Ова е свет на Гугл. Ние само живееме во него.

23.12.2020 01:35
Ова е свет на Гугл. Ние само живееме во него

Пред околу дваесет години за првпат напишав Google.com во својот веб прелистувач. Ги видов линијата за пребарување и копчињата. Го напишав она што ми требаше, листав низ резултатите и кликнав на некој сајт.

Уау, си помислив. Минималистичкиот дизајн на Гугл беше освежувачка алтернатива на другите пребарувачи кои постоеја тогаш - се сеќавате: Alta Vista, Yahoo!, Lycos - кои нѐ дочекуваа со купишта огласи и линкови со вести. Уште подобро, Гугл како да прикажуваше најрелевантни резултати.

Целото искуство бараше само неколку секунди. И кога го пронајдов линкот што ми требаше, завршив со Гугл.

Две децении подоцна, моето искуство со Гугл е многу различно. Кога пребарувам нешто на Гугл во 2020 година, поминувам многу повеќе време во универзумот на оваа интернет компанија. На пример, доколку барам чоколадни колачи, набрзо ќе ми излезат огласи за чоколадни колачи, проследени со рецепти кои Гугл ги собрал на разни места на веб, проследени со мапи и рецензии на Гугл за блиските пекари, проследени со Јутјуб клипови кои ќе ми покажат како сам да направам чоколадни колачиња. (Секако, Јутјуб е во сопственост на Гугл.)

Поентата не е само во тоа што поминувам повеќе време на основниот сајт на Гугл. Компанијата од Силиконската долина обичното пребарување го претвори во непрегледно технолошко царство кое скокна во мојот дом, во мојата канцеларија, во уредите што ги користам, и другде. Гугл стана технолошки бренд кој доминира со мојот живот - а веројатно и со вашите.

На мојот ајфон, кој го произведува Епл, користам апликација на Гугл за албуми со фотографии и мапи, како и алатките на Гугл за календар, мејл и документи. На својот компјутер и таблет, разните веб прелистувачи што ги користам имаат Гугл како подразбирлив пребарувач. За работа користам Google Finance (за да ги следам движењата на берзите), Google Drive (за чување податоци), Google meet (за телеконференции) и Google Hangouts (за комуникација).

И кога сум дома, Гугл е насекаде. Камерата за надзор, Нест, ја произведува Гугл. Гласовната услуга на Гугл ми служи како ѕвонче на вратата. Кога ми се затна олукот, гледав клипови на Јутјуб за да научам како да го решам проблемот. На онлајн мапите Гугл има фотографии од мојата куќа кои ги направил од вселената, но и одблиску, од автомобил со камера. Според мојата неформална проценка, поминувам вкупно седум часа дневно користејќи производи поврзани со Гугл.

Сеприсутноста на Гугл ја доведе компанијата до критична точка. На 20 октомври, Министерството за правда на САД го тужеше Гугл заради антикомпетитивност, во еден од најзначајните антитрустовски потези на владата против некои компании во последните неколку децении. Тужбата на владата се фокусираше на пребарувањето на Гугл и на тоа дека создале монопол со помош на ексклузивни деловни договори и договори кои оневозможиле нивните ривали да се натпреваруваат.

Во еден твит Гугл одговори дека тужбата има „многу недостатоци“. Компанијата додаде: „Луѓето го користат Гугл зашто сакаат, а не зашто некој ги натерал или зашто не знаат да пронајдат алтернатива.“

Габриел Вајнберг, извршен директор на DuckDuckGo, компанија која нуди пребарувач фокусиран на приватноста, смета дека она што го живеам јас - и сите други - бил план на Гугл уште од самиот почеток.

„Мислам дека ништо не е случајно“, вели тој.

Тоа е цената на приватноста, вели Вајнберг. Гугл, наведува тој, преку секој свој производ собира купишта информации за корисниците и така успева да направи детални профили на нашето однесување и нашите интереси.

Технологиите за огласување на Гугл вклучуваат и невидлив код за аналитика, кој се сместува во позадините на многу сајтови. Околу 74 проценти од сајтовите што ги посетуваме користат Гугл Аналитика (Google Analytics), вели анализата што ја спроведе DuckDuckGo.

Пред осум години Вајнберг раскина со Гугл и ги избриша своите профили. „Тогаш ги сфатив последиците по приватноста и импликациите од правењето кориснички профил - и штетата што тоа ја донесува“, вели тој.

Често комуницираме со Гугл и кога користиме некоја апликација која на прв поглед нема јасна поврзаност со него. Причина: Гугл на другите брендови им обезбедува клауд инфраструктура, односно серверска технологија која ни озовможува да стримуваме видео-клипови и да симнуваме фајлови.

Дури и господинот Вајнберг, кој се тргна од Гугл, признава дека не успеал целосно да се ослободи од неговите услуги.

„Ако некој ми испраќа клип кој едноствно морам да го видам, а тој постои само на Јутјуб... Па, тоа е реалноста“.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Glenn Harvey

Извор: New York Times/International Report

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото