Куси-куси критики (избор)

31.12.2020 13:36
Куси-куси критики (избор)

 
На
конкурсот за куса-куса критика кој се одржа во рамки на, сега веќе затворениот, Мал новогодишен саем на книги, пристигнаа вкупно 76 куси-куси критики од 34 автор(к)и.

Многу сме задоволни од одзивот на конкурсот и од квалитетот на пристигнатите текстови, особено со оглед на тоа што на нашата книжевна сцена книжевната критика е речиси целосно запоставена, и за жал квалитетни критички осврти ретко се среќаваат. Среќни сме и што беа застапени некои маргинализирани книжевни жанрови, како сликовници за деца и графички новели.

Еден од важните увиди е дека немаше ниту една негативна критика, па тоа е нешто што би го истакнале како поле на кое е потребна дополнителна работа.

Денес споделуваме мал дел од пристигнатите куси-куси критики. Се надеваме дека конкурсот барем малку придонесе за поттикнување на критичкото размислување и продукцијата на книжевна критика како исклучително важен сегмент од домашната култура.


***


Лидија Димковска

Кон романот „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова

Романот „Песот со тажен поглед“, инспириран од дневникот на д-р Џ. Џонстон Абрахам „Мојот балкански дневник“ што во 1914-1915 година го водел при својот работен престој во Британската воена болница во Скопје, зафаќа подзаборавено, а многу важно парче од Првата светска војна на македонско тло. Ликовите, со сите најтенки нишки на емотивноста, душевноста, сознајноста, се луѓе од крв, месо, и парченца душа под телата толку ранливо изложени на милост и немилост на времето, војната, болестите. Расплетот е мајсторски, а присуството на песот Ал во отсуство толку пластично што му се чувствува телото среде историјата и врвното писмо на Оливера Николова.


Елизабета Баковска

Кон романот „На враќање“ од Фросина Пармаковска 

Сместен во тековниот македонски контекст (Скопје-Битола), со препознатлива пандемиска орнаментика на затворени граници и карантини, овој деликатно и стрпливо раскажан роман исцртува пресвртен миг во животот на својот субјект. Метафората на неговата потрага по смисла е патувањето: со воз (кон неисполнетите желби од минатото), и со летечки килими (кон илузијата на посакуваната иднина). Од структурен аспект, пак, тој е вешто прикрпен наративен пачворк во кој сегашноста тече истовремено софрагменираното, постепено откривање на минатото, но и со нереалните фантазии за идната среќа. Крајот е во катарзата, во себеспознанието, во разбирањето дека ниеднаиднина не може да го измени минатoто.


Андреј Лазаревски

Кон романот „Јас и Лин, Отпосле“ од Ана Стојановска

Длабочината на мислата на авторката испреплетена со одличните музички предлози кои ги нуди во склоп на романот, и секако, романот во роман кој го пишува ликот на Саша, нудат една симбиотична емпатичност која на читателот му нуди можност да се поврзе лично со болката на главниот протагонист. Длабоко љубовно, со чиста искреност и предизвикувајќи неконтролирано срцебиење, овој роман те носи на кафе во омиленото кафуле со најдобрата пријателка која раскажува за својата платонска љубов, додека во позадина свири Том Вејтс. Роман, за сите (несреќно) вљубени, кој нуди надеж дека еден ден конечно ќе им се случи љубовен сплот со нивниот Лин.


Владимир Трајановски

Кон графичката новела „Зенобиа“ од Дур & Хорнеман

Овде е големо и празно. Овде никој не може да ме најде. Криенка... Срцепарателна приказна видена низ очите на едно мало девојче. Потресно сведоштво за ужасот на војните, за уништените животи, семејства, за прекинатото детство. Елегија за Сирија. Еден специфичен стрип, со повеќе визуелна нарација, без многу зборови. Тие и не се потребни во случајов. Гледајќи ги кадрите, читателот ја разбира агонијата, патењето. Приказна за милиони вакви страдалници, деца, кои се принудени да тргнат на долг пат, да избегаат од својата татковина, бидејќи тука е сè уништено. Мртво. Но патот не секогаш е безбеден. Често се случуваат трагедии.


Ајнур Касо

Кон „Кучето што мјаукаше и мачето што џавкаше“ од Билјана С. Црвенковска илустрирана од Сања Симоска

Маче не се раѓа; маче се станува. Куче не се раѓа; куче се станува. Билјана С. Црвенковска нѐ поканува внимателно да ja отплетеме клопчестата приказна за кучето што мјаука и мачето што џавка преку вештите илустративни решенија на Сања Симоска. Иако приказната е наменета за читатели од најраната возраст, сликовницата заслужува да биде задолжително четиво за сите љубители на книжевноста.

Преку призмата на детска невиност, оваа толку анти-бајковита приказна без изопачување на реалноста бара од нас храбро да отстапиме од нормата и нѐ потсетува дека пред месечината сите сме еднакво откачени и прекрасни во своите различности.

