Промоција на публикацијата „Зборува Акто 2006 - 2020“

26.12.2020 12:02
Промоција на публикацијата „Зборува Акто 2006 - 2020“

Со онлајн промоција на публикација и дискусија, денеска (26 декември) завршува 15-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО. Дискусијата и проекцијата на видео есејот „Зборува 2006-2020“ ќе се одржи во 12 часот, на Зум платформата. Модератор на дискусијата ќе биде Владимир Јанчевски.

Фестивалот АКТО во текот на своето 15-годишно постоење прерасна во симбол на континуитетот и истрајноста на независната културна сцена, обединувајќи мноштво индивидуалности во една широка разнообразна заедница која има потенцијал да го зацврсти своето влијание, движејќи се суверено од маргината кон центарот.

Овогодинешното јубилејно 15-то издание на АКТО насловено Зборува АКТО 2006-2020, покрај останатите настани, во својата програма ја вклучува и посебна публикација.

Во публикацијата се застапени повеќе интервјуа, вкрстени разговори помеѓу учесници на претходните изданија на АКТО, автори од различни области, визуелни уметници, куратори, културни работници, издавачи, јавни интелектуалци кои со своето присуство низ годините дале сериозен придонес во одржувањето на локалната независната културна сцена и биле поттик за унапредување на регионалната соработка во областа на современата уметност и култура.

„Нашата цел во оваа прилика е да поразговараме со авторите-учесници за нивните искуства со и на Фестивалот АКТО, за контактите и соработките со колегите, за значењето на АКТО, за поединечните и заедничките искуства ќе поразговараме со дел од учесниците меѓу кои Владан Јеремиќ и Рена Радле (Србија), Никола Узуновски, Филип Јовановски, Ивана Васева, Бојан Иванов и Виолета Качакова“, соопштуваат од фестивалот.

Во рамки на овој онлајн настан ќе биде прикажан видео филм есеј со времетраење од 25 минути за АКТО изработено од тимот на фестивалот.

АКТО Фестивал за современи уметности – ФР~У започна да го организира фестивалот АКТО во 2006 година во Битола, по што АКТО се разви во отпорна, силна и контекстуална платформа за промоција и креирање на интердисциплинарни критички програми и концепти. АКТО е фестивал на современи уметности кој се обидува да ги отвори не само темите кои се важни за моменталната социјално- политичка и уметничка реалност, туку и да стимулира формати на продукција кои ќе ја ‘размрдаат’ состојбата на status quo. Фестивалот се одржува секој август, во Битола, и претставува паралелен настан со субвертирачка и еманципирачка мисија кон настаните кои се организирани од страна на локалните општини и културните институции.

Во 2016 и 2017 година, поради разгорените локални проблеми и потреби, АКТО се ребрендираше во ПОП АП АКТО, привремен концепт за креирање на фестивалот во другите градови во Македонија. Покрај Битола, АКТО досега се организирал во Скопје, Тетово, Штип и Кочани.
Како еден од ретките фестивали за современа уметност во земјава, а единствениот со толкав континуитет, тој годинава се случува по петнаесети пат, а ова е негово деветнаесетто издание, ако се земат предвид неколкуте „екскурзии” на ПОП АП АКТО во Скопје, Штип, Тетово во 2016 година и Кочани во 2017 година.

 

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Култура / Уметност
Активизам / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Уметност / Настан
Активизам / Уметност / Теорија

ОкоБоли главаВицФото