(Не)удобноста на постоењето

24.12.2020 22:53

Зошто ни Бог ни љубовта
ни животот ни земјата
не се удобни
како фотелја со додаток за нозете,
како седиште во бизнис-класа
со маска за очи и мирислива покривка,
како када со ливчиња од рози
и бранчиња од ароматични масла?
Зошто и Бог и љубовта
и животот и земјата
се неудобни
како вреќа за спиење врз чакална плажа,
како седиште во автобус на „Пролетер“,
како недоволно напумпан душек,
како триножно столче во двор без сенка,
како чевел што те стега?
Не прашувај ги верните и љубените,
ни живите и вдомените,
туку оние што тоа не се и ќе ти кажат
дека во вечните теми
се влегува на задна врата,
а се излегува на предна,
со главата назад, со нозете напред,
и со раце свиснати во празнината.
И Бог и љубовта
и животот и земјата
кога во уметноста завршуваат со несреќен,
а во смртта со среќен крај,
го оправдуваат своето постоење.
А постоењето е (не)удобност
и почеток на сѐ што не било
и нема да биде.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото