Повеќе од три милијарди луѓе во светот се погодени од недостаток на вода

06.01.2021 00:12
Повеќе од три милијарди луѓе во светот се погодени од недостаток на вода

Денес околу 3,2 милијарди луѓе живеат во подрачја со недостаток на вода, од кои 1,2 милијарди, што е речиси една шестина од светската популација, живеат во подрачја во кои достапноста на водата е мошне ограничена, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации.

Од 1,2 милијарди луѓе колку што се соочени со голем недостаток на вода, речиси половина живеат во Јужна Азија, а околу 460 милиони во Источна и Југоисточна Азија.

Во однос на снабдувањето со вода ситуацијата е особено сериозна и во северна Африка и западна Азија, каде количината слатка вода по жител опадна за повеќе од 30 проценти и каде просечната годишна количина достапна вода по личност едвај достигнува 1000 кубни метри, што се смета за праг на сериозен недостаток на вода.

Како што наведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, главни причини за недостаток на вода се растот на населението и општествено-економскиот развој, зашто водат кон зголемена побарувачка за овој природен ресурс.

Последиците од климатските промени, како што се променетиот режим на врнежи и достапноста на водата, дополнително ги влошуваат овие фактори. Во тој контекст, глобално гледано, годишното количество расположливи слатководни ресурси по личност опадна за повеќе од 20 проценти во последните две децении.

Исто така, во денешно време, растечките приходи и урбанизацијата доведуваат до зголемена побарувачка на вода во секторите индустрија, енергија и услуги, а доаѓа и до промена на начинот на исхрана, каде се подразбира поголема побарувачка за храна која содржи многу вода, како што се месото и млечните производи.

Ваквата слика има повеќекратно негативно влијание врз животот на планетата. Заради недостатокот на вода, луѓето од погодените подрачја не само што се оневозможени да се занимаваат со земјоделство, туку директно е загрозено и здравјето на животните и луѓето.

Заради сето наведено, Обединетите нации предупредија дека, како резултат на неуспех во зачувувањето на водените ресурси и ублажувањето на климатските промени, во иднина милијарди луѓе би можеле да бидат соочени со глад, како и да се очекуваат недостатоци на храна.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографија: Mustafah Abdulaziz

Извор: The Guardian