојата прикаска. Многу повеќе ме исполнува кога нешто намерно ќе испуштам од текстот, за читателот тоа самиот да го заклучи гледајќи ги илустрациите. Сметам дека ваквиот пристап му носи и повеќе забава на читателот, бидејќи мораат самите да ја пронајдат пораката.

Читателот не е глупав. Му верувам. Имам една сликовница, „Остров“, која не е објавена во Македонија  - оваа моја сликовница е сосема без текст. Постигна голем успех. Читателите може во голема мера сами да си ја ткаат приказната. Како да возат автомобил или велосипед на пат што јас сум го изградил. Им поставувам некакви граници, но тие се движат со свое темпо и во насока што самите ја одбираат. Ваквиот пристап дефинитивно функционира.


Што за тебе е најтешкиот дел во креирањето на една квалитетна авторска книга за деца? Што е најважно за да ѝ се вдахне живот на книгата?

Најважен е концептот, или со друг збор, идејата. Тоа е многу повеќе од тоа да имате смислено убава приказна, тоа е визијата која мора да ја имате во себе, долго пред да ја создадете сликовницата. Таа е како бисер што го носите во вашиот ум; мал но светол, специјален и редок. А тој бисер е во исто време и концепт, и приказната и илустрациите.

Овој бисер е од клучно значење за мене. Тој го мотивира секој мој чекор: пишувањето, цртањето и заокружувањето на конечниот производ. Сѐ што треба да направам е да му оставам доволно време и да му посветам доволно внимание. Така успевам да им вдахнам живот на прикаските и на ликовите. Немој да брзаш, посвети ѝ доволно внимание и само така ќе успееш да создадеш успешна сликовница.

Како изгледа процесот на создавање на една сликовница? Што се раѓа прво, сликата или зборот?

 

Како што веќе реков, прва доаѓа основната идеја, а потоа размислувам за тоа како да ја спроведам на дело. На пример, дали е потребен текст или пак на приказната не ѝ се потребни зборови за да ја пренесам пораката. Мислам дека илустраторите размислуваат преку слики, па можеби во нивнот случај, сликата е пред зборот, но за мене, подобро е најпрвин да ја напишете приказната, а потоа да ја илустрирате. Но никогаш не го цртам она што е очигледно во текстот.

 


Во подготовка се уште две твои сликовници на македонски, кои со нетрпение ги очекуваме. Дали можеш да ни кажеш нешто за овие книги?

„Сакам лав“ е дело на писателката Ане-Мари ван дер Ејм. Ова е толку забавна приказна, што не можев да ѝ одолеам на можноста да ја илустрирам. Во илустрациите, ритмички се менуваат сцени со реалистична и фантастична содржина, најчесто големи животни. Тие се речиси како портрети. На страната нема ништо друго, освен животно. Многу ми се допадна овој концепт. По искуството со „Сакам лав“, одлучив и самиот и да пишувам и да цртам.

„Застанете!Чудовишта!“ е исто така мошне забавна, но и многу поинаква сликовница од „Сакам лав“. Се работи за две сестрички кои носат старо железо на отпад со велосипед со приколка. Можеби во Македонија малкумина имаат ваков велосипед, но во Холандија и особено во околината на Амстердам, луѓето често користат вакви велосипеди за да пренесуваат секакви работи. На овој начин си ги носат децата на училиште секое утро.

Во оваа моја приказна, сестрите по пат ги сопираат различни чудовишта. Сите тие сакаат по нешто од купот старо железо, а за возврат ги пуштаат да поминат. Но што да се прави кога, сето железо е веќе раздадено, а на патот сѐ уште има чудовишта?

Мислам дека крајот е особено забавен! Како што веќе напоменав, ова е уште еден пример за мојата доверба во читателите. Нема друг текст, освен зборот „Застанете!“. Ова го принудува читателот внимателно да ги разгледува илустрациите.

Годинава што ја испаќаме е една од најчудните и најтешките години за сите нас. Во очи на новата година, и пандемијата која не застанува, што ќе им порачаш на возрасните и децата?

Се согласувам. Ова беше мошне чудна и тешка година, со многу стравувања и неизвесност. Иако за мене беше и доста успешна година. На домашниот пазар моите книги привлекоа многу внимание. Така што може да се каже дека за мене имаше и лоши и добри моменти.

На читателите, деца и возрасни, им порачувам да продолжат со читање сликовници и книги, да ги споделуваат книгите и прикаските или да ги читаат заедно. Така најдобро ќе уживаат во читањето. Читајте му на вашето дете, разговарајте за прочитаното, дозволете му на вашето дете или внуче да ве води низ приказната. Тој или таа се секогаш најважни!

Најискрено ти благодарам и ти посакувам сѐ најдобро за 2021 година! Се надевам дека еден ден ќе се сретнеме.

Илустрациите се од книгата „Сосем обичен ден“ од Марк Јансен, во издание на издавачката куќа Сказнувалка.

 

ОкоБоли главаВицФото