Првата црна жена што формираше партија во Европа

11.01.2021 16:02
Првата црна жена што формираше партија во Европа

Холандската партија Биј1, предводена од Силвана Симонс, ќе учествува на парламентарните избори во март 2021 година.

Симонс е родена во 1971 година во Суринам, а кога имала 18 месеци, нејзиното семејството се преселило во Холандија. Студирала балет на Институтот за изведувачки уметности „Луција Мартас“. Во 1995 година, започнала да работи во телевизија - во музичка програма и како водителка - и како колумнист за списанијата „Плејбој“ и „Вероника“.

Во мај 2016 година, таа се приклучила на холандската антирасистичка партија Денк. Незадоволна од насоката во која се движела партијата, во декември истата година основала своја партија „Артикел 1“, која набрзо потоа го сменила името во Биј1. Тоа е првата политичка партија во Европа чиј основач е црна жена. Партијата е отворено и гордо феминистичка и радикална.

„Ние сме активистичка партија. Не сме партија која повремено се приклучува на протестите, туку токму спротивното. Ние сме активисти што се собравме да дејствуваме политички“, објаснува Симонс.

Во холандската политика, жените се помалку застапени, особено не-белите жени. Од 75 членови на Сенатот (првиот дом на парламентот), само 26 се жени.

„Холандија го усоврши својот елегантен имиџ. Однадвор, сè изгледа одлично. Убедени сме дека сме толерантни и прогресивни и полни со разбирање, додека остатокот од светот заостанува “, вели Симонс, предупредувајќи дека вкоренетиот расизам и сексизам демнат под површината.

Коментирајќи ги расистичките инциденти во земјата, антропологот Миријам де Брујан за Би-Би-Си изјави дека „нашето колонијално наследство е секојдневно видливо на улиците. Постои инхерентен расизам и прифаќање на нееднаквоста “.

Сепак, Силвана Симонс е категорична во својата желба да ги промени тие обрасци.

„Не се залагаме постојниот систем да стане подобар или поправеден. Тоа нема да се случи! Ние се бориме да го смениме системот“, вели таа.

 Извор: Open Democracy