Збогум 2020!

01.01.2021 23:39

Под земјата бевме,
нѐ притискаше 2020-тото време.

Крвта ни ја шмукаше однатре,
а ние ја испарувавме.

Во одразот на неговото око
раската ни стана греда.

Сѐ што беше угоре високо
а удолу длабоко,

сѐ што беше живо,
а под мембраната сиво,

нѐ тркалаше како бран,
како снежна топка,

како вулканска карпа.
Со свиткани вратови

и трпки во глуждовите,
му принесувавме жртва

на тоа 2020-то време
што не ни чукна,

а најде влез,
дури ние тропавме ли тропавме

за излез.
Учевме да сме, да бидеме.

Не обвинувај нѐ, дете,
немавме отвор ниту оска,

ни камен за глава ни коска.
Пелтечевме пред љубените,

се срамевме, заборававме,
се ведневме пред себе,

никој веќе немаше име,
ни пат ни патоказ.

Тишината - субверзија
беше казна што престап бара.

И течеше гној, течеше крв,
кој последен излезе од него

– тој беше прв, тој беше црв.
Низ неговото дупче,

црвосани, но свои,
сега влегуваме во ново време.

Збогум 2020,
да те нема!

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото