Иницијатива 02 реагира заради нетранспарентност на Општина Карпош

28.12.2020 15:07
Иницијатива 02 реагира заради нетранспарентност на Општина Карпош

Иницијативата 02 реагира дека 51-седница на Советот на која Општина Карпош треба да ги донесе програмите и буџетот за 2021 година не била најавена ниту на интернет страницата на Општината, ниту на социјалните мрежи. Велат дека граѓаните не можат да се вклучат на седниците иако тие се одвиваат онлајн, преку платформата Зум. Здружението тврди дека иако побарало линк за да се вклучат, не им била испратен.

„Како здружение на граѓани побаравме линк за пратење на седницата, на што градоначалникот Богоев ни одговори дека ќе ни биде испратен линк за вклучување, за вчера вечер, во недела, во 20:07 часот, да добиеме порака од претседателката на Советот на општина Карпош, Наташа Пеливанова, дека линк нема да добиеме, туку ќе треба да одиме во Козле, во просториите на урбаните заедници ПБК и КЈП и таму вработен од општината ќе ни овозможи техничка поддршка за следење на седницата. Значи да одиме физички во канцеларија, од која ќе можеме да следиме седница за зум линк. Сите советници, градоначалникот и други присутни ќе ја следат седницата на Зум од дома или од простории по свој избор, ама ние, граѓани, треба да одиме физички во одредени простории и таму под надзор да ја следиме виртуелната седница.

За што нè сметате вие нас? Какво е ова понижување на граѓаните и ваше поставување на замислени тронови?

Со оглед дека ваквото барање на општината не е уредено ни со Статут, ни со Деловник, ни со закон, линк за приклучување на седницата добивме од еден советник. Но и покрај тоа, не ни беше дозволено линковско вклучување во виртуелната седница.

По телефонски разговор со наша претставничка ѝ беше укажано дека ако ја следиме седницата како и сите други од простории по свој избор, во случајов од дома, постоела опасност да снимаме и повеќе граѓани да ја следат седницата.

Општината не само што не знае што значи транспарентност, туку е во страв она што тие самите треба да го објават за цела јавност да ја следи работата на Советот, некој да не го снима и објави.

Само да напоменеме дека според законот за локална самоуправа, на расправата за буџетот на општината, присуството на јавноста не може да се исклучи, а општина Карпош го направи токму тоа.

Ова е срам за општина Карпош, за нашите очигледно само декларативно демократски процеси, каде по секоја цена се прават напори јавноста да се исклучи. Ова не е случај само со општина Карпош, туку и со други скопски општини и град Скопје.

За чии пари вие тоа расправате на тајни седници? Буџетите да не сте ги добиле во наследство? Од кого и зошто се плашите за вашите општински настапи да останат тајни и затворени за јавноста? Што имате да сокриете?

Поради ова и други негативни искуства, О2 Иницијатива ќе предложи законски измени со кои ќе се загарантира основна транспарентност во работата на Советот на општините/град Скопје“, стои во соопштението на Иницијативата 02. 

 

ОкоБоли главаВицФото