Девет дремки

31.12.2020 21:18

Кучето со рунтави уши
изеде цела кофа круши
и со меше полно семки
потона в девет дремки.

Во првата дремка песот
нуркаше в базен со песок,
ручкаше песочни рипки
што висеа на шарени штипки.

Во втората беше бизон
скаран со еден муфлон
и со своите силни рогови
удираа бакарни гонгови.

Во третата беше светулка
вљубена в црвена булка,
но булката го сакаше црвот
што везден спие на дрво.

Во четвртата беше зелка,
иглеста ко лута елка,
со зајчиња се расправаше
и во страшило се преправаше.

Во петтата беше Здравка
- стара госпоѓа мравка,
со розова фризура кадрава,
која по ручек јаваше крава.

Во шестата беше човек
со мускул толку мек
што да го дувнеш ќе летне
без со прст да претне.

Во седмата беше мачор
испентарен на висок бор,
кој не знаеше да скока
и сакаше да биде фока.

Во осмата беше капуцин
- мајмун стварно фин,
кој можеше да испие река
сосе принцот-жабец крекав.

Во деветтата беше болва
ко птица силно што колва
едно куче со рунтави уши
што изело цела кофа круши.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото