На Волстрит почна да се тргува со вода. Што значи тоа?

30.12.2020 02:21
На Волстрит почна да се тргува со вода. Што значи тоа?

На почетокот на декември на терминскиот пазар на стока на Волстрит започна тргување со вода. Најголемата светска берза за деривати на CME Group воведе термински договори поврзани со индексот на цената на водата во Калифорнија, вредни повеќе од 1,1 милијарди долари. Тоа се први такви договори во САД, кои беа најавени уште во септември, кога во САД беснееја пожари.

Од ЦМЕ Групата тврдат дека така ќе овозможат подобро управување со ризикот од недостаток на вода и ќе воспостават подобра корелација помеѓу понудата и побарувачката на вода на пазарите. Индексот се темели на цените на речните сливови во Калифорнија каде последниве години се појави недостаток на вода., Важно е и да се каже дека, според индексот на водата на Наздак Велез Калифорнија, последнава година цената на водата се зголеми двојно. Терминските договори поврзани со индексот на тој начин ќе им овозможат на фондовите, земјоделците и локалните власти да се обложуваат на промената на цената, а дека заработката кај последниве две групи ќе се употреби за купување вода кога ќе дојде до недостаток, порачуваат од ЦМЕ Групата.

Критичарите тврдат дека третманот на водата како стока со која се тргува ќе го доведе основното човеково право во рацете на финансиските институции и инвеститорите, што е опасно.

„Ова претставува циничен обид за воспоставување нешто што наликува на обложување во обложувалница, при што некои луѓе ќе заработат од страдањето на другите. Мојата прва реакција кога го видов тоа беше дека се работи за хорор, но извесно време знаевме дека тоа се подготвува“, рече за Earther, Басав Сен, проектен директор за климатска правда на Институтот за политички студии.

Имено, терминските договори се берзански инструменти чии сопственици ќе платат однапред одредена цена за суровини или електрична енергија кога ќе истече договорот, а во меѓувреме овие хартии од вредност може да им се продадат на други и тие понатаму ќе тргуваат со нив. Вложувачите купуваат такви договори ако сметаат дека цената на стоката за еднодневно користење ќе биде повисока отколку во моментот на купувањето. Во овој случај станува збор за индекс на цената на водата во Калифорнија, а сопствениците на терминските договори ќе ја претворат во пари или ќе ја изгубат разликата помеѓу својата и моменталната цена по истекот на рокот, пишува Balkan Green Energy News. Тоа значи дека не се тргува со вистинска вода, туку дека се врши обложување на нејзината цена со потенцијална заработка или загуба, зависно од можните промени.

Ведран Хорват, извршен директор на Институтот за политичка екологија, смета дека „појавата на водата како ресурс и комодитет на Волстрит има негативна симболика зашто е многу веројатно дека означува пресвртница или дури формализација на она што досега се прикрадуваше низ различните видови прикриени приватизациски агенди“.

Тој предупреди на неколку негативни аспекти поврзани за таа ситуација.

-Прв и најпроблематичен аспект е дека со позиционирањето на водата на берзата се оштетува правото на вода како универзално човеково право но и цела низа напори кои во таа насока се направени на глобално ниво во минатото. Значи, чекор напред, а сега два назад - рече Хорват и потсети на исклучително успешниот италијански референдум против законот за приватизација на управувањето со водените богатства пред десетина години. Тој референдум, рече Хорват, беше инспирација за еден цел бран ремуниципализации на услугите поврзани со водата во Европа од 2010 година па наваму.

-Второ, терминските договори по природа значат дека со одреден ресурс се тргува во иднина, значи со идните достапни залихи на вода кои во одреден момент ќе имаат одредена вредност. Не мора премногу да фантазираме за да сфатиме дека тоа остава простор за низа шпекулации и непознаници, на пример, во однос на достапноста на ресурсите во одредена година како што е појавата на оскудица која може да ја зголеми цената, нивната дистрибуција и заедно со неа непознатите или арбитрарни критериуми - продолжи Хорват и додаде дека тоа воедно значи дека до водата како ресурс може да се дограбаат оние кои подоцна можат да манипулираат со неа и според кои овој ресурс не е во јавни раце, а според тоа е и без некаква општествена контрола.

-Трето, можеме да кажеме дека ова е и директна последица која климатските промени ја предизвикуваат во однос на финансискиот пазар, кога после низа суши и пожари во Калифорнија владее перцепција дека водата ќе биде ’ново злато’ и затоа уште сега се делат картите околу овој ресурс. Секако, главен спор останува фактот дека одредени делови од општеството би можеле да останат без пристап до квалитетна вода за пиење, ако таа целосно биде препуштена на берзанските мешетарења. Секако, свесни сме дека постојат многу и глобални и локални периферии каде водата е луксуз уште сега, но со овој потег овие нееднаквости само ќе се зголемат - предупреди Хорват.

Освен што е мошне прашално морално, ваквиот начин на тргување носи и други опасности. Имено, како што нагласи Хорват, овој вид трговија се случува сега, а се однесува на достапноста на водата во иднина.

-Трговијата е поврзана со предвидувања за достапноста на овој ресурс и неговата вредност во иден момент и контекст кој е непознат во моментов. Има многу варијабли и ризици кои се поврзани со тоа и кои внесуваат несигурност околу нешто што практично е елементарно право. Многу луѓе не можат да живеат без вода, не можат да одржуваат лична хигиена, не можат да се хранат, не можат да извршуваат низа елементарни работи. Треба да потсетиме дека е неопходно секој граѓанин да има обезбеден пристап до квалитетна вода и вода за пиење, независно од својот економски и социјален статус. Тоа мора да биде минимум на глобално ниво - рече Хорват.

Исто така истакна дека многу нешта зависат од инвестициите во водоснабдувачката инфраструктура, која кога ќе стане приватна сопственост мошне често го намалува квалитетот на услугата, ја намалува заштедата на трошоците за одржување и модернизација, а за возврат ја зголемува цената на водата.

-Да се сетиме на цената на водата во Загреб и Хрватска и лудачките сметки што ги плаќаат граѓаните заради проектот за прочистување на отпадните води. Но, очигледно е дека глобалниот финансиски пазар сега стана терен за нешто за што се мечтаеше долга низа години. Јасно е дека ние секој ден ја плаќаме водата, нејзиното користење, како и инфраструктурата и сервисите кои го обезбедуваат нејзиниот квалитет или проток. Меѓутоа, во овој случај се работи за фиктивна цена на ресурсите кои во иднина можеби ќе имаат поинаква вредност - предупреди Хорват.

Во таа смисла глобалниот финансиски пазар настојува да ги претвори ресурсите во комодитет и така да извлече парична вредност, која мошне често, напоменува Хорват, е повеќекратна и фиктивна. На терминските пазари на сличен начин се тргува и со емисии на јаглероден диоксид.

-Воопшто нема разлика кога зборуваме за атмосферата или водата. Исто така, нема голема разлика ни ако сфатиме дека емисиите на јаглерод диоксид и нивното намалување се неопходни ако сакаме да задржиме и приближно сличен начин на живот на сегашниот, а во тој контекст одржливото и штедливо управување со водата се води според слични принципи. Сепак, голема разлика е ако тргувате со емисии кои меѓу себе ги откупуваат и прекупуваат одредени индустрии или корпорации за дури и привидно да ги направат своите економии карбонски неутрални, и ако тргувате со ресурс каков што е водата за кој пристапот мора да биде слободен и гарантиран за секој човек на Земјата. Употребата на водата е можна за различни цели кои може да се појават. Финансискиот пазар секако не е простор ни механизам кој во таа смисла смее да влијае - рече Хорват.

Зависно од тоа колкав замав ќе земе оваа трговија на пазарот, во иднина би можела да се поврзе и со приватизацијата на водата и комуналните услуги.

-Во негативно сценарио, монетизацијата на водата водена од екстрактивистичкиот пристап на комодификацијата на природните ресурси ќе значи дека со текот на времето сите оние приватни компании кои управуваат со водата или водоснабдувачката инфраструктура (или прочистување) покрај природните, климатските и техничките/технолошките услови кај дефинирањето на цената на водата мора да ги земат предвид и оние кои се однесуваат на финансиските, а кои можат според сосема други и ирелевантни критериуми да ја креираат цената и да влијаат на достапноста на водата. Пристапот до вода никогаш не треба да зависи од моќта на некоја економија. Право на вода мора да имаат сите и секогаш - рече Хорват и додаде дека во случајот на Хрватска, за среќа, водата и натаму е во јавни раце, барем номинално, преку државни или градски претпријатија, иако тие често се однесуваат како да се во приватни раце.

-Затоа не треба да ги повториме истите грешки како некои европски земји кои губеа и по две децении на искуства со приватизација на водата. Лично имав среќа преку неколку посети на такви претпријатија во Наполи, Париз, Гренобл и многу други градови кои ги вратија водните услуги во рацете на граѓаните, да се уверам дека јавната и демократска сопственост над јавните, комуналните услуги и природните ресурси е неопходна. Но и во нашиот случај, а тоа го покажаа некои наши анализи, треба да се биде особено внимателен околу обидите за приватизација на водата преку долгогодишни концесии за користење на изворите на вода за пиење, особено ако се сетиме на случајот со Јамница - заклучи Хорват.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Mustafah Abdulaziz

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото