Половина луѓе на планетата не се свесни дека климатските промени шират заразни болести

11.01.2021 01:15
Половина луѓе на планетата не се свесни дека климатските промени шират заразни болести

Иако фактот дека климатските промени предизвикуваат ширење заразни болести е јавен и достапен, тој никако не може да се вкорени во перцепцијата на пошироката јавност. Постдипломци стипендисти на Еразмус Мундус спроведоа студија која имаше глобален одек и покажа дека 48,9 проценти од испитаната популација не се свесни за каузалноста на климатските промени и заразните болести.

Ширењето одредени заразни болести се менува со процесите кои се поврзани со глобалното затоплување и еколошките аномалии, пишува Phys.org: „Промените на климатските обрасци и причините како и зголемувањето на просечната температура доведуваат до појави како Ел Нињо, кои ја менуваат присутноста, густината, силата и динамиката на преносот на многу вируси и патогени“. Разбирањето на влијанието на климатските варијабилности на пренесувањето заразни болести е важно како за истражувачите така и за пошироката јавност. Изминативе години многу се работеше на зголемување на свеста за климатските промени, но се чини дека сѐ уште постои генерален недостаток на разбирање на каузалниот однос на климатските промени и заразните болести.

Студентите го спроведоа истражувањето со менторство од Université de Tours, потоа Универзитетите во Алабама и Бирмингам (САД) и Медицинскиот факултет од Хановер и peer-reviewed, опен сорс списанието Plos One, каде оригинално беше објавена студијата. Истражувањето се темелеше на мултинационална анкета со пресек во која е испитано знаењето за учиноците на климатските промени на појавата на заразни болести на вкупно 458 учесници од целиот свет.

Резултатите откриваат недостаток на знаење кај пошироката јавност. Вкупно 48,9 проценти од учесниците никогаш претходно не ги анализирале ефектите од климатските промени на заразните болести. Овој процент паѓа на 38,4 кај оние кои имаат солидно знаење во природните науки, а расте на 59,2 проценти кај оние кои работат во сектори кои не се поврзани со науката. И покрај секторската разлика, истражувањето исто така покажа дека знаењето и свеста за климатските промени не се поврзани со образовното ниво на учесниците, бидејќи повеќето испитаници имале или првостепена или диплома на магистерски студии, но се зема предвид и дека изминативе години научното ширење на темите поврзани со околината е многу зголемено.

Културолошки разлики

Малку повеќе од 84 проценти од испитаниците сметаат дека климатските промени веќе ја предизвикаа штетата која можеше да ја предизвикаат по човечкото здравје, додека само 28 проценти сметаат дека глобалното затоплување сѐ уште не влијаело на луѓето, но ќе влијае во иднина. Со оглед на коронавирусот, и бројни други истражувања за здравствената цена на климатските промени, ова се поразувачки бројки. Поголем дел (70 проценти) препознале дека временските екстреми можат да го поттикнат ширењето заразни болести, исто како што 80 проценти препознале дека поплавите и другите појави можат да го поттикнат ширењето заразни болести. Значи, поентата на ова истражување лежи во тоа што испитаниците ги разбираат причините за ширењето болести и причините за климатските промени, но поплавите кои предизвикуваат болести не ги ставаат во категоријата „последици од климатските промени“. Значи, не се работи толку за недостаток од конкретни информации, туку за недостаток од сеопфатно знаење, интерпретациска рамка, т.е станува збор за недостаток на разбирање на оваа динамика. Недостатокот информации се гледа кај оние 22,9 проценти од испитаниците кои рекле дека климатските промени можат да ја намалат трансмисијата на заразните болести.

Студијата откри и дека свеста за климатските промени е поизразена кај поширотката јавност во однос на свеста за заразните болести. Тоа се интерпретира во склад со присутноста на двете теми во медиумите. Додека последниве години континуирано се предупредува за штетите од климатските промени, самите сме сведоци дека малкумина во медиумите беа подготвени појавата на коронавирусот да ја категоризираат како директна последица на климатските промени.

Интересно е што во истражувањето се покажа дека „Западот“ (Европа) има поголема свест за климатските промени отколку за заразните болести, додека на „Истокот“ (Азија) е обратно. САД е меѓу овие два континенти со приближно исто незнаење во двете полиња. Разликата се објаснува со културолошка дистинкција. Додека испитаниците од „источните“ земји имале помал страв од тропските заразни болести (маларија, комарци и слично) и поголем од климатските промени, оние од „западните“ земји имале поголем страв од тропските болести и помал од климатските. Настанокот на овие културолошки разлики, истражувачите го објаснија преку различните теми на медиумските кампањи за зголемување на свеста: на запад за климата, на исток за заразните болести кои ги пренесуваат животните. Материјалната разлика утврдувана во претходните истражувања се чини дека исто така е интерпретирана во ова истражување, зашто се споменуваат податоци дека 90 проценти од домаќинствата во Јемен биле информирани за симптомите на денгата, додека во Бангладеш само 19 проценти од домаќинствата имале доволно знаења за истата болест.

Истражувачите заклучија дека е важно да се стекне знаење и разбирање за овие теми кај општата популација за да се намалат дупките во знаењето, како кај општата популација, така и кај здравствените работници. Важно е да се развие разбирање и посериозно да се насочиме кон санација на климатските промени, но и сериозно да им пристапиме на заштитата и намалувањето на ризиците од пренесување заразни болести.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Robert Minervini

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото