Концерт на Легијата

14.12.2010 10:48
Концерт на Легијата

Минаа десет години откога македонската хип-хоп група Легијата зачекори на музичката сцена. Десет години од првиот настап на култното радио Канал 103, десет години минати во творештво и зачувување на вистинскиот и квалитетен звук, за да стигнат до тоа што се денес: предводници на македонската underground хип-хоп култура и музика.

Токму затоа, по повод десетгодишнината од постоењето на Легијата ќе се одржи јубилеен спектакуларен концерт во организација на „Shuriken Records“ и Младинскиот културен центар.

Концертот е закажан на 18 декември, со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар.

Како специјални гости на вечерта ќе бидат: досегашниот бенд на Да Џака Накот, Колективното свесно наметнато (КСН) составен од 4 члена, кои заедно со Легијата ќе ги изведуваат сите песни со музички бенд. Ќе бидат изведени многу познати песни од репертоарот на Легијата, како од нивниот заеднички албум, така и од групните и соло албумите на членовите. Гости на вечерта ќе бидат: веќе добро познатиот на овие простори српскиот хип-хоп артист Дон Дада, кој заедно со неговиот колега Sky Wikler и членот на Легијата, ЛД Пистолеро, го снимија заедничкиот албум „Убиче нас жене”, кој на пазарот ќе се појави на почетокот на следната година, како и добро познатиот и реномиран DJ Гоце од легендарните САФ кој ќе се претстави со свој DJ и видео сет.

Билетите за концертот во претпродажба ќе може да се набават на билетарницата при МКЦ, по цена од 200 денари, и 250 денари на денот на концертот.

Но тоа не е сè! Истиот ден во рамките на јубилејниот концерт ќе се случи и промоција на уште едно издание на Легијата, именувано „Деценија” и издадено од “ShurikenRecords“. Изданието ќе содржи збирка на песни од Легијата, снимени и збрани во текот на годините и кои досега не се нашле на ниту едно издание, но сепак, нови за јавноста. Албумот ќе може да се купи денот на концертот по цена од 150 денари.

ОкоБоли главаВицФото