Валканата тајна на музиката: Цензурата се продава

04.01.2021 00:15
Валканата тајна на музиката: Цензурата се продава

Док Вајнтер сѐ уште се сеќава кога првпат ја слушнал песната „WAP“.

Вајнтер, еден од најпознатите радио водители веќе со децении налетува на безброј експлицитни рап нумери кои треба да ги цензурира за да се пуштат во етерот. Но дури и Вајнтер, директор за хип-хоп и АрЕнБи во гигантот iHeartMedia, бил вџашен од песната „ВАП“, мошне живописна химна за лубрикација која ја изведуваат Карди Би и Меган Ди Сталион. Док ја добил песната за прво слушање непосредно пред објавувањето во август.

„На почетокот веднаш ве удира - леле! - а потоа продолжува и продолжува и продолжува“, вели Вајтнер, кој сѐ уште не може да се соземе од баражната стрелба со сугестивни слики во песната.

„Фала му на Бога што имаме систем за вакви нешта“, се сеќава дека помислил на тоа. „Нешто што ќе спречи вакво нешто да се пушти на радио.“

„ВАП“ стигна на радио, но и на стриминг сервисите, и тоа како. Песната беше на првото место на Хот 100 листата на Билборд четири недели и привлече 1,1 милијарди кликови на стриминг платформите. Се појавија ремикси и мемиња, но и бројни клипови со реакции од налутени родители.

Но без оглед на неинхибираната експлицитност на песната, нејзината популарност главно беше производ на една од најстарите традиции на музичката индустрија: автоцензурата. Пред „ВАП“ да може да стигне на радио, најексплицитните зборови ги истранжирале инженерите на Карди Би.

Успехот на „ВАП“ фрла светло на сите валкани тајни на музичката индустрија: дури и во време на сеприсутна вулгаризација, пречистувањето на поп песните е длабоко вкоренето во работата на уметниците и оние кои се грижат за нивните кариери.

Денес поголем дел од големите хитови кои содржат по некој безобразен збор добиваат и своја цензурирана верзија. Пред неколку децении тоа се правеше за да се избегне политичка контроверза. Сега водилка е бизнисот, зашто етикетите сакаат да привлечат што повеќе кликови и да ги максимизираат приходите од стримување.

Док Вајнтер

„Дефинитивно постои пазар за содржина која е едитирана“, вели Џим Ропо, генерален менаџер на етикетата Republic Records, за која издаваат Дрејк и Аријана Гранде. „Ако сами се отстраните од тој пазар, тоа е како на маса да оставате пари за некој друг.“

Во 1999 година, раперот Џувенајл од Њу Орлеанс ја објави песната „Back That Azz Up“, неговата дискографска куќа знаеше дека песната е премногу ризична за на радио. Затоа направија нова верзија. „Back That Thang Up“, која стигна до 19 место на листата и стана носталгичен фаворит. Во едно интервју Џувенајл се присети дека се согласил на тој компромис.

„Сакав песната да дојде до што повеќе луѓе“, рече тој. „Некогаш мора да се жртвувате кога станува збор за текстот - да не пцуете многу, за да се слушне вашата музика.“

Иако едитирани верзии и натаму се издаваат на многу албуми, постојат и исклучоци. Неодамнешните изданија на уметниците како што се Тревис Скот, Лил Узи Верт, Роди Рич и Тајлер, The Creator, имаа само експлицитни едиции.

Директорите и менаџерите нудат различни објаснувања за оваа неконзистентност. Некои музичари, наведуваат, од принцип се противат на цензурирањето на нивната работа.

Следната причина е структурална: во ера на стриминг, музиката се прави и објавува толку брзо што не останува многу време за некои измени. Таквите албуми добиваат „чисти“ верзии денови или недели после издавањето, а можеби дури ни тогаш.

Гази, основачот на компанијата Емпајр, која главно дистрибуира хип-хоп албуми и синглови, мисли дека индустријата воопшто не ја сфаќа важноста на чистите верзии.

Гази, основачот на Емпајр рекордс

„Тоа е изгубен дел од колачот“, вели тој.

Гази ги набројува сите шанси кои не би постоеле без чистите верзии на песните, како пуштањето на телевизија, но и во рестораните и продавниците. Тука се и онлајн платформите во Азија и на Блискиот исток кои ги блокираат експлицитните содржини. Постоењето чиста верзија може да ја зајакне продажбата на еден албум и за триесет проценти, објаснува Гази.

Во еден клип на Инстаграм, Карди Би рече дека спотот за „ВАП“ користи „цензурирана верзија на песната“ зашто „Јутјуб бил во фазон, чекај, застани, песнава изгледа премногу (пцовка) безобразно“.

Портпаролката на Јутјуб пак вели дека првобитната верзија на „ВАП“ не е против правилата на Јутјуб - меѓу другото, таа верзија постои на Јутјуб во вид на аудио-снимка - и дека компанијата Атлантик доставила само една верзија на песната за спотот, онаа со изменет текст на песната.

Карди Би и Атлантик одбија да го коментираат тоа. Но се чини дека е сосема можно Карди и нејзината издавачка куќа стратешки да сфатиле дека цензурираната верзија ќе донесе најмногу кликови, а дека сите заинтересирани ќе можат да ја најдат и „безобразната“ верзија.

Пред две децении, и Џувенајл го имаше најдоброто од двата света. На албумот се наоѓаше „безобразна“ верзија, а онаа пречистената е издадена како сингл. Но тој наведува дека на концерт секогаш ја изведува нецензурираната верзија.

Извор: New York Times/International Report