Дали Соединетите Држави се демократија?

12.01.2021 02:28
Дали Соединетите Држави се демократија?

Во 2014 година, една студија стана заразна низ американскиот печат и Интернет. Академиците од Принстон известија дека со користење на современи квантитативни техники за политикологија тие можат конечно да докажат дека САД се политичка олигархија, а не демократија.

Авторите користеле податоци од анкети на јавното мислење, односно 1779 различни прашања од јавната политика од 1980-тите наваму, за да видат какви се мислењата на Американците со просечен доход и мислењата на побогатите Американци (>140 000 американски долари годишно) на одредени теми. На ова тие додале податоци за јавните позиции кои ги имаат деловни лобистички групи за овие политики. Следно, тие ги разгледале резултатите од законодавството на овие политички дебати во 1779 година и ги споредиле резултатите со она што го сакаат луѓето со просечен доход, богатите луѓе и деловните лобисти. Користејќи статистичка техника наречена „мултиваријатна анализа“, тие сакале да видат колку се влијателни ставовите на овие три групи во одлучувањето околу конечната содржина на законите.

Резултатите беа неверојатни. Откриле дека само во 3% од случаите ставовите на просечните граѓани имале какво било влијание врз законите кои на крајот биле донесени, додека ставовите на богатите имале влијание во 76%, а ставовите на деловното лоби влијаеле на резултатот во 56% од времето (Table 3, Gilens and Page, 2014)1. Тие заклучуваат:

„Што велат нашите откритија за демократијата во Америка? Тие, секако, претставуваат вознемирувачка вест за поборниците на популистичка демократија, кои сакаат владите да одговорат првенствено или исклучиво на политичките преференции на нивните граѓани. Во Соединетите Држави, според нашите наоди, мнозинството не владее, барем не во причинско-последична смисла на реалното утврдување на резултатите од политиката.“ (Gilens and Page p.576, 2014)2.

Не изненадува што ова истражување беше извонредно интересно. Од една страна, тоа беше во спротивност со личната слика на САД како најголемиот светски бранител на демократијата. Од друга страна, тоа oдѕвонуваше со сè пошироко распространето популарно чувство дека политиката во САД е корумпирана и дека финансиските и лобирачките елити манипулираат со ситуациите зад грбот на обичниот гласач.

Но, секако за марксистите ова не беше изненадување. Ова е она што тие го зборуваа уште од средината на 19-ти век: „Најпосле, со настанокот на крупната индустрија и на светскиот пазар, буржоазијата ја освои во современата претставничка држава исклучивата политичка власт. Современата државна власт е само еден одбор што управува со општите работи на целата буржоаска класа.3  Еве и научна потврда за она што тие секогаш го зборуваа. Но, како функционира ова?

Како се богатите способни толку целосно да доминираат држава чиј устав треба да биде демократски?

Краткиот одговор е дека Уставот на САД никогаш не бил замислен да биде демократски. Долгиот одговор вклучува разгледување на економската и класната историја на САД за да се разбере како функционирала нејзината политика.

Погрешно е да се гледа Американската револуција како буржоаска демократска револуција. Таа беше многу поразлична од големите демократски револуции како оние во Франција во 18 век или Кина во 20 век. Радикалниот карактер на втората потекнуваше од селанството што се крена на востание, заземајќи ги имотите на земјопоседниците и целосно ги трансформираше сопственичките односи во руралните средини. Оваа експропријација ја отстрани економската поддршка за старите владејачки класи, дозволувајќи да се воспостави комплетна нова државна структура.

Револуциите во Франција, Англија и Америка имаа републички и антимонархиски карактер, но републиканизмот беше повеќе политичка идеологија на земјопоседничката класа кој се бранеше од нападите на кралот отколку било каква демократска идеологија. Во Франција, бунтовничката аристократија ја изгуби контролата, најпрво од урбаната буржоазија, а потоа беше зафатена од пожарите на селанскиот бунт. Во Америка оваа загуба на контрола никогаш не се случи. Авангардата се состоеше од луѓе со влијание и углед, можеби најконзервативните лидери на која било револуција во историјата (Morris, p.7, 1962)4 . За да го разбереме уставот што Американците го усвоија, треба да ги користиме методите од есејот За контрадикторноста5  (Zedong, 1987, посебно Дел III) за да ги испитаме класните противречности во тоа време.

За време на револуцијата, основната противречност беше помеѓу робовладетелската класа во колониите од една страна и британската држава и 4 Ирокези народи6  од друга страна. Против Велика Британија, тие имале за цел да се ослободат од даноци и тарифи, да се ослободат од ограничувањата што кралот ги наметнувал на големите земјишта и да ги заштитат своите поседи на робови од ослободување. Против Ирокезите, тие сакаа територија.

Фундаменталната противречност управуваше со развојот на секундарните: помеѓу робoт и сопственикот на робови, меѓу земјосопственикот и земјоделецот кој плаќа закуп. Бидејќи нивните директни угнетувачи се противеа на Британците, робовите и замјоделците кои плаќаа закуп беа на страната на Британците против револуцијата. Постоеше широко распространето лојалистичко (про британско) расположение меѓу класата на закупители7  (Morris, p.16, 1962). Британскиот гувернер Лорд Данмор издаде проглас со кој се ослободува класата на закупители од нивните феудални даноци на земја коишто ги должеа на бунтовничките земјосопственици, и ги ослободи сите робови што би се земале оружје против бунтовниците. За време на војната, Британците формирале повеќе војски од поранешни робовски црнци. Постоеше противречност од трет ред меѓу слободните земјоделци и локалните капиталисти во врска со долговите кои земјоделците им ги должеа на капиталистите. Робовладетелските и капиталистичките водачи на револуцијата зависеа од слободните земјоделци и занаетчиите како војници, но стравуваа дека директно демократска влада во која доминираат слободни земјоделци или ќе предизвика инфлација или ќе донесе закони за поништување на долговите.

Класната структура по независноста не личеше на ништо од раната капиталистичка Европа. Треба да се вратиме повеќе од 2000 години наназад за да пронајдеме нешто слично: Римската робовладетелска република според која Американците свесно и намерно ја моделираа својата република. На врвот била аристократијата која поседувала робови и која не извршувала директна продуктивна работа, но живеела од трудот на робовите. Под аристократијата била класата на слободни граѓани кои работеле за живеење. Оваа класа била составена од мали семејни земјоделци или занаетчии. На дното биле робовите без политички и граѓански права, приватна сопственост на аристократите. Главните класни конфликти биле помеѓу робовладетелите и робовите од една страна и помеѓу сопствениците на робови и слободните граѓани од друга страна. Бидејќи робовите немале политички права ниту во Рим и во САД, судирот меѓу нив и сопствениците на робови бил брутално физички, а доминацијата на сопствениците била спроведена со камшици и синџири. Слободните граѓани од друга страна имале граѓански права, а фактот дека тие биле побројни од побогатите сопственици на робови значеше дека политичката власт на сопствениците на робови е потенцијално загрозена од слободните селани и занаетчиите.

Главниот конфликт помеѓу сопствениците на робови и слободните селани обично бил околу земјишната сопственост. Напредокот на ропството значеше дека сè повеќе и повеќе земја имаше тенденција да замине под контрола на робовладетелите, заканувајќи се да ги пролетаризира слободните граѓани. И во Стар Рим и во САД, слободните граѓани, земјоделците и занаетчиите беа сојузници на робовладетелите. Како и со експанзионистичкиот Рим, надворешната контрадикција беше помеѓу сопственичките класи на Републиката и околните слободни народи. Експанзионистичкиот империјализам на двете држави беше воден од желбата на класата на сенатори да се здобие со уште повеќе имот, и уште позначајно, и да формира колонии во кои потенцијално загрозувачкиот пролетаријат може да се насели како независни земјоделци. Како што тврди Вебер (2013)8, паралелите помеѓу римското и американското селанство се точни сè до геометријата на земјопоседништвото. И во двата случаи, земјата беше поделена на квадратна мрежа на земјоделски парцели со долги прави патишта – нешто што само освојувачка империја можеше да го постигне.

Американскиот устав е скоро директна копија на оној на Стар Рим. Римскиот устав беше мудро дизајниран да им даде привид на власт на овие слободни граѓани, додека всушност вистинската власт беше концентрирана во класата на сенатори. Државната структура во Стар Рим ја сочинуваа:

1. Двајца конзули кои беа бирани со мандат на владеење од една година и кои се менуваа на функцијата на месечно ниво. Тие беа еквивалентни на Претседателот на САД денес. Тие имаа врховна команда на армијата и јавната администрација.
2. Сенат, кој изгласувал декрети и ја сочинувал класата од која генерално биле бирани конзулите. Американскиот Сенат беше експлицитно моделиран врз ова.
3. Вековно собрание (лат. comitia centuriata‎) кои ги избирало конзулите на индиректни избори: скоро точно копирани од американскиот изборен колеџ.
4. Плебијски совет. Ова било масовно демократско собрание што можело да изгласува закони. Сепак, тој не можел да ја утврди својата агенда, морал да гласа за предлозите што ги доставувале магистратите кои доаѓале секогаш од повисоките класи.

Ефектот на оваа структура беше дека извршната власт во Стар Рим секогаш била во рацете на некој член на робовладетелската, патрициска класа. Исто така, Римскиот сенат бил секогаш составен од сопственици на робови отколку од обични граѓани. Слични ефекти беа постигнати и во САД. Од првите десет претседатели на САД, само двајца, Џон Адамс и Џон Квинси Адамс, не биле сопственици на робови.

Но, републиката се потпираше и на слободните граѓани како војници. На овие луѓе требаше да им се даде привид, но не и реалност за власт. Во Стар Рим, двата механизма кои беа искористени за да се постигне ова беа избори, поточно индиректни избори, и контрола над дневната работа на народното собрание од магистратите од повисоката класа. Изборите, тврдат античките политички теоретичари, секогаш ги фаворизираат богатите. Аристотел рече дека доделувањето на места во јавните служби преку случајна селекција се сметало за демократски чин, а доколку им се доделени места преку избори се сметало за олигархиски чин Аристотел (1988)9. Алтернативната техника, со која се формира совет од случаен примерок на граѓани, а која била во употреба во античка Атина, била отфрлена во корист на римскиот олигархиски пристап.

Богатите можат да потрошат пари за да влијаат на изборите и да имаат образование што ќе ги подготви како оратори. Индиректните избори ќе ги зголемат ефектите на каква било пристрасност: на пример, Буш победи на изборите во 2000 година благодарение на системот на изборен колеџ, иако имаше помалку директни гласови од народот од Гор. (Ист случај со Трамп во 2016.) Да се има извршна власт концентрирана во рацете на еден избран функционер е одлично за богатите. Потребна е огромна сума пари за да се победи на изборите, па кандидатите неизбежно стануваат зависни од олигарсите.

Додека античкиот Рим барем дозволуваше некаков елемент на директна демократија, во САД овој елемент, народното собрание беше отстрането и заменето со избраниот дом на претставници, каде што повторно право на глас имаат парите. Изборите за ова тело често се финансираат од богати олигарси Winters (2011)10.

Во историјата на САД имало 3 периоди кога постоела опасност демократијата да триумфира: Граѓанската војна, Популистичкото движење на крајот на 19 век и од Новиот договор до 1960-тите. Но, во сите случаи олигархијата одново ја воспоставила власта.

Граѓанската војна во 1860-тите ја означи транзицијата помеѓу ропскиот и феудалниот начин на производство во САД. Иако војната го укина ропството, ослободените робови наскоро ги изгубија граѓанските права. Теророт и линчувањето од Клу Клукс Клан ги сведоа на полуфеудален статус на безгласни акционери. Ниту во 1960-тите години на минатиот век, нивното право на глас беше обновено. Истото се случи во Русија во 1860-тите, каде ослободените закрепостени селани исто така станаа безгласни акционери. Ниту Александар ниту Линколн не ја скршија моќта на своите земјопоседнички класи.

Следната криза дојде со популистичкото движење втемелено во противречноста помеѓу слободните селани и финансиската олигархија. Линколн воведе во Америка декретна валута што му помогна на селанството бидејќи инфлацијата што ја придружуваше ги девалвира долговите на селаните. Банкарите вршеа притисок за „валута врзана за некоја стока“ и златен стандард, што ќе беа закана за хипотекарните фарми на селанството. Селанското популистичко движење се бореше за ефтини пари и демократски реформи: народно изгласување на законите, право на отповикување на службеници; барања слични на оние на социјалдемократијата во Германија и Русија. И покрај победите на државно ниво, фармерите никогаш не добија власт на федерално ниво.

Во 20 век, САД претрпеа транзиција од претежно рурална економија на полуфеудални црнечки селани и независни бели селани во претежно урбано наемно население. Земјоделската депресија од 1930-тите години на минатиот век им овозможи на банките да ги присвојат фармите под хипотека поради што земјоделците беа принудени да се преселат во градовите. На југ, земјопоседниците користеле механизација за да се ослободат и да ги истераат своите црнечки акционери кои исто така се преселиле во градовите. Создавањето на поголема популација на работничка класа доведе до силно движење на синдикатите и движење за граѓански права на црнечкото население. Се чинеше дека во 1960-тите години на минатиот век конечно се триумфираше во битката за демократија во Америка.

Периодот од Новиот договор на Рузвелт до Големото општество на Џонстон забележа пад на учеството на доходот и богатството во посед на олигархијата и пораст на учеството на остатокот од населението, но од 1970-тите години на минатиот век ова се смени. Богатството во САД се концентрираше во сè помал дел од населението (Пикети и Голдхамер, 2014)11  и како што покажува студијата на Гиленс и Пејџ, оваа фракција оствари скоро целосна политичка контрола. Земјата има полициски сили кои им се вратија на старите робовладетелски патролни улоги кои вршеа на меѓународно дотогаш невидено ниво на насилство врз црнците и сиромашните белци, убивајќи над 450 цивили во првите 5 месеци од 2015 година. Кога луѓето протестираат против оваа бруталност, тие се соочуваат со полиција вооружена како командоси скоро дојдени од војната во Ирак.

Дали демократијата на крајот ќе победи во САД?

Не можеме само да го имитираме Џоу Енлај за исходот на Француската револуција и да кажеме дека е рано да се каже засега.

По 240 години не е рано.

Сега е сигурно дека сè додека САД го имаат сегашниот устав, олигархијата таму не треба да се плаши од демократија. Во САД радикалните народни водачи од Линколн до Кинг имаа заблуда дека републиката е демократска. Би сакал да застанам на страната на Ленин, кој напиша дека република од типот на САД е најсовршената форма на владеење од страна на приватно-сопственичките класи. Штом ја стекнат контролата над државата, ниедна промена на лидери или партии не може да ги смени од власт. Цврстатата градба на републиката ќе преживее сè додека не ја разниша вистинска катаклизма; нешто од обемот на оние јапонски победи во 1905 и 1941 година, кои ги разнишаа руските и британските империи.

Ако му веруваме на Мао, политичката власт се освојува од буренцето од пушка, без народна армија, населението нема ништо. Американскиот народ има право да биде вооружен, една од клучните слободи што ги има сочувано, но тие во ниту еден момент не успеаја, дури и на локално ниво, да формираат народни милиции, способни да се спротивстават на вооружените сили на државата. Државата беше во можност да ги сузбие штрајковите, црнечките и индиските бунтови, па дури и масовните протести на поранешните војници. Сè додека една поразена, бунтовна армија не стапи во сојуз со новородено популистичко движење и „деспотски не ги наруши“ правата на приватна сопственост и не ја експроприра олигархијата, дотогаш власта на американските олигарси ќе остане безбедна.

Во однос на класата, Трамп не е измислен десетар, туку вистински член на супер-богатите. Ако има некоја историска споредба што треба да се направи, тоа е со популистички членови на римскиот сенаторски поредок како Гракхи или Цезар. Во однос на нацијата, она со што се занимаваме овде не е империјалистичка сила од втор ранг со цел да биде прва империјалистичка сила, туку веќе врховна империјалистичка сила. Политиката на германската влада во 1930-тите беше резултат на веќе постоечката империјалистичка стратегија која датираше многу децении наназад. САД се супер сила со само два ривали, Русија и Кина, но и двете се инфериорни спрема САД во споредба со воената сила. Ниту едните ниту другите не можат да им се заканат. Долгорочната стратегија на буржоаската држава на САД е да се распадне прво СССР, а потоа и Русија како нејзин најсериозен воен ривал.

Тие се обидоа да го искористат исламскиот радикализам и украинскиот фашизам како дел од оваа долгорочна стратегија: исламскиот радикализам е насочен кон државите на јужната граница и украинскиот фашизам на западната граница. Целта е распаѓање на Русија во голем број помали држави кои лесно може да бидат доминирани од САД и американските компании.

Во контекст на оваа долгорочна стратегија на американскиот империјализам, Хилари Клинтон беше кандидат за војна, најагресивно антируски расположен од двата кандидати. Трамп беше кандидат за мир во однос на Русија.

Она што го имаме е поделба во американската олигархија помеѓу фракцијата предводена од Трамп и постојниот воен разузнавачки апарат. Оваа поделба во рамките на владејачката класа произведува поделби во државниот апарат, со ЦИА во сојуз со Клинтон, а значителен дел од војската и дел од ФБИ (особено филијалата во Њујорк) во сојуз со Трамп.

Ова е период на вистинска нестабилност во владејачката класа, без преседан за различни делови од разузнавачката заедница да интервенираат на страната на различни страни на избори.

Прашањето е зошто Трамп има поинаква стратегија?

Треба само да ги слушате неговите говори за да сфатите: неговиот дел од буржоазијата – недвижнини, енергија гледа дека внатрешната продуктивна база на САД е поткопана од политиката на префрлање на производството во Кина, која ја следат многу производствени компании: оттука, акцентот е на обнова на инфраструктурата и домашното производство и производство на енергија. Енергетскиот сектор, исто така, има придобивки од добрите односи со Русија во можноста да добие отстапки за експлоатација на нафта таму.

Големиот број на генерали кои го поддржуваат, мислам дека сфаќаат дека иако вооружените сили на САД имаат моќ лесно да ги совладаат малите сили, евентуална инвазија на Русија би била многу глупава и тоа беше насоката кон која политиката на демократите водеше.

Нестабилноста на владејачката класа треба, во принцип, да отвори можности за левицата во САД, но тие се толку поделени и отуѓени од масата на работничката класа што немаат многу можности. Навистина, републиканците прават убедлив потег да добијат поддршка од работничката класа:

Она што следи е изјава на генералниот претседател на синдикатот Тимстерс Џејмс П. Хофа за тоа што претседателот Доналд Трамп ја потпишал извршната наредба за официјално повлекување на Соединетите Држави од Транс-пацифичкото партнерство.

