Моја Европа: Мобилноста на светот

04.01.2021 13:15
Моја Европа: Мобилноста на светот

 

Извор на текстот: Дојче веле

Вечер е, среде ноември, јас сум во еден од малкуте отворени барови во приморско гратче во Алгарве, Португалија, секако со дистанца и во добро проветрен надворешен дел. Одеднаш слушам свирка. Група од десет жени кои внатре слават моминска вечер бавно реагираат на сигналот на барменот. Една и натаму танцува на маса, другата уште еднаш се врти на шипката. Барменот се труди да ги размести на различни маси (според локалните мерки на една маса може да седат максимално шест лица) и ги влече нивните столчиња на поголемо растојание.

Но, од каде наеднаш толку претпазливост?

Потоа гледам дека човекот со два испружени прста постојано се удира на рамената алудирајќи на тоа дека наскоро ќе помине патрола од униформирани лица.

Откако помина полицијата во бавно темпо, забавата си продолжи. Сѐ до следната патрола.

Овој чуден ритуал може да делува и одбивно. Но, актуелната криза да се сфаќа како глобална катастрофа на која треба да ѝ се спротивставиме колку што може посилно, за мене се вклопува во една одредена претстава за светот во која историјата е редослед од епидемии, војни и катаклизми. Во тој случај, задача на луѓето е да го смируваат хаосот. Полската новинарка Ева Ванат тоа го формулира вака: „Нема свет по пандемијата, само свет меѓу пандемии”.

Мобилност во време на криза

Јас лично не мислам дека светот е воинствен хаос на природните сили. Непостојаноста на светот повеќе си ја замислувам како мобилност на човекот и природата. Од октомври таквата мобилност ја набљудувам од Алгарве. Настрана од нешто повеќе од 400 илјади португалски државјани, тука живеат и околу 150 илјади странци. Дополнително има и други кои „презимуваат” во регионот. Некои не успеаја есеноска да дојдат до тука заради Ковид-19, други пак дојдоа токму од тие причини. На пример: двојка пензионери, поранешен претприемач со холандски пасош, а жената негувателка во детска градинка и физиотерапевт со дански пасош.

Има и Швеѓанец кој евалуира проекти за германска фирма онлајн и сопругата од Мозамбик. Запознав и лице од Ангола кое прави тетоважи, продавачка во пекарница која зборува руски, масерка од Полска, фризер од Бразил и млада жена од Малави која сакала да оди во Велика Британија, но заглавила во локдаунот пролетоска додека транзитирала низ Португалија.

Некои од овие луѓе сметаат дека Европа без граници и во кризата има смисла. Други не се многу исплашени од ситуацијата: го свртеле пола свет и сметаат дека има и други опасности на кои сме изложени и без пандемијата.

Многу од нас таквите луѓе ги гледаат како несреќни исклучоци, аутсајдери во чиј живот нешто „тргнало наопаку”, или бегалци кои насилно биле протерани од татковината. Но, иако несреќата може да биде причина за мобилност, не е единствената. Нели историјата на човекот е всушност многу повеќе историја на мобилност? Мобилност, која ниту се спречува, ниту се контролира?

Да се контролира поривот за контрола

Така некако го сфаќаат тоа овдешните полициски службеници. „Владата се однесува како да може да контролира сѐ”, ми вели во приватен разговор еден од оние кои постојано се во патрола. „Но, што можат тие да направат? Контролираш на една страна, на друга сѐ излегло од контрола. А, што ќе правиме ако ни банкротираат баровите? Треба ли луѓето што работат тука да се иселат во Германија за таму да ја вршат валканата работа? Или без пари и работа да останат тука и да прават уште поголеми проблеми?

Катастрофите, и поголеми и помали, не ја спречуваат мобилноста. Тие нѐ потсетуваат колку малку всушност ние луѓето можеме да ги контролираме нештата. Како ќе изгледа светот по кризата? Ќе може ли да се патува со потврда за вакцинација? Ковид-19 вакцината не е првата која повеќе или помалку го тангира цело човештво. Освен тоа, при патувања на некои места одамна постои обврска за дополнително вакцинирање. Мобилноста не е само привилегијата да се патува со авион, со виза во пасош и полн паричник. Мобилност се и многуте луѓе кои повеќе или помалку, наспроти политичката поставеност на светот, го менуваат местото на живеење. Мобилност често значи и немање пасош (или соодветна виза) и празен џеб. И можеби најважно од сѐ, мобилност е вербата дека светот не е само војни, насилство и катастрофи, туку живот во кој имаш доволно средства да си обезбедиш покрив над главата, нешто за јадење и образование за децата. И ако случајно сум се родил на место каде тоа се чини неможно или каде што едноставно мене лично не ми се допаѓа, да можеш да одиш на друго место. Можам да бидам мобилен. На тоа ни Ковид-19 долгорочно нема да смени многу.

Катастрофа како фетиш

Ако заборавите колку е непредвидлив светот, лесно може да бидете хипнотизирани од слики на катастрофи. Колку ни е посилна вербата дека можеме да ја контролираме мобилноста на животот, толку ни е поголемо разочарувањето кога ќе забележиме дека тоа не е возможно. Ова разочарување ѝ дава призвук на насилство и хаос на реалноста, кои требало да се скротуваат. На крајот никој не знае каков е навистина светот. Но, фетишот за катастрофи доведува до лекомислено разочарување и демонизирање на луѓето кои ја користат мобилноста. И во случај некој да се интересира: не, во декември бројките на Ковид-заразени во португалскиот крајбрежен град не експлодираа. Напротив, значително се намалија.

Но, тоа е сосема друга приказна.

Станислав Штрасбургер е писател и менаџер во културата. Неговиот последен роман „Трговец со приказни“ на германски јазик се појави во 2018 година (во 2009. на полски, а во 2014. на арапски јазик). Авторот е роден во Варшава и живее на релација Берлин – Варшава и различни медитерански градови. Исто така е член на Советот на здружението „Хуманисто Солидарио“. Овој текст е продолжение на неговиот фељтон на полски јазик за Радио Козмо.

Слики: улична уметност, Алгарве, Португалија