Англофоните наслови во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ (1)

09.01.2021 16:41
Англофоните наслови во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ (1)

Во периодот меѓу 2008 и 2016 година министерствата за култура и образование на Република Македонија се впуштија во остварување грамадни книгоиздателски преведувачки проекти, меѓу кои беше и едицијата од 560 тома „Sвезди на светската книжевност“. Целта на ова истражување беше да ги евидентира преведените англофонски наслови во едицијата и да ги анализира основните карактеристики на насловите вклучени во едицијата, а тоа се самиот наслов (преведеното дело или збирка), авторот на насловот, издавачката куќа, преведувачот на насловот, како и авторот на поговорот. Анализата ги зема предвид векот на издавање на насловот/делата, жанрот, литературниот вид, родот на авторот на насловот, преведувачот и авторот на поговорот и потеклото на авторот, а прави и вкрстување меѓу преведувачот и издавачката куќа, преведувачот и жанрот, како и авторот на поговорот и жанрот на насловот.


1 Вовед

Постои една често повторувана мисла во нашата култура, дека македонските преводи не чинат и дека во отсуство на поранешните српско-хрватски преводи, во нашата земја веќе нема што да се чита. Неслучајна е оваа предрасуда кон македонските книжевни преводи: културната доминација на српско-хрватскиот јазик и издаваштво за времето на Југославија, недостигот на книжевно-преведувачка традиција, како и лексикографски изданија и други извори што би можеле да помогнат во процесот на преведување, играа улога во создавањето на оваа слика. Но, постои и уште еден битен фактор за ваквото поимање на состојбата во книжевниот превод, а тоа е недостигот од истражувања и критика од оваа област. Впрочем, недостигот од увид во состојбата на дотогашните книжевни преводи што постоеле, оневозможи создавање стручна дебата, кога Владата на Република Македонија, во периодот од 2008 до 2016 година, распиша тендери и објави преводи на стотици дела во рамките на неколку едиции, со што направи извесен светски преседан во областа на книжевниот превод, со оглед на обемот на опфатени дела. Оттаму, фондот на преведената литература на македонски јазик значително и молскавично се зголеми, оставајќи зад себе низа прашања за преведените дела поврзани со нивниот избор, квалитет, достапност и, конечно – цел. 

Со оглед на тоа што во македонската научна мисла единствено истражување кое овозможува увид во преведените дела од светската книжевност на македонски јазик меѓу 1945 и 1990 година е од Анастасија Ѓурчинова и Соња Стојменска-Елзесер, објавено во 1992 година, решив да пристапам кон слично структурирана, но потесна анализа на сите преведени дела од англофоно потекло, и тоа во најмасовната едиција финансирана од Министерството за култура и Министерството за образование и наука на Република Македонија, едицијата Sвезди на светската книжевност (понатаму скратено именувана како SСК), која се објавуваше од 2012 до 2016 година и која брои 560 тома. Од научен аспект, ваквото истражување овозможува првичен увид во структурата и во содржината на владиниот проект. Истовремено, тоа претставува прв чекор кон воспоставување рамка за понатамошна анализа не само на книгите објавени во согласност со владиниот проект туку и, општо, на преведената литература по 1990 година. Конечно, едно вакво истражување може да отвори простор за идни истражувања и критики во областа на книжевното преведување. Така, целите на истражувањето се насочени кон евидентирање на преведените англофони наслови на македонски јазик во едицијата SСК, како и анализа на нивните основни карактеристики.

Анализата на карактеристиките подразбира анализа на следниве пет карактеристики на насловите: а) самиот наслов (дело или збирка); б) авторот/ авторката; в) издавачката куќа; г) преведувачот/преведувачката и д) авторот/ авторката на поговорот, со оглед на тоа што секој наслов во едицијата задолжително вклучува и поговор на крајот од книгата. Во ова истражување терминот „наслов“ подразбира заокружено дело, кое се раководи под еден наслов, без разлика дали се работи за роман, збирка раскази, драми или есеи, поетска збирка, патопис или, пак, збирка на повеќе дела: антологија или избрани дела на повеќе автори. Од друга страна, „англофони“ претпоставува дека е насловот изворно напишан на англиски јазик и преведен од англиски на македонски јазик. Во едицијата се присутни и повеќе наслови што се изворно напишани на други јазици, како, на пример, на јапонски или на кинески, а тие се потоа посредно преведени на македонски јазик. Ваквите дела не беа земени предвид во анализата. Конечно, предвид беше земена едицијата Sвезди на светската книжевност со оглед на нејзината обемност – 560 дела – како и краткиот рок во кој делата се реализираа – четири години. Потпишани уредници во сите посебни изданија на едицијата се следниве имиња: Митко Маџунков (главен редактор), Луан Старова, Ташко Ширилов, Ефтим Клетников, Драги Михајловски, Венко Андоновски и Ратко Дуев.


Имајќи ја предвид доминантната положба на англо-американската книжевност уште во периодот пред македонската независност или, поточно, до 1990 година – американската и англиската книжевност се застапени со 13,8 %, односно 11,16 % (Ѓурчинова и Стојменска-Елзесер 1992: 96) – мојата првична претпоставка беше дека книжевноста со англофоно потекло ќе биде широко застапена во едицијата SСК. Притоа, со оглед на поголемиот историски период во кој се создавала англиската книжевност наспроти американската, очекував дека таа ќе биде процентуално многу позастапена, а и претпоставив дека застапеноста на земји надвор од Северна Америка и Обединетото Кралство, но и Ирска, ќе биде ниска.
Уште една појдовна претпоставка е дека ќе има разновидни автори, од различно историско потекло, а и дека значајно ќе доминираат машките автори, со оглед на машката доминација во книжевниот канон. Постоеше и претпоставка дека меѓу преведувачите ќе преовладува женскиот род, а меѓу авторите на поговори – машкиот. Првата претпоставка се темелеше на фактот дека жените во просек заработуваат речиси 80 % помалку од мажите (Родот и економијата) и дека преведувачката професија е, општо, ниско платена. Пишувањето на поговор, пак, може да се земе како позиција на поголем авторитет, која, пак, би произлегла од фактот дека жените на пазарот на трудот значително помалку се наоѓаат на раководни позиции (ibid.), како што гледаме, впрочем, и од самиот одбор на едицијата SСК, но и уредниците на сите други владини книгоиздателски изданија од областа на книжевноста. Треба да се земе предвид и фактот дека на Филолошкиот факултет во Скопје дипломираат значително повеќе жени отколку мажи – во 2019 година, од вкупно 249 дипломирани студенти, 214 се жени (Државен завод за статистика, 2020). Последната претпоставка се однесуваше на покажувањето на можна корелација меѓу соработката на извесен преведувач со извесна издавачка куќа.

Со оглед на тоа дека станува збор за првичен преглед во еден навистина обемен проект, со голема количина податоци, се наметнаа поголем број истражувачки прашања: Колкава е застапеноста на англофоните наслови во едицијата SСК? Каква е распределбата меѓу жанровите и меѓу литературните видови? Каква е сликата за застапеноста на насловите во однос на векот од кој потекнуваат нивните автори? Каква е родовата застапеност на авторите, преведувачите и авторите на поговорите во едицијата? Кои издавачки куќи се застапени во едицијата и каква е нивната поврзаност со преведувачите на делата? Каква е врската меѓу жанрот и преведувачот на насловот, жанрот и авторот на поговорот?

2 Преглед на литературата

Евидентирањето, архивирањето и анализата на податоците за преведената литература е воспоставена практика во светот. Можеби најпознат и најзначаен пример е базата на податоци на УНЕСКО Index Translationum (Index Translationum, 2003), која претставува меѓународна библиографија на преводи. Преводите во оваа база на податоци се од земјите членки на УНЕСКО, објавени меѓу 1979 и 2009, и содржат и преводи од други области надвор од книжевноста. Пример, пак, што наликува на анализата на овој труд е проектот Три проценти: извор за меѓународна литература при Универзитетот во Рочестер (Three Percent, 2018), кој ги евидентира сите објавени книжевни преводи во САД од 2008 до 2018 година, земајќи ги предвид категориите какви што се насловите на делата, авторите, нивниот род, жанрот, преведувачите, родот на преведувачите, издавачката куќа и годината на издавање.

Како што веќе споменав во воведот, единствено истражување кое нуди потемелен увид во светската книжевност преведена на македонски јазик е на Анастасија Ѓурчинова и Соња Стојменска-Елзесер во рамките на проектот „Македонско-странски книжевни врски“ при Институтот за македонска литература (Ѓурчиновa и Стојменска-Елзесер 1992: 94). Во истражувањето, кое го опфаќа периодот од 1945 до 1990 година, авторките вклучиле автори и дела од 14 национални книжевности (руската, француската, американската, англиската, германската, италијанската, шпанската, јужноамериканската, романската, полската, чешкословачката, турската, грчката и класичната), сметајќи дека тие се најприсутни и најзначајни за развојот на македонската книжевност. Користејќи повеќе каталози, но и магистерски и докторски трудови, како и објавени библиографии, тие направиле статистичка обработка на вкупно 950 библиографски единици објавени како засебни дела и тоа на три нивоа:

а) според бројната и процентуалната застапеност;
б) според динамиката на преведувањето во одделни периоди (и децении) за најзастапените национални литератури;
в) според родово-жанровската застапеност.


Во рамките на бројната и процентуалната застапеност, истражувачките анализирале кои книжевности се најпреведувани: на прво место, руската – со 289 единици; на второ, француската – со 158; на трето, американската – со 131; на четврто, англиската – со 106 единици. Кои автори се најприсутни во рамките на националните книжевности: Максим Горки со 24 единици, Жил Верн со 15 единици, Џек Лондон со 15 единици, Вилијам Шекспир со 16 единици. Но, и кои преведувачи се најплодни: Цветко Мартиновски од руски со 22 единици, Влада Урошевиќ од француски со 12 единици, Свето Серафимов за американската книжевност со 19 единици, а и од англиската со 18 единици (Ѓурчиновa и Стојменска-Елзесер 1992). При анализата на динамиката на преведување според одредени децении, авторките посочиле во текот на кои периоди извесна книжевност бележи пад, раст или, пак, стагнација во бројот на преведени единици, па така се забележува, на пример, дека руската книжевност бележи истакнат раст во текот на 1960-тите години, додека американската книжевност покажува постојан пораст, со што најголем број преведени единици (48) се произведуваат во текот на 1980-тите години. Конечно, родово-жанровската застапеност бележи најголема застапеност на прозата со 78%, 17,16 % на поезијата и само 4,84 % на драмата. Жанровската застапеност е потоа претставена процентуално за секоја од четиринаесетте анализирани национални книжевности одделно.

Уште еден обемен труд кој се стреми да даде хронолошки осврт на теоријата и практиката на преведувањето во Република Македонија, со акцент на поезијата, застанувајќи токму кај владините проекти за преведување како SСК, е студијата За книжевното преведување (традуктолошки портрети) на Владимир Цветкоски (Цветкоски 2017). Освен што трудот содржи книжевно-преведувачки портрети на шест значајни македонски преведувачи (Михаил Д. Петрушевски, Венко Марковски, Блаже Конески, Георги Сталев, Богомил Ѓузел и Драги Михајловски), тој содржи и осврт кон научните придонеси од полето на книжевниот превод остварени за време на Меѓународните средби на книжев¬ните преведувачи во Тетово, средби што се одржуваат од 1972 година до денес (ibid., 149) во организација на Друштвото на книжевни преведувачи во Македонија. Цветкоски ги издвојува значајните реферати од македонски учесници на средбите, со оглед на тоа што дел од зборниците со трудовите се недостапни, а и се јавува прекин во континуитетот на објавувањето на зборниците. Токму затоа прегледот на реферати што го нуди Цветкоски е посебно корисен, имајќи ги предвид тешкотиите за пронаоѓање на овие зборници поради неодговорното архивирање. Понатаму, Цветкоски нуди значаен преглед на учебниците, магистерските трудови и докторските дисертации објавени од 1973 до 2013 година. Меѓу трудовите што ги наведува тој, а кои вршат пресек и критика на дела од англофона провeниенција, е трудот на Александрина Илиева Англискиот роман во превод на македонски јазик во периодот од 1945–1980 г., од каде што дознаваме дека во периодот 1945–1980 година „биле преведени и објавени 28 романи од англиска книжевност од 21 автор“ (ibid., 178). Уште еден труд што може да се поврзе со нашето истражување, а на кој се осврнува Цветкоски, е Одразот на американската уметничка проза и критика во македонската преводна и критичко-есеистичка книжевност од Виолета Христовска, каде што дознаваме дека во периодот од 1945 до 1982 година биле објавени 66 преводи на американски романи (Цветкоски 2017: 179).

Придонес кон теоријата и практиката на книжевното преведување дава и списанието Културен живот, во кое редовно се објавуваат преведувачки рецензии или, пак, статии од областа на теоријата на книжевното преведување, но голем дел од овие статии не се архивирани во Националната и универзитетска библиотека (НУБ) и недостасуваат во датабазата на COBISS.MK. Ова го воочив кога забележав дека мојот текст за преводите на Ловец во ‘ржта од Селинџер „Игри со ловците во ’ржта“ (Бужаровска 2015) воопшто не е заведен во системот, а таков пример најдов и при текстот на Звонко Танески „Критиката на книжевните преводи: неопходни фактори и простор за вреднување (македонско-словачки негативни искуства)“ (Танески 2013), како и „Јазикот, литературата и преводот“ од Огнена Никуљски (Никуљски 2013). Од друга страна, некои трудови посветени на книжевноста и преведувањето и објавени во Културен живот може да се најдат во НУБ, како што е на пример „Чекајќи го вистинскиот збор“ (Кошка-Хот 2012). Ваквиот проблем при неодговорното каталогизирање и наложува потреба од алтернативно пронаоѓање и архивирање на овие текстови.

Во последно време електронското списание за култура Окно (okno.mk) објавува значајни рецензии и дискусии од областа на книжевното преведување. Се издвојува текстот на Калина Малеска за проблемите при објавувањето на нејзиниот неавторизиран превод на Хаклбери Фин и тоа во рамките на проектот SСК (Малеска 2014), а од 2019 година дипломците по англиски јазик и книжевност при Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ објавуваат свои рецензии за преводи од англофоно потекло, како, на пример, за Чарлс Буковски (Рашко 2019), Џон Штајнбек (Ивановска 2019), Вилијам Шекспир (Станојевиќ 2019), Алис Вокер (Димитровска 2020), Вирџинија Вулф (Спасиќ 2020) и Џејмс Џојс (Андоновска 2020), со што придонесуваат кон создавање традиција на конструктивна критика во и онака штуриот пејзаж на македонските рецензии од областа и на преведувањето и на книжевноста.


3 Методологија на истражувањето

Со оглед на природата на анализираните податоци, се работи за квантитативно истражување, со примена на постапки што спаѓаат во таканаречената експлоративна анализа на податоци (или: Exploratory Data Analysis).

3.1 Дизајн на истражувањето
3.1.1 Популација

Едицијата ЅСК може да се прегледа во Каталогот на капитални книгоиздателски проекти, чиј издавач е Министерството за култура, објавен во 2015 година. Воведниот текст на ова издание наведува дека тоа „опфаќа 560 дела“ (Ќулавковска 2015: 3), но при преглед на едицијата (стр. 81–155) веднаш настанува проблем при обидот за дефинирање на поимот дело. Имено, уредниците на едицијата под овој термин не подразбирале едно заокружено книжевно дело од почеток докрај, како, на пример, роман, збирка раскази или поетска збирка, или, пак, роман со сите свои томови во една единица, туку секој том од едицијата го нумерирале како засебна единица. Проблемот се усложнува уште повеќе кога ќе се земе предвид дека во едицијата се појавуваат збирки на пократки книжевни форми (раскази, поезија, есеи, драми, новели и приказни) групирани во една или повеќе книги, и тоа како антологии на неколку автори или неколку избрани дела од еден автор што можат да припаѓаат на различни жанрови (на пример, роман и есеј, каков што е случајот со изданието чиј автор е Едгар Алан По). Покрај романите и збирките, едицијата содржи и документаристичка проза и биографии, од кои некои се во повеќе томови. Оттаму, бројот 560 никако не може да биде вистинскиот број на преведени книжевни дела во оваа едиција. Имајќи го предвид овој недостаток при составувањето и попишувањето на едицијата, во ова истражување најпрво беше одлучено да се евидентираат единиците со англофона книжевност: беа добиени 159 единици (или 28,39 % од 560-те единици на едицијата) (графички приказ 1). Понатаму, томовите на еден роман беа здружени во една единица (внес), со што беше дојдено до финалниот број од 146 поединечни единици. Имајќи предвид дека во натамошната разработка се работеше со сите 146 внесови (односно не беше направено семплирање), овој број ја дефинираше популацијата на истражувањето. Овие 146 внесови беа наречени наслови, под што се подразбира наслов на дело и наслов на збирка, со што тој термин се користи во натамошната анализа.
3.1.2 Истражувачки инструмент

Податоците за 146-те наслови беа собрани со помош на истражувачки прашалник составен од 28 полиња: реден број; број според едицијата ЅСК; наслов на делото/збирката; наслови во збирка; оригинален наслов; томови на едно дело; година на првото издание; век на првото издание; жанровска класификација; литературен вид; други специфики; вид граѓа (COBISS.MK); автор(ка); број на автор(к)и; род (автор/ка); потекло; преведувач(ка); број на преведувач(к)и; род (преведувач/ка); наслов на поговор; автор(ка) на поговор; број на автор(к) и на поговор; род (автор/ка на поговор); издавачка куќа; година на издавање; траен линк COBISS.MK (тврд повез); траен линк COBISS.MK (мек повез) и забелешки.

3.1.3 Истражувачка процедура

Целата процедура на истражувањето, од подготовката, преку поставувањето на предметот и конципирањето на методологијата, до собирањето на податоците, нивната проверка и анализата, се одвиваше од јануари до септември 2020 година. Во процесот на собирање на податоците беше користен Каталогот на капитални книгоиздателски проекти од 2015 година, но тој ја содржи нумерацијата само на 410 книги во едицијата, кои биле дотогаш издадени. За другите 150 книги е наведено дека се во завршна фаза и за нив е изоставена нумерацијата. За да се дополнат податоците, во следната фаза беше користен електронскиот каталог COBISS.МК. Во него беше направено (изборно) пребарување според наслов и клучни зборови. Терминот што беше пребаруван гласеше Ѕвезди на светската книжевност. Пребарувањето беше направено од 1 до 10 септември 2020 година. Под Наслов беа добиени 365 погодоци, а под клучни зборови – 742. Големиот број погодоци се должи на фактот што одредени наслови се повторуваа: некои се повеќепати издадени (како дел од едицијата), постојат печатени верзии во тврд и во мек повез, а томовите некогаш се наведени како засебни книги (секоја со различен ISBN), но не во сите случаи. Сите погодоци беа прегледани во делот со деталните податоци и беа селектирани само оние наслови кај кои беше запишано дека станува збор за превод (и/или препев) од англиски јазик. Во едицијата се појавуваат наслови со посреден превод од англиски јазик, но имајќи предвид дека посредниот превод е засебен истражувачки проблем, овие наслови не беа вклучени во истражувањето. Пребарувањето понекогаш беше отежнато поради грешки во презимињата на авторите (на пр. Т.С. Елиот еднаш е Томас Стернс Елиот, другпат е Томас Стернз Елиот). Во каталогот COBISS.МК забележавме дека некаде изостануваа редните броеви на книгите, кои треба да бидат поставени покрај коричниот наслов, односно бројот во едицијата Ѕвезди на светската книжевност. Поради овој пропуст и во базата, ова поле остана непополнето за 15 наслови.

Битно е да се напомене дека за едицијата постои официјален сајт, но во него се евидентирани само 46 книги од оваа едиција (Каталог на книги, 33– 34). Покрај ова, делот за пребарување – најди книга, не дава никакви резултати. Иако редакторот Митко Маџунков во текстот во кој ја објаснува идејата зад едицијата SСК вели дека „кон едицијата ќе биде придодаден списокот на книгите што се составен дел од проектната програма, со сите нужни податоци, а што е поважно, Редакцијата ќе изработи одделна студија за создавањето на ‘Sвездите на светската книжевност’, за својата концепција и воопшто за реализацијата на целиот проект, како и за јазичната проблематика што се наметна во текот на таа реализација“ (Маџунков 2012: 4), такво нешто никогаш не се случи.

3.2 База на податоци и техники на анализа

Истражувачкиот прашалник беше преведен во база на податоци и, врз основа на податоците внесени во базата, беше направена квантитативната анализа. Базата и квантитативната обработка, која вклучува фреквенциски дистрибуции и контингентни табели (со хи-квадрат на распоред), целосно беа изработени во Microsoft Excel.

3.3 Методолошки ограничувања

Начинот на кој се заведени податоците за едицијата во Каталогот на капитални книгоиздателски проекти и во COBISS.MK создава извесни ограничувања при евидентирањето на насловите. Понатаму, поради фактот дека едицијата е создадена од наслови во кои се вклучени повеќе автори, како и збирки во кои има повеќе жанровски одредници, а и дека во извесни наслови се јавуваат повеќе преведувачи, тешко е да се создаде концизна слика за тоа кои автори се најиздавани и кои преведувачи се најзастапени, со оглед на тоа што некои од преведувачите, на пример, се јавуваат со помали преведени парчиња во рамките на извесни антологии. Исто така, во базата не е евидентирана големината на преведените дела, со што не се дава јасна слика за ангажираноста на одреден преведувач.

4 Резултати од истражувањето
4.1 Наслов

Следуваат дистрибуции на 146 наслови според векот во кој се создадени англофоните дела, нивната жанровска класификација и нивниот потесен литературен вид.


Резултатите од оваа анализа (графички приказ 2) покажуваат до која мера доминира книжевноста од 20 век во избраниот светски книжевен канон утврден од уредниците на SСК, што до извесен степен изненадува. Така, дури 61,64 % од сите наслови потекнуваат од 20 век, додека на второ место со далеку помала застапеност – 19,86 % – се делата од 19 век, по што следуваат насловите од 21 век, со 6,85 %. Ова не се совпаѓа сосема со тврдењето на Маџунков дека „претежниот број на застапени автори се родени пред 1910 година (односно од нивното раѓање има поминато повеќе од сто години), што е доволна дистанца за да се создаде конечен вредносен суд“ (Маџунков 2012:3). И самиот тој вели дека „некои автори се премногу млади за еден ваков избор“ (ibid.), имајќи ја предвид замислата дека едицијата „претставува избор на она што веќе станало класика“ (ibid.), но нејасно е зошто младите автори се, сепак, вклучени во едицијата. Се споменуваат извесни „странски експерти“, но не е јасно кои биле тие и каква била нивната улога во создавањето на едицијата.

Распределбата, пак, на наслови според трите доминантни жанрови на проза, поезија и драма, покажува дека прозата е далеку најзастапена во едицијата, со 74,66 % (графички приказ 3). Очекувано, поезијата е на второ место со 14,38 %, додека драмските дела се најмалку застапени, со 9,59 %.


Потесниот литературен вид во овој случај, главно, се однесува на различните видови проза што се јавуваат во англофоните изданија на едицијата. Освен романот, расказот и новелата, присутни се есејот, биографијата, документаристичката проза, приказната и митографијата. Од поетскиот жанр се јавува епот, како и хибридниот вид поезија во проза. Очекувано, најзастапениот литературен вид во едицијата SСК е романот, со 57,53 %, додека зад него со 12,33 % е поезијата. Интересно е што расказот е на четврто место, со оглед на тоа што едицијата содржи само шест збирки раскази, со што пред таа форма предничат и есејот и драмата (табела 1). Оваа распределба покажува и како одредени наслови комбинираат различни литературни видови, каков што е примерот со Радјард Киплинг и насловот Книга за џунглата; Поезија – приказна и поезија или, пак, изборот раскази и песни од Едгар Алан По (Поезија; Раскази).



(продолжува: Англофоните наслови во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ (2))

Извор: Современа Филологија/Journal of Contemporary Philology 3 (2), 133–156
Слики: Од анимираниот филм Ponyo (https://www.ghibli.jp/works/ponyo/#frame)

ОкоБоли главаВицФото