„Денес, претседателот Трамп го исполни ветувањето за кампањата за повлекување на Соединетите Држави од Транс-пацифичкото партнерство. Со оваа одлука, претседателот го направи првиот чекор кон исправка на 30-годишната лоша трговска политика што ги чинеше американските работници милиони добро платени работни места.

Синдикатот Тимстерс со децении беше на фронтот во борбата за запирање на деструктивните трговски зделки како Транс-пацифичкото партнерство, Перманентни нормални трговски односи со Кина, Спогодбата за слободна трговија со Доминиканската Република и Централна Америка и Северноамериканската спогодба за слободна трговија. Милиони работници и работнички гледаа како нивните работни места ја напуштаат земјата бидејќи политиките за слободна трговија ја поткопаа нашата производна индустрија. Се надеваме дека состанокот на претседателот Трамп со канадскиот премиер Џастин Трудо и мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието на 31 јануари отвора вистински дијалог за поправање на погрешната Северноамериканската спогодба за слободна трговија.

Овој развој го сфаќаме како позитивен знак дека претседателот Трамп ќе продолжи да ги исполнува своите предизборни ветувања во врска со реформата на трговската политика и ќе му наложи на Трговското претставништво на Соединетите Држави да преговара за идните договори што ќе ги штитат американските работници и индустријата.“

Основан во 1903 година, меѓународниот синдикат Тимстерс претставува 1,4 милиони вредни работници и работнички низ САД, Канада и Порторико.

Треба да земете предвид дека левото/десното позиционирање на овие буржоаски партии зависи од историските околности. Долго време, републиканците беа левица, а демократите десничари – оттука и конфузната употреба на црвената и сината боја во САД, што е спротивно на Европа. Во 19 век, републиканците беа црвените во сојуз со комуната во Франција и војната против конфедерацијата. Сосема е можно да видиме уште еден пресврт на ставовите на партиите како што се случи во 1930-тите години со Рузвелт Втори, само после него демократите зазедоа позиција да ги фаворизираат интересите на работничката класа. Запомнете дека под Рузвелт I републиканците беа прогресивна партија.

________________________________________________________

(1) Martin Gilens and Benjamin I Page. Testing theories of American politics: Elites, interest groups, and average citizens. Perspectives on Politics, 12 (03): 564-581, 2014.
(2)Ibid.
(3) Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Mанифест на Комунистичката партија, 1848 https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1848/kom_man01.htm
(4) Richard B Morris. Class Struggle and the American Revolution. The William and Mary Quarterly: A Magazine of Early American History, pages 4-29, 1962.
(5) Mao Zedong. On contradiction. Chinese Studies in Philosophy, 19 (2): 20-82, 1987.
(6) Ирокези (од француски: Iroquois) — група од индијански племиња, кои ја населуваат североисточна Америка (областа на Големите Езера), кои се обединети во т.н. „Ирокезка конфедерација“, наречена и уште „Петте народи“, „Шесте народи“, „Народот од Долгиот дом“, „Лига на ирокезите“ и др. Тие самите се нарекуваат „Ходиношони“ (Haudenosaunee) и буквално може да се преведе како Народот од Долгиот дом. првостепено Лигата на ирокезите е изградена од пет народи: Мохавк (Mohawk), Онеида (Oneida), Онондага (Onondaga), Кајуга (Cayuga) и Сенека (Seneca). Подоцна (1721 г.) кон неа се вклучува шестиот народ: Тускарора (Tuscarora).
(7) Richard B Morris. Class Struggle and the American Revolution. The William and Mary Quarterly: A Magazine of Early American History, pages 4-29, 1962.
(8) Max Weber. The agrarian sociology of ancient civilizations. Verso Books, 2013.
(9) Aristotle. The Politics. Hutchinson, 1988.
(10) Jeffrey A Winters. Oligarchy. Wiley Online Library, 2011.
(11) Thomas Piketty and Arthur Goldhammer. Capital in the twenty-first century. Belknap Press, 2014.

Превод: Томислав Захов

Карикатури: Dave Coverly