Кратка историја на субверзивните танци

09.01.2021 12:40
Кратка историја на субверзивните танцови

 


Минатиот месец пристигна необична вест дека брејкденсот, со одлука на Меѓународниот олимписки комитет, од 2024 година ќе стане олимписки спорт, како резултат на успехот што натпреварувањето во брејкденс го постигна на Летните олимписки игри на младите во Буенос Аирес 2018, кога двобоите на танчарите беа проследени од дури 30 000 гледачи. Светската федерација на спортскиот танц очекувано го поздрави ваквиот развој на настаните, меѓутоа многу танчери и танцувачки групи сметаат дека влезот на брејкденсот во мејнстрим круговите ќе ја отапи неговата острица и дека ќе направи да го изгуби својот уличен карактер и автентичност. Како и да е, нам овој настан ни се чин како фина прилика да прошетаме низ историјата на танците кои предизвикувале а и понатаму предизвикуваа контроверзии и вонемирување за поконзервативните делови од општеството.

Брејкденс, или брејкин, името под кое ќе се појави на Олимпијадата, е еден од хип-хоп танците, движење настанато во раните седумдесетти во Њујорк помеѓу африканско-американската и латино заедницата. Арика Бамбата, активистот и Ди-Џеј, со малку претенциозна титула „Амон Ра на хип-хопот“, вели дека брејкденсот настанал по примерот на танцовите движења на Џејмс Браун при изведувањето на песната Get on the good Foot. Собрани на улични журки почнале да ги имитираат тие движења а локалниот Ди-Џеј херој Клајв Кембел, попознат како Ди-Џеј Кул Керц, забележал дека на танчарите посебно им се допаѓаат инструменталните делови од песните, па започнал на двата грамофона да ги повторува само тие фрагменти – брејкови. На уличните танчери и на собраната публика тоа многу им се допаднало па така се родил брејкинот. Меѓународната популарност настапува по излегувањето на филмот „Breakin’“на Џоел Силберг од 1984 година, во кој се појавувале раните херои на движењето Ајс-Ти и Мајкл „Бугалу Шримп“ Чејмберс.

По низа контроверзи кои хип-хопот и со него брејкденсот ги предизвикале со својот општествен активизам а подоцна и со појавата на изразито политички ангажираните Паблик енеми или Гангста рапот со неговата, според многумина, глорификација на уличните банди, насилството и мизогинијата, вклучувањето на брејкденсот на Олимписките игри делува и малку иронично, па би можело да се протолкува како уште еден доказ дека и закоравените бунтовници и противници на системот често се случува да подлегнат на магиите и меката прегратка што ги нуди.


Канкан, ламбада, гламоч

Ако ги наброиме видовите танци што предизвикувале бурни реакции на пуританците, црквата а понекогаш и на државните органи, ќе не’ изненади должината на таквиот список.

Тука се вбројува разузданиот канкан, кој во својата рана доба на игранките на работничката класа на Монпарнас во 30-ите години на 19 век, дури дури се викал и Скандалозен канкан. Тогаш се танцувало во парови, а дури танчарката Селест Могадор околу 1850-та ја осмислила верзијата во која танчарките настапуваат во еден ред свртени кон публиката, како што денес ја знаеме оваа игра. Канканот одамна е само малку пластифицирана туристичка атракија без никаква острица, но во својата златно доба на Тулуз Лотрека и Мулан Руж, тој претставувал ода на дивата животна енергија и радоста на незаузданото забавување по клубовите на Париз. Можеби и најубавата посвета на овој магичен танц ја дал Џон Хјустон во оскаровецот „Мулан Руж“ од 1952 година во сјајно режираната танцова секвенца на овој филм.

Потоа, озлогласената ламбада - провокативниот бразилски танц особено популарен за време на 80-ите. Ламбадата на таквото реноме може да му се заблагодари, меѓу другото, и на истоимениот спот на групата Каома во која гледаме помало момче, очигледно малолетник, и за глава повисоко девојче, кои изведуваат навистина за нивна возраст малку непримерни движења.

И овие наши краеви, оптеретени со тешката тежина на историјата, дале свој придонес кон богатството на игри со подлабок општествен контекст.

Таканареченото глуво оро, народна игра на луѓето од Динарскиот масив која се танцувала без музичка придружба, од кои најпозната е Глувото гламочко оро, настанувањето и формата ги должело на потребата на народот да продолжи со својата танцувачка традиција во околности во кои воопшто не сакале да го привлечат вниманието на различните, најчесто окупаторски војски во нивните краишта. Затоа се танцувало во тишина, удирајќи со нозете по земјата, под команда на ороводецот и по ѕвечкањето на дукатите од ѓерданот на танчарката. Принудени сме, неволно, на оваа малку романтична слика да го додадеме и податокот дека тие ора многу често се играле така што во нив останувале само немажените девојки кои танцувале до изнемоштеност а најиздржливата меѓу нив, онаа која последна ќе останела на нозе, стекнувала најголеми изгледи за мажење.


Танц на копнежот и надежта

Нема да пропуштиме ниту барем да го споменеме тангото, прекрасниот танц настанат во мешавината на народот, јазикот и ритмовите околу реката Плате, во сиромашните делови на Буенос Аирес и Монтевидео. Го танцувале и страсно го сакале прво робовите и мигрантите од Европа, а потоа и буквално целиот свет, а со иста таква страст го забраниле прво црквата, природниот непријател на се’ убаво и слободно, па потоа и пучистите од воената хунта. Војниците, поповите и други од разни земји и времиња, на кои тангото им пречело поради неговата сензуалност, би биле многу полоши да го знаеле она што ни го открила сјајната глумица и сериозна тангера Соња Колачариќ – дека тангото, наспроти прилично вреженото мислење, не настнало во јавните куќи, туку во пристанишните квартови на Буенос Аирес каде често мажите го играле меѓусебно. Имигрантската популација, меѓу која настанало тангото, била претежно машка и во тоа време било многу тешко да се најде партнерка за танц. Затоа мажите се труделе да ги усовршат своите танцувашки вештини едни со други, надевајќи се дека така ќе имаат повеќе шанси да ги импресионираат девојките во ретките прилики кога можеле со нив да затанцуваат. Изгледа дека неслучајно се вели дека тангото е танц на копнежот и надежта.

Често се случувало и државата да препознае опасности што би можеле да произлезат од движење на телото на музика, па забележана е низа случаи на примена на законски мерки со кои се овозможувало одредени општествено прифатливи движења да останат, а оние сомнителните и дестабилизирачките да бидат искоренети. Така, ваквата историја никако не може да мине без ноторниот негативец и главниот виновник за моралниот пресврт на општеството во втората половина од дваесеттиот век – рокенролот, секако. За таа негова улога се испишани многу страници а би можело да има и многу повеќе, па овде наведуваме само неколку примери кога проблемите биле предизвикани од рокенрол-танцот, а не од музиката.

На почетокот на јуни 1956, властите упаднале на забава во околината на Санта Круз и ја прекинале забавата, а заменик-шерифот Ричард Овертон, во својот извештај навел дека во таа прилика затекнал ситуација во која „собраните биле впуштени во сугестивни, стимулативни и мачни движења предизвикани од провокативните ритмови на бендот составен исклучиво од црнци“, Веројатно под притисок на ваквиот жив опис, властите итно забраните слични журки во Њу Џерси и во Сан Антонио. Во тие години шоуто „Ед Саливан“ е сметано за најважна отскона даска за младите поп и рок изведувачи и настапот во таа емисија бил сметан за многу важен чекор во кариерата. Останало запомнето дека после два настапа на Елвис Присли во споменатата емисија, после кои било проценето дека гледачите едвај ја преживеале провокативноста на неговиот танц, посебно движењата со колковите и колената, било одлучено за време на третото гостување да го прикажуваат само од појасот нагоре.


Државата против танцот

За жал, има и многу позлокобни примери. Така, германскиот Рајх, по строгиот морал на Адолф, забранил емитување на свинг и џез на радио и преземал мерки за потиснување на танцовите клубови со таа музика, сметајќи дека нејзините корени се неариевски, „дивјачки и примитивни“, како што тоа прецизно го формулирал Јозеф Гебелс, министерот за пропаганда и по она што може да се чуе во лекарските кругови, во повеќе наврати таен пациент на Клиниката за ментално здравје во болницата Каролинска во Стокхолм. И покрај забраните па и прогоните кои се засилиле на почетокот од војната, на северот од Германија во Хамбург и подоцна во Берлин, доаѓа до малку неочекуван вид отпор. Ученици и студенти, припадници на претежно повисоките класи на хамбуршкото општество, се обединиле во 1939 година во Свингјугенд, неформална група на љубители на свингот.

Тие својата приврзаност кон антинацизмот, демокатијата и западниот начин на живот ги демонстрирале преку организирање танцови вечери, размена на џез и свинг плочи, заедничко слушање западни радио-станици и специфичен моден стил. Го усвоиле името Свингјугенд, како ироничен одговор на Хитлерјугенд, организција на млади нацисти, а надвор од Германија биле познати под името The Swing Kids of Hamburg. Момците носеле англиски кратки капути, чевли со дебел ѓон, подолга коса и без оглед на временските прилики обврзен чадор преку раката, а девојките, кратки здолништа, дречава шминка и распуштена коса. Ја користеле секоја прилика да се потсмевнат на Хитлерјугенд и идеологијата на нацизмот а реакцијата на режимот биа брутална. Во рациите од 1941 година биле уапсени повеќе од 300 припадници на Свингјугенд, некои биле поблаго казнети, со присилно шишање и обврзно одење на училиште со придружба, но многу од нив биле пратени во концентрациони логори. Сепак, на изненадување на Хајнрих Химлер, оваа репресија не довела до гасење на групата туку напротив, до појава на слични движења и во другите германски градови. Наспроти сите напори на режимот, свингот бесно се играл во нацистичка Германија се’ до падот на Берлин.

Свинг децата на Хамбург имале свој пандан во Советскиот сојуз, за време на владеењето на пијаниот пекар, како што Фелини го нарекувал Сталин. Се викале Стиљаги, и слично како и нивните истомисленици од Германија, организирале собири на кои танцувале на свинг и буги-вуги, а негувале и сопствен стил на облекување. За време на педесеттите го откриле рокенролот и бидејќи не постоела никаква можност да дојдат до доволно копии на винилски плочи, откриле единствен и навистина ингениозен начин да го решат тој проблем. Од болниците земале отфрлени рендгенски снимки и на нив, со помош на преправени стари машини за режење музика на цилиндри со восок, копирале рокенрол плочи. Рендгенската снимка со изрежена музика ја сечеле во кружен облик а на средината со цигара прогорувале отвор, и така настанала индустријата Музика на ребра, што било сосем адекатен назив. Таквите плочи со изненадувачки пристоен звук со оглед на околностите, започнале да кружат буквално во милиони, се’ додека во 1960 државниот апарат не заклучил дека таквото однесување може да доведе до пад на болшевизмот и презеле адекватни мерки, што само ја заврстило позицијата на Стиљагите на врвот на листата на најхрабри и најдосетливи борци за правото на слободен танц и на живот во слобода.

Традициите на Хитлер и Сталин и денес продолжуваат да живеат на разни места па така во 2018 година во слободарскиот Иран гимнастичарката Мадех Хожабри и поголем број мажи и жени биле уапсени откако независно едни од други се снимиле како танцуваат на музика во своите станови и снимките ги поставиле на Инстаграм. По апсењето биле принудени во телевизиска програма да упатат извинување поради своите постапки. Мачните снимки од тие извинувања се потсетник дека борбата не е ни делумно завршена и дека многу општества кои наизглед ги решиле проблемите на слободата на изразување и човековите права им е доволен само мал чекор за одново да се слизнат во мрак. Прашајте ги нешто околу тоа и жените во Полска, новинарите во Турција, опозиционерите во Русија и секој жител на Хонгконг.

Рита Хејворт во „Салома“ (1953)

Салома и Иштар

Сепак, основачката на контроверзните танци ни доаѓа од длабокото минато, а нејзини одеци имаме и денес на неочекувани, профани места. Се работи, секако, за танцот со седум велови на Салома. Како што Марко, Матеј, и доста подетално Оскар Вајлд, ни раскажуваат, тој танц го довел Јован Крстител до брутална смрт. Матеј и Марко ни даваат само штури информации – Салома танцува, нејзиниот очув Ирод е одушевен, ѝ веува награда, а таа, на наговарање на мајка ѝ, ја бара и ја добива главата на Јован Крстител. Оскар Вајлд, не можејќи против себе и својот драмски талент, на тој заплет додава и пресврт – Салома е заљубена во Јован и бидејќи овој ја одбива, му се одмаздува барајќи ја неговата смрт, а нејзиниот очув Ирод, воодушевен од неа и од нејзиниот танц, ѝ ја исполнува желбата.

Перформансот на Салома своето име го должи на дидаскалиите во делото на Вајлд во кое стои – „Салома го изведува танцот со седумте велови“, а истото име подоцна е вклучено и во истоимената опера на Штраус. Иако Вајлд никаде не навестува дека тој танц подразбира и отстранување на еден по еден вел, како што тоа суверено и незаборавно ни го демонстрираше Рита Хејворт во „Салома“ на Вилијам Дитерле од 1953 година, многу автори во личноста на Оскар Вајлд наоѓаат, мораме да признаеме, не сосем втемелено оправдување за својата теза дека големиот писател всушност во главата имал некој облик на стриптиз. Обри Бирдсли, илустратор, и дел од уметничката околина на Вајлд, отишол подалеку и на своите илустрации ја прикажува Салома со откриени гради како изведува стомачен танц. Иако звучи малку екстремна, оваа идеја не е без преседан – првиот документиран стриптиз во историјата го извела месопотамската божица на љубовта Иштар на патот во подземниот свет со цел да го спаси својот сопруг Тамуз.

Извор: Vreme

 

ОкоБоли главаВицФото