„Душ, душ.“

„Гуш, гуш.“


Јована Матевска Атанасова

Кон романот „Таткото на мојата ќерка“ од  Ненад Величковиќ

Влакно во супа, поглед низ окце - толку релативна е брзината на романот. Ситничарење во доцните саати, приказни детски предадени во првобитната форма на говор на најмалите. Поствоена синтагма за раздорот, за животот што протагонистите се обидуваат да го спојат иако е тој раздробен до најситни лебни трошки. Во функција на страдалник поставен е секогаш најневиниот. Заврзана за столбовите кои со ортоми ја тегнат кон себе, ѝ откинуваат по едно ткиво со секое повлекување, ќерката на таткото, ќерката на мајката. Во збрката на недоразбирање и индиферентност, погребана љубов, страда таа со единствено име и титула за двајцата - ќерка...


Надица Тренчева

Кон збирката раскази ,,Единаесет жени” од Снежана Младеновска Анѓелков  

Во своето ,,Житие за жените”, Снежана Младеновска Анѓелков ни се преставува како авторка која со збор изваден од ребро го пишува постанокот на женскиот свет (Ева). Нејзините хероини се навидум жени од секојдневието во кои се кријат веќе познати ликови. Од жена наметната со сонце која го жижнува срцето ко резанка од калина, до жена со ѕвезди во очите која го распослува небото со грст свежи малини (Василица Прекрасна). Од жена која на полна месечина го игра последниот танц на волците (Амазонка), до жена со бисери на усните која ја отвора школката на разорот (Пандора). Жена опозит на машкиот свет.


Сузана Ѓорѓиевска

Кон збирката поезија „Полноќно сонце“ од Тони Павлески

Испростумени пред хаику-зрнцата на Павлески, небаре пред зрнца пченица во ровка земја, впиваме дел од едно големо бабрење. Бабри пред нас перото со впечатлив modus vivendi, перото кое војува со сите аномалии на јавето и умее заглушувачкиот рев на реалноста во уметност да го престори. Бабри, ‘рти неговата реалност и наша станува. Испростумени пред едно созерцание од кое на белото поле потекуваат малку мртви црни букви, но силни, живи слики, впиваме секојдневие, убавина, емпатија... Хаику творбите на Павлески се убава вистина. Не убава лага. Хаику поезијата на Павлески го наоѓа крпениот асфалт, но незакрпен не го остава.


Христо Петрески

Кон книгата поезија „Разденет разден“ од Кристина Николовска

Потрага, крик и лелек по духовното наспроти материјалното, кон вечното и трајното а не дневното и минливото, како аманет и тестамент како да се создаде и напише урбана и ангажирана песна.

Своевиден контрапункт, апотеоза, дитирамб, химнични напеви, мини поеми, тристишија, катрени, постаменти...

Филозофијата на паузите, т.е. филозофијата и паркингот на животот. 

Творештвото како игра, словољубие а не славољубие. Со афористичен призвук и ирониски артефакти, како што е случај и со духовитата и брилијантна песна Иронија: Сите мислат дека знаат што е / иронија... / Е, тоа е иронија!      

Лего-сложувалка, сонувалка, себеранувалка, запишувалка...


Габриела Стојаноска-Станоеска

Кон книгата поезија „Уплавната вода, тагата“ од Сузана Ѓорѓиевска

ГОВОРОТ НА ВОДАТА

Мини-каталог ретки поетски кристали: „напрај ми место/макар на крилце/бура што го дроби (метафора, „Бездомникот“) „Првнуваат небаре еребици/од загар в легло надушкани/мисли жалити.“ (компарација, „Како да не било“), „Во камарата снегот плаче придушено“ (персонификација, „На гробишта“); повеќебоен стилски отсјај: „лази меѓу гробови долга/црна здолница“ (персонификација, синегдоха, асонанца и алитерација, „Старицата со чадорот“).

„Уплавната вода, тагата“ на Сузана Ѓорѓиевска е неочекувано избиена понорница автобиографски елегии, поплава од најразлични емоции кои по повлекувањето со прочитот, си ги откривате како скапоцен нанос во себе, зачуван на драго срце. Е, таква е! Ем солзна вода, ем алем- камен под неа и од неа!


Блашко Вељановски

Кон романот „Цел живот“ од Роберт Зеталер

Маестрално сецирање на еден аскетски живот претплатен на несреќни епизоди, со толку малку зборови, на толку малку хартија...

Авторот направил литературен подвиг, декодирајќи ја есенцијата на една комплексна човечка судбина, а притоа нејзиниот „сопственик“ се збогува со овој свет, целосно задоволен од страстите кои ги искусил и пороците кои умешно ги игнорирал.

Андреас Егер како да е предодреден да ги плати „гревовите“ на својата мајка, добивајќи билет во еден правец, за дестинација каде судбината и опкружувањето му сервираат само неправди, а планината е симбол на студените ветришта кои го туркаат низ годините.   

Илустрации: Shaun Tan, скулптури според бајките на Браќата Грим 

ОкоБоли главаВицФото