Наградените куси-куси критики

24.12.2020 00:38
Наградените куси-куси критики

Со задоволство објавуваме дека конкурсот за куса-куса критика во рамки на Малиот новогодишен саем на книги пристигнаа вкупно 76 куси-куси критики од 34 автор(к)и. Изборот на најдобрите пет критики беше многу тежок бидејќи голем број заслужија да бидат наградени.

Во наредните денови ќе ги објавиме сите пристигнати куси-куси критики.

Целта на конкурсов е пред се поттикнување на книжевната критика како клучен креативен процес. Конкурсов има и важна едукативна функција за широката читателска публика.

Наградените автор(к)и, како и сите учесници, се поканети во сабота во 13:00 часот во рамки на Малиот новогодишен саем на книга, на краток-разговор за критика. 

Жирито во состав: Фросина Крушкаровска, Ника Гавровска и Алек Кузмановски гo направи следниов избор, без конкретен редослед на наградени критики: 

Васко Маглешов

Кон „Физика на тагата“ на Георги Господинов

Со стилски заводлив, идејно френетичен и јазично глазиран пристап, современиот прозаистички  маг на бугарската книжевност, Георги Господинов во „Физика на тагата“ раскажува patchwork-роман.

Олабавен од жанровски стеги, овој впечатлив романизиран есеј е херменевтички агрегат за многу приказни.

Како нишките на митската Арахна, Господинов од паузите во историјата (и светска и личносна) генерира сопствена текстуална музика со геометриски неправилно петтолиние: од елиптични искази до цитати и псевдоцитати до какофонија и прераскажување на веќе кажаното за и од светот (секако од други агли).

„Физика на тагата“ е згуснувач на растојанија, рендген за анатомијата на двојниот генитив.



Марија Ангеловска

Кон „Небесна геометрија“ на Андреј Ал-Асади

Андреј Ал-Асади со „Небесна геометрија“ ја потврди својата препознатливост во македонската литература. Повикувајќи се на истата, но и на светската книжевна традиција, со прецизен, но прониклив стих, си игра со поезијата на сметка на реалноста, едновремено реалистично  отсликувајќи го светот. Се обидува интимните доживувања да ги издигне на ниво на колектив и да ни го прикаже светот преку неговото будно око. Ја разголува човековата ароганција, нè потсетува на минливоста, укажува на неправедностите и се помирува со минатото, ревносно повикувајќи на едноставност и љубов. Андреј Ал-Асади само ни го подава пехарот, а нам ни останува да се напиеме од единствената вистина.

 

Сања Михајловиќ-Костадиновска

Кон „Празнина“ на Ана Лјенас

Книгата „Празнина“ на Ана Лјенас е една од оние детски книги што кришум им намига на возрасните. Додека децата ја читаат и уживаат во илустрациите, возрасните не можат а не ги почувствуваат во празнината на главниот лик Јулија сопствените празнини – минати, сегашни, идни. Но, како што Јулија открива дека и другите луѓе имаат свои празнини и успева да најде убавина во споделувањето на својата, возрасниот читател наоѓа начин да заборави на себе, зашто сега има поважна задача – да зборува со детето за комплексноста на емоциите.

Ова ретко искрено издание на „Сказнувалка“ несомнено отвора нови хоризонти во детската литература.



Билјана Ѓонеска
Кон „Невидливи љубови“ на Владиир Јанковски

„Невидливи љубови“ е роман за несуденоста на парот, но и за судбинските врски во градот, каде поединците се невидливи. Тие уживаат анонимност која на отворено е суперхеројска (магично опредметува погледи и оживува предмети), а на затворено воајерска (сведена на следење туѓи животи).

Паровите пак, се отелотворуваат како ентитети со двојни идентитети, двојност од истост. Иако не се знаат или не живеат заедно тие делуваат впрегнато и взаемно. Го растајнуваат градот низ патишта што меѓусебно се преплетуваат и низ приказни што се надополнуваат. Спарени, ја распаруваат неговата баналност, го очудуваат и очовечуваат.  А, Скопје заживува како главен лик во романот.

 

Сашо Огненовски
Кон „Во главата слушам песна“ на Елизабета Баковска

Синтеза на музиката и пишаниот збор

„Во главата слушам песна“ на Елизабета Баковска би ја нарекол метаболитичка кратка проза. Четириесет и девет кратки раскази пулсираат низ минималистички контекстуализирани настани кои на некој начин се честички од нечиј/сечиј животен циклус. Музичките инспирации кои авторката и ги потпишува под секој расказ се движат во распон од македонската народна песна, преку старите југословенски хитови па се до бесмртните класични дела. Интимна метареалистичка матрица која постанува и еден вид на интертекстуална релација, со музичката уметност чија автореференцијалност ни ја поттикнува рецепцијата ја доживуваме како наш животен реалитет преточен во меморија.

 Илустрации: MARÍA ELINA MÉNDEZ

ОкоБоли главаВицФото