Приказни од шуматa

03.01.2021 13:20
Приказни од шуматa

 

СИКТЕР РИХТЕР

В шума земјотрес се случи,

алармот веднаш се вклучи,

трчаат жирафи, ноеви и армадила,

трча и опуштениот горила в свила,

трча и полжавот сегде што се влече

да чујат бувот што ќе рече:

„Ништо страшно, потрес мал,

ко да граорнал нашиот крал,

ил’ ко слон да се слизнал на банана,

ил’ ко да плукнала малата лама.

Одете си дома, сѐ е в ред,

според скалата на Рихтер не беше ни 5“.

 

 

ДИШИ, НЕ ДИШИ

Славејот има ларингит,

слонот кива од синусит,

кутриот кит има бронхит,

а жабата нема апетит.

Сите животни се настинати,

дур' и медузата од мигрена пати,

а зрелата вкусна аронија

сал зева од инсомнија.

Никој не знае зошто се болни,

со бактерии и вируси полни,

но докторот кенгур, ене го, трча,

во друштво со асистентот хрчак.

„Отвори уста, кажи: аааааа,

диши, не диши, па, па, па...

Значи, да не ве остави кенгур сами,

изгледате ко дупнати барабани.“

Кенгурот веднаш им свари чајчиња

и тие ги испија ко послушни бајчиња.

За ден-два пак ќе трчкаат низ шума,

со тела еластични ко од гума.

 

 

ЈУЛСКА СПАРИНА

В полусон, в полуполз, в полуплив

- животните денес немаат здив.

В полутрч, в полускок, в полулет

- сите ги фатил јулски с'клет клет.

Сладоледи кркаат, се капат в мраз

и едвај, тивко, испуштаат глас:

„Облаку црн, оваа игра не е интересна

- сета шумска заедница е бесна!

Ил' заврни и наполни потоци и реки,

ил' оди си! Ајде, речи нешто - бекни!"

„Добро, ќе си одам", рече облакот црн

и стапна на џиновски црвен трн.

„Оф, леле, ама боли!", облакот заплака

и дождовна солза капна врз малата алпака.

Се сожали таа, му преврза рана

и му донесе ќебе, вода и храна.

Облакот веднаш во неа се вљуби

и наместо громови, засвиреа труби.

 

 

МАЛА ШУМСКА КАРАНИЦА

„Мушички, насекаде мушички!

Од нив нема мир!“ – рече лисицата.

„Остави ги, и тие се душички“

– ѝ одговори прасицата.

„Но в манџа ми влегуваат,

нит’ се собуваат, нит’ свлекуваат,

туку така, сосе влечки и бермуди

и ајде после не ги куди!“

– подвикна лисицата бесно

и се напи млеко пресно.

Прасицата молчеше

и семки толчеше

в дрвен аван

кај лиска на таван.

„Јас мразам носорози,

ноеви и еднорози!

– викна прасицата в бес

и го разбуди рунтавиот пес.

„Мачките се полоши,

вистински олоши!“

– залаја песот Каспер

и в миг заспа.

„Потивко, ве молам,

од вас глава ме боли!“

– се побуни бувот Ставре

и затки в уши навре.

 

ИМАШ ЛИ ОПАШ?

Во шумата има едно тајно катче,

мало, волшебно шумско гратче,

со пуцвал-кози, тророги оси,

џуџести слонови и полноќни роси.

Секој збор изговорен таму има

дрдорлива осека и молчалива плима.

И во волшебното шумско гратче има тајно катче

и тоа катче има катче – ко сестриче ил’ братче.

Таму секоја капка и секоја трошка,

се расклопуваат ко румена матрјошка.

Како се влегува таму? Едноставно: тропаш

и долетува колибри да види дал’ имаш опаш.

Ако немаш - ил’ си робот, ил’ си човек,

ил’ си гнездо, ил’ пештера, ил’ облак мек.

Како и да е, внатре нема да те пуштат.

Ќе ти кажат: „До видување и оставете нè раат!

Ако се вратите, ќе ви пуштиме краби,

пострашни од вештачки бабоајкулски заби!“

Значи: во шумата има едно тајно катче,

мало, волшебно шумско гратче,

со светлечки полжави, ушлести ракчиња,

спринтери медузи и розови лилјакчиња.

Тоа е сè за денес, време е за спиење,

но прво – трчајте сите на заби миење!

 

Слики: Владимир Лукаш

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Графички Дизајн / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Пандалф Вулкански
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото