Јануари

04.01.2021 12:37
Јануари

Јануари, на латински Ianuarius, го добил името по римскиот бог Јанус. Во римскиот пантеон Јанус е едно од најстарите божества, божество што нема пандан во хеленската митологија. Првично бил почитуван како бог на сите почетоци, премини, јавни капии и куќни порти (Ianus од ianua „врата“, „влез“, „пат“), а подоцна почнал да се почитува и како чувар на светот и на космосот, творец на сè што постои и татко на боговите и луѓето.

Јанус е обично претставуван со две лица, свртени на две различни страни: со едното гледа напред, кон иднината, а со другото - назад, кон минатото. Негови атрибути се клучот, со кој ги отвора и затвора портите, и стапот. Бидејќи бил почитуван како бог на сите почетоци, се верувало дека е присутен секогаш кога ќе се роди дете; секој верски ритуал во Рим, без оглед на тоа на кое божество му бил посветен, прво започнувал со принесување жртви на Јанус; се верувало дека Јанус е одговорен и за почетокот и крајот на сите воени конфликти, па затоа секогаш кога римската војска одела во поход, вратите на неговиот храм на форумот ширум се отворале, а кога ќе се склучел мир, повторно се затворале. Со оглед на освојувачката политика на Римјаните, портите на Јанусовиот храм биле многу ретко затворени.

Јануари не бил отсекогаш првиот месец во календарската година. Во најстариот календар, календарот на Ромул, годината почнувала со март, а завршувала со декември. Јануари и февруари биле додадени во календарот во времето на Нума Помпилиј, наследникот на Ромул, но како единаесетти и дванаесетти месец. Не е познато кога точно јануари станал првиот месец во годината. Според Момзен, тоа се случило во 153 година пр.н.е., кога двајцата новоизбрани конзули за таа година, не ја презеле власта на 15 март, како што било пропишано со закон, туку два и пол месеци порано – на први јануари. Причината за оваа одлука била политичка: за време на Луситанската војна што во тоа време се водела во Хипсанија, војските на двајцата римски конзули биле целосно разбиени од Луситанците. Соочени со овој пораз, Римјаните, за да не губат драгоцено време, донеле одлука да го пратат едниот од двајцата новоизбрани конзули во Хисапнија два и пол месеци порано од што било законски пропишано. Оттогаш натаму едногодишниот мандат на двајцата конзули започнувал и завршувал на јануарските Календи. Календарската година, која дотогаш почнувала на први март, така почнала да се поистоветува со конзуларната година – периодот на владеење на двајцата конзули.
Од Ianuarius се изведени имињата на месецот јануари во многу јазици: во англискиот – January, во германскиот – Januar, во францускиот – janvier, во италијанскиот gennaio, во рускиот – январь, во грчкиот Ιανουάριος...

Старото англиско име на јануари е Wulf-monath „месецот на волкот“. Ова име месецот го добил зашто во јануари волците обично се спуштаат од планините во населените места во потрага по храна. Во многу словенски јазици јануари е студениот или леден месец (белоруски студзень, чешки leden) или месецот во кој, според некои теории, се сечат дрва (хрватски siječanj, украински Січень). Народниот назив за јануари кај нас е коложег – месецот во кој се ложи.

Слика: Јанус со две лица, теракота, ca. II век пр.н.е., Национален музеј на етрурска уметност, Рим

Извор: ΑΡΓΩ

Слични содржини

Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Култура / Историја
Историја

ОкоБоли главаВицФото