Кога светот се плашеше од епидемија од месечината

05.01.2021 14:03
Кога светот се плашеше од епидемија од месечината

 Во мај 2020 година, додека многумина од нас собираа храна и се затвораа дома за да го избегнат првиот бран од пандемијата на Ковид-19, американските астронаути Роберт Бенкен и Даглас Харли влегоа во карантин. За две недели требаше да полетаат кон меѓународната вселенска станица – но засега, чекаа.

Карантинската програма на НАСА започнала со Аполо 11: првото месечево слетување. Нил Армстронг, Баз Олдрин и Мајкл Колинс влегле во карантин три недели пред полетувањето во јули 1969. И тогаш исто така имало пандемија, преизвикана од вирусот H3N2, од кој до јули починале илјадници луѓе.

Сепак, за оние во НАСА, примарната цел на карантинот не била заштита на астронаутите во вселената, туку спречување да се донесе некаков месечев микроорганизам назад на Земјата. Колку и да делува тоа неверојатно од денешна перспектива, во летото 1969 година, милиони Американци биле загрижени дека астронаутите ќе предизвикаат епидемија од месечината на Земјата. Научници, бирократи и инженери на Владата и на поголемите универзитети во САД со години се подготвувале за таквата можност. Тоа бил само еден од можните исходи по враќањето од мисијата. „Ако случајно фатеја нешто пред летот, немаше да можеме да ги убедиме луѓето [после мисијата] дека не се работи за месечев организам“.

Три вработени го испитуваат најголемиот месечен камен донесен од месечината од астронаутите од Аполо

Никој со сигурност не знаел дали површината на месечината навистина била толку мртва колку што изгледа. Некои научници шпекулирале дека таму животот еволуирал паралелно со животот на Земјата. Младиот Карл Саган предупредувал дека веднаш под површината можело да се кријат микроби кои би претставувале закана за астронаутите. Така, НАСА осмислила строга карантинска процедура за астронаутите по нивното враќање на Земјата, во чие средиште се наоѓал огромен комплекс, Лабораторијата за дочекување од месечината (Lunar Receiving Laboratory (LRL)) која требало да ги заштити камењата земени од месечината од контаминација на Земјата и обратно, да превенира астронаутите, камењата и вселенските летала да ја контаминираат Земјата.

НАСА ја известувала јавноста дека нивните исцрпни подготовки не оставаат ништо на случајноста. Всушност, тоа било далеку од вистината – секој дел од карантинската процедура евентуално подлегнал на катасрофални прекршувања што сигурно би ја подложиле Земјата на месечеви микроорганизми, кога овие би постоеле.

Карл Саган, додека се’ уште студирал на Чикашкиот Универзитет, учел за историјата на пренесувањето на болестите од историчарот Вилијам Мекнил. Четири години по последната Аполо мисија Мекнил објавил пионерска книга, „Чумите и луѓето“ (Plagues and peoples) каде ја проследил исплетканата историја на човековите заедници и болестите од кои биле повлиајени. Имено, европските истражувачи редовно пренесувале смртонони евроазиски патогени на населенија без отпор или имунитет, така убивајќи милиони. Поретко – и контроверзно – донесувале патогени во Европа. За Саган, постоела мала шанса историјата да се повтори, овојпат од буквално астрономски размери.

Сепак, најлошото сценарио било уште пострашно. Организмите што делувале безопасно на месечината, во контакт со многу побогатите услови за живот на Земјата, би можеле да ги „надраснат“ земјините форми на живот, евентуално уништувајќи ја целата биосфера. Врската помеѓу човековата добробит и здравата околина - основата на движењето за животната околина во 1960-ите - сега станувала застрашувачки јасна.

Научниците се согласиле дека не постоела процедура ниту технологија која би ги елиминирала сите организми закачени на вселенското летало. Затоа, најважно било да се превенира бегство на организмите додека не би се развила вакцина. Единствениот начин за тоа било се’ вратено од месечината да се стави во карантин – и астронаутите и камењата и леталото. Карантинот морал да трае барем три недели, а за да се осигура дека месечевите микроби не можеле да ја контаминираат биосферата, дел од бесценетите месечеви камења требало да бидат смелени и изложени на растенија, животни и примероци од ткиво. Изградбата на капацитети со кои би се остварила ваквата детална превенција никогаш дотогаш не била ниту замислена.

Лабораторијата за дочекување од месечината во Хјустон

По повеќе од една година бирократски преговарања, планерите во НАСА се договориле за дизајн на лабораторија од речиси 8000 квадратни метри, која би чинела речиси 75 милиони долари за изградба, 60 милиони за екипирање и повеќе од 13 милиони годишно за оперирање.

Со поддршка од Јавниот здравствен сервис (Public Health Service (PHS)) НАСА го убедиле скептичниот Конгрес дека програмата Аполо не можела да продолжи без новата Лабораторија. И покрај тоа, Конгресот го одлагал префрлањето на средствата се’ до август 1966, кога преостанале точно три години пред планираното прво слетување на месечината. Тоа значело дека најкомплексниот научен капацитет некогаш изграден требало да биде готов за само 16 месеци, за да остане време за екипирање со опрема, персонал, тестирање и сертифицирање на комплексот.

Набрзо се разгориле тензии помеѓу геолозите и хемичарите кои сакале да ги проучуваат месечевите камења, и биолозите кои сакале да ја заштитат земјината биосфера. Така, геонаучниците инсистирале воздушниот притисок во капацитетот да биде повисок од оној надвор, за воздухот природно да се движи нанадвор и да спречи Земјина контаминација на камењата. Но, тоа би овозможило и месечевите микроорганизми да избегаат. Затоа бионаучниците барале понизок притисок внатре во објектот, за воздухот да тече навнатре и кон камењата. Кога вториве „победиле“ геонаучниците биле бесни.

Лабораторијата за дочекување од месечината била изградена со чудесна брзина, но до летото 1968, на само една година пред Аполо 11, не било разработено како да се тестира и сертифицира за употреба. Тој декември, хемичарот Џон Хоџ повел инспекциски тим кој идентификувал 140 слабости. Лабораторијата не била ни одблиску готова.

Вработените во НАСА се бореле соодветно да одговорат. Сепак, брзањето да се тестираат капацитетите водело од една катастрофа во друга. Најлошите потфрлања биле во крилото за биолошко тестирање, каде повеќе од 100 видови растенија и животни требало да бидат доведени во контакт со месечева прав. Во февруари 1969 преку расипан филтер бил ослободен пробен контаминатор на паркингот. Растение одгледано во „супер-чиста изолација“ умрело од габична инфекција. Глушец „заштитен од бактерии“ умрел за помалку од половина час од паразитска инфекција. За време на една симулација во март, секоја лабораторија во објектот имала некаков неуспех. Секој глушец умрел. Еден астробиолог од НАСА изјавил дека дури и „рутинската апаратура не работи соодветно“.

Раководителите во НАСА ветувале промени. Во меѓувреме тие брзале да регрутираат персонал. На крајот, во Лабораторијата биле потребни околу 200 техничари кои требало да работат покрај стотина вработени во НАСА и визитинг-научници.

Првите примероци месечев камен и прав при транспортот во Лабораторијата

За да работат во Лабораторијата техничарите морале да се согласат дека немало да се обидат да го напуштат карантинот доколку биле изложени на контаминатори од месечината, и дека нивните блиски нема да ги бараат телата во случај на смрт. Во случај опасен месечев организам да ги пробиел внатрешните бариери на Лабораторијата со ризик да избега, НАСА развиле нејасен план вооружени стражари да ги запечатат капацитетите и можеби дури и да ги закопаат под планина од земја и бетон.

Механизмите за заштита, осмислени од Интра-агенцискиот соватодавен комитет за заштита од контаминација, биле дизајнирани околу најсмртоносниот идентификуван патоген: Yersinia pestis, бактеријата што а предизвикува Црната чума. Тоа било прилично бизарен избор. Се работи за комплексна бактерија, високо респонсивна на условите во околината и адаптирана на многу специфичен организам: Xenopsylla cheopis, тропска болва. Yersinia pestis се пренесеува зоонотично од болви на луѓе – токму оној вид трансмисија што бионаучниците не го предвиделе за месечевите микроорганизми; дополнително, овој микроорганизам не произведува спори што би им биле од помош на бактериите да преживеат близу месечевата површина.

Затоа Хоџ предложил употреба на друг патоген за тестирање на Лабораторијата: Coxiella burnetii, ситна бактерија што предизвикува Q-треска кај луѓето. Бидејќи формира спори таа е отпорна на експтреми во околината. Оваа бактерија е високо инфективна, може да го разболи домаќинот со помалку од 10 индивидуални бактерии, и лесно се шири преку аеросоли. Значи, Хоџ сфатил дека не било важно колку бил смртоносен патогенот кој се користел за дизајнирање и тестирање на Лабораторијата, туку колку лесно можел да ги пробие пречките и да издржи под лоши услови.

