Тенката Стевка

22.12.2020 21:14

Стевка била убавка девка,
ама доста слаба и тенка;
згора, била и тивка и кревка,
та ја споредувале со тревка.

Селаните ѝ викале: „прчла!, манекенка!“
и ја сметале за настрана
оти „јадела палачинка толку тенка
што имала само една страна!“

Во приказните додавале многу сол:
„дури и прасенцата ѝ се толку фини-мини
што таа опавчињата им ги врзува во јазол
за да не се провлечат низ пукнатини!“

Се плетеле и други вештерски бајки:
Стевка била толку жулава и тенка
што биле потребни две такви девојки
за да се формира нејзината сенка!

Смислиле и ваква интрига:
нејзината ригеста пижама
дека има само една рига!
И дека Стевка тежи сто грама!

Или ова, може ли некој да го сфати:
Стевка божем била толку слаба
што во дворот морала да влезе двапати
за да се види дека влегла низ тарабата?!

Како завршила приказната за Стевка? Уф,
крајот е чуден: додека пиела сок од цвекло
тенката Стевка нешто ја вовлекло
целата во цевка! И исчезнала! Пуф!

 

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото