За работата на жените и митот за уметничкото чудовиште

31.12.2020 13:12
За работата на жените и митот за уметничкото чудовиште

 

Превод: Надеж Кристела Нсингоулоу Николоска и Ана Илиева

  Адвокатката за труд што ја познавам гледа на работата како чин на солидарност и покрај тоа што за истата зема плата, а некои од климатските активисти што ги познавам земаат плата и се грижат за судбината на планетата, па и лекарите и медицинските сестри што ги познавам сакаат да заработуваат и можеби да поседуваат убави нешта и да живеат по свое, како што сакаме и сите, но, исто така сакаат да спасуваат животи кога можат, да ги тешат смртно болните и да им го олеснат крајот на животот кога самите не можат, и се толку страствени кон она што го работат, што тоа го работат бесплатно и ги нудат вештините и услугите што се очекуваат од нив при итни случаи.

Пишувањето е уште една работа што ја балансира оваа поделба; сакаме да се нурнеме во сопствените длабочини, и сакаме да направиме нешто убаво што ќе го смени светот, нешто што се надеваме дека не само што ќе го смени, туку ќе го смени на подобро, а ако имаме среќа, воедно и ќе заработуваме од тоа. Секој што го чита ова е речиси сигурно личност за која песната, есејот или книгата некогаш биле спасувачки сплав на кој со маки се искачиле пред да потонат. Сепак, себичноста на писателите е повторлив мотив, мотив на кој посакувам да му врзам камен околу вратот за никогаш повторно да не исплива на површината.

Ми се допадна поголемиот дел од написот на Клер Дедерер „Што да правиме со уметноста на чудовишните мажи?“ објавено во Парис Ривју. Ми го испрати пријателка, брилијантна и посветена климатска активистка. Речиси целиот ми се допадна, освен делот кога Дедерер се осврнува на идејата на Џени Офил за „уметничкото чудовиште“:

Планот ми беше никогаш да не се мажам. Наместо тоа, ќе бев уметничко чудовиште. Жените речиси никогаш не стануваат уметнички чудовишта, бидејќи уметничките чудовишта ги засега само уметноста, а никогаш приземните работи. Набоков дури ни чадорот не си го затворал. Вера му ги лижела поштенските марки.... Писателките што ги познавам копнеат по тоа да бидат почудовишни. Ќе го кажат ноншалантно, на шега: „Камо ли да имав жена.“ Што навистина значи тоа? Значи дека посакуваш да го оставиш негувањето зад себе за да ги изведуваш себичните причести на еден уметник.

Се разбира, многу мажи што биле шефови на сметководство, или произведувале машински делови, или гледале телевизија по цел ден биле исто така себични и ги терале сопругите да прават многу работи за нив; себичноста не е својствена само за уметници – или мажи; постојат голем број примери и на себични жени. Можеби постои некој посебен вид на боемско-фраерска себичност, која ја поттикнува идејата за генијалецот – личноста која е попосебна и поважна од другите.


Неодамна, Роузмери Хил пишуваше за Ида и Аугустус Џон и нивниот ужасен брак од раниот 20ти век:

Можеби боемскиот маж ги идеализирал жените како музи или модели, но буржоаските должности не го обврзувале да биде верен или да заработува, иако ретко бил толку неконвенционален за да се нафати да работи по дома или да се грижи за децата. Боемската жена со деца била исто толку окована со синџири за домот како и жената на кој било адвокат, само што немала персонал на кој би му наредувала, како што било својствено за домаќинствата од средната класа, и немала сигурност.

Меѓутоа, од моето искуство, боемскиот стил на живот и креативното творештво се исто толку противници колку што се сојузници.

Дали себичноста е суштинска за уметноста, повеќе од другите работи? Децата на мојата пријателка адвокатка мразат што таа патува толку често, но сепак патува, а нејзиниот сопруг кој е софтверски инженер го чува домот кога таа е на пат, бидејќи не мора да сте жена за да сте одговорна за семејството или да ја делите одговорноста со партнерот. Таа не е себична бидејќи заработува и се грижи за работниците исто толку колку и за своите добро воспитани и шармантни деца. Тука во Заливската област на Сан Франциско, приказните за апсурдните работни времиња на луѓето што работат во технолошките струки се застарени, додека самохраната мајка од моето пошироко семејство вообичаено работи на две или три места за да им обезбеди на децата храна и покрив над главата. Не сум сигурна дека воопшто познавам локални мајки-домаќинки.

Дефинитивно има поинволвирано јас во уметничкото творење, или некои негови видови, со тоа што често е самотен, обично интроспективен, а понекогаш и личен процес, но тоа нурнување во длабочините може да е со цел да се разбијат ситните суети на неиспитаниот живот, како и со цел да се славиме себеси. Иако пишувате поради длабока самотија, општо пишувате бидејќи сакате да им кажете нешто на другите и потајно се надевате дека на некој начин тоа ќе им користи, со тоа што нудите задоволство или нови погледи кон познатото, визии кон непознатото, или пак само описи на светот и нашите психи коишто го прават светот нов, чудесен и повторно вреден.


Создавате уметност бидејќи сметате дека тоа што го правите е добро, а добро значи дека е добро и за други луѓе. Не мора да значи дека е пријатно или лесно, но се стреми кон повеќе вистина, правда, свест или промена. Пишувам публицистика и познавам многу новинари, политички автори и историчари, чии напори се често отворено насочени кон менувањето на светот, но верувам дека истото важи и за поетите. Викендов, една пријателка ми прати песна од Неруда што ги слави кралските плими – особено високите зимски плими карактеристични за пределов. Тешко е да се каже на кој начин може ова да помогне некому, но мене ми помага да читам:

презирот, желбата за бран, зелениот ритам кој од скриениот куп издигна проѕирна градба (слободен препев)

Зашто задоволството е дел од тоа што нѐ тера да продолжиме понатаму и ни помага да го правиме она за коешто сме родени. Зашто политичката борба е да ги заштити ранливите и убавите, а дел од проектот е да им обрнеме внимание.

Дедерер пишува:

Можеби, како писателка, не извршуваш самоубиство, ниту ги напушташ децата. Но, напушташ нешто, тој негувателски дел од себе. Кога ќе ја завршиш книгата, на земја остануват расфрлени малечки прекршени нешта: прекршени љубовни средби, прекршени ветувања, прекршени веридби. Понатаму, други поважни заборавања и неуспеси: непрегледана домашна работа на децата, нетелефонирани родители, неиман сопружнички секс. Тие работи мора да се прекршат за книгата да биде напишана.

Рамката на Дедерер се чини посочува дека да си жена значи да си мајка и ќерка и сопруга, а секоја од овие работи значи да си вечно обврзана кон другите. Оваа рамка претпоставува дека креативната работа е во судир со личниот живот, а мажите кои имаат епски креативни животи прескокнуваат други работи што жените не смеат да ги прескокнат, без – нејзините зборови крцкаат од грубост – напуштање, заборавање, неуспевање, прекршување. Идејата дека „напушташ некој негувателски дел од себе“ укажува дека не можете да бидете добри кон луѓето и да им пружате поддршка и воедно да пишувате, и дека добрината во животот на жените е неизбежно макотрпна.

Тоа е конзервативна рамка во еден есеј кој гледа со презир на политичкиот ангажман како друг вид на себичност – пријателката климатска активистка ми ги испрати овие редови: „Кога ќе доживеете морална победа, заслужувате да си честитате себеси. Емоциите ги преиначувате согласно со етиката и си се восхитувате на тоа што го правите.“ Но, луѓето што се наклонети кон восхит си се восхитуваат на самите себеси исто толку за тоа колку се искусни, слободоумни, софистицирани во толерирањето на нечие мало избувнување или зашто се непристрасни и дистанцирани и се над ситуацијата; оние што сакаат да си честитаат наоѓаат многу начини да го сторат тоа. Да се храни своето „јас“ не е соодветна причина за човек да го посвети животот да ги организира земјоделците или да го заштитува Националното арктичко засолниште за диви животни, да наведам две работи што ги прават луѓе што ги знам. Се чини дека тука е во прашање себичноста, а да се биде уметник и да се биде идеалист се претставуваат како себични чинови.


Сум напишала дваесет книги без да напуштам кого било или што било, колку што знам. Односите со партнерот, родителите, децата – не ми се верува дека повторно го кажувам ова – не се својствени за да се биде жена. Познавам писателки чии деца се одамна пораснати, и многу што немаат деца, и писателки што нашле решение за тоа како да пишуваат и да имаат деца (видете погоре: сопружник; рамноправност). Дури познавам и машки писатели што се одговорни за семејството. Многу луѓе, жени и мажи и небинарни личности се вклучени во потребите на саканите, а сепак истовремено се страсно посветени на својата уметност, револуцијата или професијата. Исто така, нивната работа е често начинот на којшто го поддржуваат семејството, ако го имаат, бидејќи на децата не само што некој треба да им ја прегледа домашната, туку уште повеќе им треба дом и храна, облека и здравствено осигурување.

Ѝ пишав на климатската активистка – пријателката која ми го испрати написот – млада жена со огромна совест:

Доброто креативно творештво е негување. Негување на тоа што најмногу им значи на авторот и на светот. Мислам, како што напишав во есејот „Мајката на сите прашања“: Постои ли некоја будала што посакува Вирџинија Вулф да раѓала бебиња наместо да пишувала книги? Целата оваа идеја дека жените мораат да бидат или/или: ја одбивам. И во твое име исто, а твоите дела се добрина испишана преку небото.

Рејчел Карсон ги негуваше и правнукот и вистината дека пестицидите ни наштетуваат и нам и на птиците и на екосистемот, и со последната книга го смени светот, правејќи го побезбеден за милиони деца.

Тоа е толку голема планетарна нега, што не можам ни да ги опишам нејзините опсег и добрина, а пеликаните, чапјите и чапјите-говедарки што викендов ги видов во мочуриштата без нејзиното дело можеби ќе беа на прагот на изумирање. Можеби Мартин Лутер Кинг Јуниор требало да поминува повеќе време со децата, но и тие биле дел од милионите луѓе чиишто животи ги подобрил со работата што тој помогнал да се забрза, но тој исто така се грижел и за нивната иднина. Неговите зборови и примери сѐ уште ни пружаат нега како и оние на сите дамнешни херои што ги паметиме.

Пишувањето е работа што со право треба да е на исто рамниште со останатите видови на корисни работи во светот, и е во вистинска смисла работа. Добрите писатели пишуваат со љубов, за љубов, и честопати, директно или не, за ослободувањето на сите суштества, а добрината во тоа е неизмерна.

 

Оригинал: “On Women’s Work and the Myth of the Art Monster”

ОкоБоли главаВицФото