Екстремистите имуни на коронавирусот

28.12.2020 01:25
Екстремистите имуни на коронавирусот

За разлика од неодамнешниот американски претседател Доналд Трамп, пандемијата не им наштети на лидерите на европската радикална десница, тврдат политиколозите Кас Муде и Јакуб Вондрис во британски Гардијан. Нивната статија е своевидно резиме на компаративната студија на овие автори, во која поопсежно се елаборира споменатата теза. Главна мотивација е да се разбие предрасудата дека „популистичките“ партии ја игнорираа заканата предизвикана од вирусот Ковид-19, па затоа беа казнети и на избори. Нивниот фокус е на земјите членки на Европската унија. Вистина е дека позицијата на радикалната десница остана непроменета, во рамки на статистичките грешки во истражувањата на јавното мислење - во март 2020 година, потенцијални гласачи на радикално десни партии во европскиот просек биле 14,5 проценти, во април 13,9 проценти, а во јуни 14 проценти.

Значи, испитаните граѓани, гласачи и негласачи, не ја казнија радикалната десница за нејзиното неодговорно однесување во кризата. Зашто не ни имаше „невообичаено“ неодговорно однесување. Воневропските примери, како Трамп во САД, Болсонаро во Бразил или Молди во Индија, кои претрпеа порази заради пандемијата, од европска гледна точка се исклучоци, што не ги следи состојбата во ЕУ. Во овој случај се покажа дека партиите од екстремната десница знаат да одговорат на кризата. Или, барем знаат исто колку и центристичките леви и десни партии. Најпрвин се крева паника дека не се реагирало доволно брзо, а потоа може да се стегне ременот, па да се зборува за загрозување на „човековите права“.

Кас Муде

Тука мора да земеме предвид две квалитативно различни забелешки. Првата е дека истражувањето на овие научници се случи есеноска, после крајот на првиот бран на епидемијата, нејзиното релативно летно смирување и избивањето на вториот бран есенва. Значи, анализите на двајцата политиколози важат за развојот на ситуацијата до септември, а потоа се променија многу нешта. Втората забелешка е дека од најголемо значење е да се почитува разликувањето дали во некоја земја радикалната десница е сама на власт, такви примери има малку и главно се во Централна и Источна Европа (Полска и Унгарија), или во владејачката коалиција таа е различно застапена, а во земјите во ЕУ постојат четири такви примери, или пак во парламентот е опозиција. Кога радикалната десница е на власт таа се однесува на еден, а во опозиција на друг начин.

Кога е на власт посклона е кон „центристички“ мерки и вразумување наспроти потезите што треба да ги направи во врска со пандемијата. Но кога е опозиција, главно дејствува контра општоприфатените мерки, па сѐ до негирање на опасноста од зараза. Тие не мора да бидат конзистентни и можат радикално да ги менуваат своите ставови, од една крајност во друга, без поголеми политички последици, барем кај своето гласачко тело. Тоа најдобро се виде на почетокот од самата пандемија, пролетва, кога на сцената беа присутни и негирачки ставови за опасноста но истовремено имаше и апокалиптични. Има една анегдота која вреди да се спомене, а тоа е дека прва членка на парламентот која во Швајцарија стави маска е десничарката Магдалена Мартуло-Блохер, членка на Швајцарската народна партија (СП), и беше исфрлена од седницата со образложение дека шири паника.

Јакуб Вондрис

Во сите овие промени десницата, сепак, насекаде задржува три својства, како константа. Тоа се нативизмот, авторитаризмот и популизмот. Нативизмот се дефинира како ксенофобична форма на национализмот, во која „странците“ се закана за државата. Најекстремниот облик е во тезата дека на дело е „кинески вирус“, а Кина треба да се обвини дека го создала лабораториски, само за да им наштети на своите конкуренти на Западот. Освен ноторниот Трамп, нешто слично во еден момент истреска и Матео Салвини од италијанската лига.

Авторитаризмот е идеја дека само силна држава може и треба да го спречи хаосот, со употреба на своите репресивни апарати, како големи полициски сили и остро казнување. Накратко, потребно ни е специфично десно дисциплинирање. Авторите го дефинираат популизмот како десничарска идеологија која го дели општеството на две хомогени и антагонистички групи. А тоа се „сиромашните луѓе“ од една и „корумпираната елита“, од друга страна. Како заклучок, може да кажеме дека додека Трамп ја напушти Белата куќа, радикално десните партии остануваат големи играчи во Унијата.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатура. Tom Toles

Извор: https://www.portalnovosti.com/