Раководителите во НАСА силно се спротивставиле на идејата Лабораторијата да се тестира со жив, штетен агент, и дури и Комитетот дал препорака против тест кој би можел да разболи илјадници, вклучително и клучни вработени во НАСА во пресрет на првото месечево слетување. Тоа бил преголем ризик за програмата Аполо.

Се’ до 1968 јавноста не се интересирала многу за напорите на НАСА да превенира контаминација. Тогаш, во летото 1968, нов вирус на инфлуенца, H3N2, се појавил во југоисточна Азија и се претворил во пандемија. Во САД од ноември до февруари починале околу 100 000 лица. Најранливи биле постарите од 65.

Заедно со растот на вистинската пандемија, кон крајот на 1968, започнале да се јавуваат прашања во јавноста за „чума од месечината“, но она што особено било популарно во јавноста била книгата бестселер „Заканата од Андромеда“ (The Andromeda Strain) од Мајкл Крихтон. Во овој трилер научниците се борат да воспостават контрола врз смртоносен патоген во установа која авторот експлицитно ја моделирал според Лабораторијата за дочекување од месечината на НАСА. Илјадници исплашени Американци праќале писма до НАСА, повеќето изразувајќи страв, чувтство кое денес ретко го поврзуваме со слетувањата на месечината.

Научници во Лабораторијата за дочекување од месечината во одделот за биолошко тестирање

НАСА внимателно работела на својата слика во популарните медиуми уверувајќи дека активно работи на подобрување на процесите. Наспроти тоа, Интра-агенцискиот советодавен комитет за заштита од контаминација дотогаш идентификувал сериозни грешки во карантинскиот протокол дизајниран од НАСА. Според протоколот, капсулата што требало да ги врати астронаутите на Земјата требало да биде целосно запечатена при влезот во Атмоферата. По паѓањето во Тихиот океан требало да биде натоварена на авион, каде низ непробоен тунел астронаутите би се префрлиле во мобилен капацитет за карантин. Во случај на грешка, авионот би останал на море неопределено време.

Потоа астронаутите и капсулата би биле спуштени во Перл Харбор, пренесени во база во Хјустон и одвезени во Лабораторијата, каде низ уште еден непробен тунел би влегле во карантин. Доколку авионот што ги превезувал се урнел, НАСА планирале локацијата да ја стават во карантин.

Сепак, неочекувано за некои членови на Комитетот, на само неколку преостанати месеци, претставниците на НАСА одлучиле дека запечатување на капсулата можело да ги задуши астронаутите или дури и да ги удави при падот во океанот. Единственото решение било да се овозможи вентил во капсулата и потоа да им се дозволи на астронаутите да излезат штом бидат на море. Според НАСА, најважна била безбедноста на астронаутите.

Вишник сметал: „Јасно е дека програмата Аполо се движи со незапирлива брзина, и овој неодолив прогрес е искористуван за да се игнорираат сите непријатни ограничувања... на карантинската програма“.

Недели пред лансирањето, НАСА се согласиле на нов план. Астронаутите сега требало да го деконтаминираат вселенското летало и да ја избришат месечевата прав користејќи вакууми и филтери.

Саган и молекуларниот биолог Сајрус Левинтал идентификувале уште посериозна греша. Планот на НАСА предвидувал дека карантинот во Лабораторијата смеел да се прекрши при итен медицински случај. Иронично, ако астронаут навистина многу се разболел од месечев микроб, тој би бил отстранет од карантин и би бил донесен во болница. Тоа би било идеален начин да се започне епидемија.

„Добредојдовте дома од месечината“: илустрација од The Saturday Evening Post од 2 ноември 1968 која ги претставува плановите на НАСА за враќање на астронаутите.

На 20 јули 1969 Баз Олдрин и Нил Армстронг се спуштиле во Морето на спокојот. Кога се вратиле назад во леталото вадејќи ги шлемовите помирисале месечева прав: според Армстронг, имала мирис на „влажна пепел“, или, според Олдрин, „мирисот на воздухот после пукната петарда“.Правта ја имало насекаде. Ја иритирала кожата и била толку истрајна што двајцата астронаути таа вечер спиеле во шлемови и ракавици. Невозможно било да се отстрани сета прав. Да имала во себе микроби, астронаутите лесно ќе се инфицирале. Тоа бил само првиот од многуте пропусти и стравови.

По враќањето на Земјата, каде биле пречекани од претседателот на САД Ричард Никсон и неговата делегација (кои во случај на проблем биле подготвени да се евакуираат), астронаутите нашле солена вода во заштитната облека, што било доказ дека протекла.

Потоа, кратко откако астронаутите го започнале тринеделниот карантин, Тери Слезак, фотографот на НАСА и повремен оперски пејач, допирајќи футрола за филм вратена од месечината забележал дека на дланката му останало нешто „многу црно... како графит“. Тоа било месечева прав. Слезак и уште петмина изложени им се придружиле на астронаутите во карантин.

Тери Слезак ја покажува месечевата прав на дланката пред да влезе во карантин, 25 јули 1969

Според извештаите следеле уште грешки: протекување на торби кои содржеле примероци од месечината, скинати ракавици од заштитните одела, протекување на гас во тоалетите во Лабораторијата, промени во притисокот во вакуумските простории. До 6 август веќе имало 19 луѓе во карантин, вклучувајќи ги астронаутите и помошниот персонал. НАСА овие информации главно ги криела од јавноста.

Астронаутите да собрале некаков месечен патоген на месечината, тој ќе избегал како резултат на овие грешки.

Најзначајните резултати добиени од биолошките тестови биле дека растенијата растеле побрзо кога биле изложени на месечева прав. Дури и ваквите неочекувани увиди допреле до насловните страници, и претставниците се труделе да потенцираат дека тоа не било доказ за влијание на непознати месечеви организми. Хранливите материи во месечевиот прав немале претходно сретнато вода, па затоа гладните растенија лесно можеле да ги апсорбираат.

Растенијата побрзо растат кога се изложени на месечева прав

Во летото 1970 година, на камерата од леталото Surveyor 3 кое било пратено да ја истражува површината на месечината биле пронајдени бактерии – токму она од што се плашеле. Дополнителни тестови откриле дека се работело за Streptococcus mitis – добро познат бенигнен вид бактерија која живее во човековиот респираторен систем. Во тоа време, научниците заклучиле дека веројатно некој техничар ја контаминирал камерата дишејќи кон неа, пред да биде пуштена во вселената. Наместо да еволуира во нешто позаканувачко, како што предвидувал Крихтон, бактеријата изгледа преживеала на месечината без да се промени. „Секогаш си мислев дека најзначајната работа што ја пронајдовме на целата месечина беше таа мала бактерија која се врати оттаму и преживеа и никој не го ни забележа тоа.“, рекол Конрад. Истражувањата оттогаш покажале дека бактериите можат да преживеат со години во вакуумот на вселената.

Сега е јасно дека, да постоеле патогенски бактерии на месечината, НАСА немало да не’ заштити од нив. Астронаутите можеле да бидат инфицирани; бактериите можеле да се ослободат од капсулата Аполо или во Тихиот океан; бактериите можеле да излезат од Лабораторијата. Тоа немало врска со способноста на вработените во НАСА, туку со фактот дека биле принудени да се зафатат со невоможна задача.

Денес, Наса, Европската вселенска агенција и Националната вселенска агенција на Кина подготвуваат роботски миси што треба да донесат примероци од Марс, планета на која има многу поголема веројатност да содржи микробиолошки живот отколку месечината. Мистериите околу исклучително комплексната атмосфера на Венера исто така поттикнуваат планови за мисии за земање примероци.

Во јули 2020 НАСА објави директива во која се дефинирани обврските за заштита на Земјата од контаминација од Марс. Сепак, историјата на месечинскиот карантин укажува дека можеби не би било можно да се задржат штетни микроби од Марс или Венера, штом пристигнат на Земјата. Ако нешто научивме од Ковид-19 тоа е дека имаме помала контрола врз микробиолошките светови отколку што мислиме.

Мајкл Колинс, Баз Олдрин и Нил Армстронг се релаксираат внатре во мобилниот капацитет за карантин.

Извор: aeon.co

Слични содржини

Наука / Технологија / Живот
Свет / Наука
Свет / Наука / Историја
Книжевност / Наука / Историја
Општество / Наука / Историја

ОкоБоли главаВицФото