Англофоните наслови во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ (2)

12.01.2021 12:00
Англофоните наслови во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ (2)

(продолжува од Англофоните наслови во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ (1))

4.2 Автор(ка)

Вкупниот број категории што се појавуваат во полето автор(ка) е 121. Сепак, треба да се има предвид дека во нив има четири наслови на збирки и антологии со творештво на повеќе автори. Така на пример, Џејмс Џојс, Томас Стернз Елиот, Вирџинија Вулф и Вилијам Шекспир се застапени со најголем број наслови (три). Седумнаесетте автори потпишани на два наслова се: Даниел Дефо, Роберт Луис Стивенсон, Едгар Алан По, Вилијам Батлер Јејтс, Ернест Хемингвеј, Џозеф Конрад, Езра Паунд, Џон Максвел Куци, Лоренс Стерн, Д.Х. Лоренс, Вилијам Фокнер, Чарлс Дикенс, Хенри Џејмс, Вистан Хју Одн, Џејн Остин, Владимир Набоков и Џон Штајнбек. Имајќи ги предвид збирките, без разлика што ги сметаме за една целина, можеме да евидентираме уште четворица автори чие творештво се појавува во два наслова: Џорџ Гордон Бајрон и Перси Биш Шели се јавуваат како автори на цел наслов и како дел од збирка. Понатаму, творештвото на Вилијам Бароуз е застапено со роман и како дел од антологија, а поезијата на Ален Гинзберг е вклучена во две антологии. Инаку, може да се изведе следната дистрибуција на автори според бројот на наслови, во која над две третини од авторите се појавуваат со по еден наслов:


Во следната дистрибуција на автори (графички приказ 4) е прикажана родовата распределба меѓу авторите, што не е изненадувачка. Со оглед на тоа што општоприфатениот канон во светската книжевност е машки, а и тоа што меѓу уредниците на едицијата нема ниту една жена, и овде доминираат машките автори со 85,62 %, додека авторките се застапени со само 13,01 %. Во еден случај имаме дело од анонимен автор (Беовулф), како и збирка со три автори и една авторка (избор поезија во која е застапена и Силвија Плат, покрај тројца други машки автори од англо-американско потекло – Карл Сандберг, Алан Гинзберг и Тед Хјуз). Сепак, имајќи ја предвид широката застапеност на современата книжевност во едицијата, во која авторките се многу поприсутни отколку, да речеме, во 19 век, разочарува – но, и не изненадува – одлуката на уредниците да вбројат толку мал избор наслови од авторки. За ставот на комисијата кон авторките што припаѓаат во светскиот канон многу зборува тврдењето на Маџунков дека во едицијата, сепак, се вклучени дела што „просто не припаѓаат на самиот врв на светската книжевност“, при што како пример ја наведува Мери Шели (Маџунков 2012: 3).


Насловите се понатаму распределени според земјата на потекло на авторот. Треба да се земе предвид дека земјите на потекло се дефинирани според денешните нивни називи. Па, така, иако во времето кога бил створен Беовулф не постоело Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, делото е условно ставено во рамките на таа книжевност, како извесна културно-географска определба. Насловите со автор од Ирска се ставени во посебна категорија, и покрај географската близина и користењето на истиот јазик, поради политичките разлики, кои често ја дефинираат ирската книжевност. Во голем број случаи авторите припаѓаат на две географски традиции или, пак, на две книжевности – таков е случајот со авторот Александар Хемон, кој по потекло е од Босна и Херцеговина, но живее во САД и пишува на англиски јазик или, пак, Владимир Набоков и Јосиф Бродски, знаменити руско-американски автори. Слична е и ситуацијата со англо-американските автори како Т.С. Елиот и Езра Паунд, додека во едицијата се појавуваат и мал број изданија од автори што потекнуваат од поранешни британски колонии, како Индија (на пример, Киран Десаи) и Јужна Африка (Џ.М. Куци). Сепак, очигледна е доминантноста на она што го нарекуваме англиска или британска книжевност, која е застапена со 44,52 %.



4.3 Издаваштво

Податоците поврзани со издавањето на насловите се претставени во контингентна табела, со додадена процентуална застапеност на издавачките куќи (по вертикала) и годините на издавање (по хоризонтала). Треба да се земе предвид дека издавачките куќи се наоѓаат во различни комбинации со други издавачки куќи, по што произлегува дека конечниот обем на работа на извесна издавачка куќа во однос на изданието на англофоните дела е немерлив (табела 4).



4. 4 Преведувач(ка)

За разлика од родовата застапеност на авторите на насловите, очекувано беше, со оглед на ниската платеност и непрестижноста на професијата, како и доминантноста на женскиот наспрема машкиот род при студиите на Филолошкиот факултет, дека преведувачките ќе доминираат над преведувачите. Имено, се покажа дека 67,81 % од насловите се преведени од жени, а само 28,08 % од мажи. Во шест наслова се појавија повеќе преведувачи во кои има застапеност и на мажи и на жени (графички приказ 5).


За да се добие подетален преглед на тоа кои преведувачи со кои издавачки куќи најмногу соработувале во едицијата SСК, дистрибуцијата за преведувач(ка) е вкрстена најпрво со издавачка куќа и добиените резултати се поставени во контингентна табела. Така, на пример, се забележува дека извесни преведувачи соработуваат со извесни издавачки куќи, како Марија Џонс и Зорица Теофилова со Магор. На крајот се дава увид и во вкупниот број преведени дела од еден преведувач или (кога станува збор за збирки на дела) повеќе преведувачи (такви ситуации има вкупно 16). Така, на пример, драмите на Харолд Пинтер имаат најголем број преведувачи – четворица. Во контингентната табела го има на увид и вкупниот број наслови според издавачките куќи (додаток 1). Следуваат податоците за првите дваесет преведувачи според квантитетот на преведени наслови во едицијата (табела 5).


Табелата 6 дава увид во преведените англофони наслови вкрстувајќи ги дистрибуциите за преведувач(ка) и жанр, со што се наведени само првите 11 полиња како најрелевантни. Вкрстувајќи го преведувачот и жанрот, се стекнува увид во преведувачката специјалност на одредени преведувачи веќе етаблирани во нашата култура. Така, на пример, анализата покажува дека во едицијата SСК најзастапени преведувачи на поезија се Драги Михајловски, Богомил Ѓузел и Зоран Анчевски, додека најзастапена преведувачка на драмски текстови е Рајна Кошка-Хот.




4.5 Автор(ка) на поговор

Сите наслови на едицијата SСК задолжително содржат краток поговор за делото, збирката или антологијата претставена во насловот. Само во два случаи поговор не се јавува: кај Ловец во ‘ржта од Џ.Д. Селинџер и Децата на полноќта од Салман Ружди, и тоа поради правила наложени од авторите при отстапувањето на авторските права. Сите поговори во едицијата се напишани од еден автор, освен кај еден наслов од Оскар Вајлд, каде што се појавуваат две имиња: Александар Прокопиев пишува за Среќниот принц, додека Елизабета Шелева за Сликата на Доријан Греј, меѓутоа станува збор за поврзан опус со два каталошки броја, кој секаде се води како една целина.

Графичкиот приказ 6 ја прикажува родовата распределба меѓу авторите на поговори:


Интересно е што при оваа застапеност повторно имаме доминација на машките автори, што може да се доведе во врска, како што веќе беше наведено во воведот, со нивните раководни позиции и, следствено, перцепција на поголем авторитет.

Во следната контингентна табела (додаток 2) насловите се дистрибуирани според автор(ка) на поговор и жанр, со што повторно добиваме увид во стручноста или, пак, книжевните претпочитања на одредени филолози и книжевници. Во долунаведениот приказ (табела 6) можеме да ги видиме првите 15 полиња во кои авторите се рангирани според тоа колку поговори напишале, па, така, убедливо доминира Зоран Анчевски со 22 поговора, а на второ место се Драги Михајловски со 7 и Санде Стојчески со 6.



5. Заклучок

Прегледот и анализата на карактеристиките на англофоните наслови објавени во едицијата Sвезди на светската книжевност покажа дека книжевноста создадена на англиски јазик, каде што доминираат англиската и американската книжевност, зазема повеќе од една четвртина од канонот што уредниците на едицијата го сметаат за светска класика. Овие дела главно потекнуваат од 20 век, и покрај тоа што уредниците имале цел светскиот канон да вклучува автори родени пред 1910 година. Како и во другите светски канони, жанровски доминира прозата, а во рамките на прозата најдоминантен е романот, додека поезијата и драмата се застапени во значајно помал размер. Што се однесува до родовата распределба, во канонот на SСК доминираат машки автори, преведувачките се, главно, жени (иако најетаблираните како Драги Михајловски, Зоран Анчевски и Богомил Ѓузел се мажи), додека кај авторите на поговорите преовладуваат мажите. Се јавуваат неколку издавачки куќи како издавачи на делата во едицијата, кои меѓусебно се комбинираат и затоа е невозможно да се процени уделот на секоја засебна издавачка куќа во производството на преведеното дело. Се гледа корелација во соработката на извесни преведувачи со извесни издавачки куќи. Истражувањето ги покажа и корелациите меѓу преведувачите и жанрот во кој најчесто преведуваат, како и авторите на поговори и жанрот за кој пишуваат.

Конечно, при обидот да се направи темелно истражување на владиниот проект Sвезди на светската книжевност, се увидоа и недостатоците и недоследностите во неговото создавање. И покрај тоа што во едицијата се преземени и одново објавени преводи што веќе постојат и се објавени, како, на пример, преводите на Драги Михајловски и Богомил Ѓузел, ова истражување не испита колку дела биле одново преведени во кусиот рок од четири години, зашто извесни дела биле препечатувани, а други не, а и не се осврна на квалитетот на објавените преводи. Сепак, со еден ваков темелен, но и првичен увид во англофоните наслови објавени во едицијата, ова истражување има надеж дека ќе предизвика една таква анализа. Понатаму, целокупен увид во обемот, практиката и карактеристиките на преведувањето од англиски на македонски јазик во рамките на оваа едиција може да произлезе откако ќе се земат предвид и делата преведени посредно од англиски јазик. А, за уште појасен увид во застапеноста на преведувачите, авторите на поговори и издавачките куќи вклучени во проектот, потребно е да се направи анализа на карактеристиките на сите наслови објавени во едицијата SСК. Конечно, се надевам дека ова истражување ќе поттикне анализа и на другите капитални книгоиздателски про¬екти на тогашната влада, кои во многу краток временски период продуцираа преводи на дополнителни стотици наслови – едициите Нобеловци и Светско книжевно богатство.



Библиографија

Бужаровска, Р. (2015). Игри со ловците во ‘ржта. Културен живот, (1/2): 50–54.
Ѓурчинова, А и Стојменска-Елзесер, С. (1992). Светската книжевност во превод на македонски јазик (1945–1990). Спектар, Х (19): 93–107.
Кошка-Хот, Р. (2012). Чекајќи го вистинскиот збор. Културен живот, 57(3/4): 16–23.
Маџунков, М. (2012). Sвезди на светската книжевност: вовед кон едицијата. Наше писмо, 18 (73/74): 2–5.
Никуљски, О. (2013). Јазикот, литератата и преводот -сложена интеракција. Културен живот, (3/4): 6–11.
Танески, З. (2013). Критиката на книжевните преводи: неопходни фактори и простор за вреднување (македонско-словачки негативни искуства). Културен живот, 59 (1/2): 38–47.
Ќулавковска, Б. (уред.). (2015). Каталог: Капитални книгоиздателски проекти. Скопје: Министерство за култура на Република Македонија
Цветкоски, В. (2017). За книжевното преведување (традуктолошки портрети). Скопје: Макавеј.


Андоновска, Д. (2020). За некои недоследности и стилската некохеренција во пре­водот на Даблинци. [Интернет] Окно. Достапно на https://okno.mk/node/84558. [Пристапено на 1.9.2020]
Димитрова, Б. (2020). Безбојниот јазик во Бојата на пурпурот. [Интернет] Окно. До­стапно на https://okno.mk/node/84846. [Пристапено на 1.9.2020]
Ивановска, А. (2019). За јазикот на глувците, луѓето и преведувачот. [Интернет] Окно. Достапно на https://okno.mk/node/78916. [Пристапено на 1.9.2020]
Малеска, К. Зошто страв од колоквијалниот јазик? [Интернет] Окно. Достапно на https://okno.mk/node/42715 [Пристапено на 1.9.2020]
Рашко, А. (2019). Залудна потрага по љубов на блудниот син. [Интернет] Окно. До­стапно на https://okno.mk/node/79160. [Пристапено на 1.9.2020]
Спасиќ, В. (2020). Најблескавата ѕвезда на светската книжевност. [Интернет] Окно. Достапно на https://okno.mk/node/84670. [Пристапено на 1.9.2020]
Станојевиќ, Н. (2019). За македонските преводи на Макбет. [Интернет] Окно. До­стапно на https://okno.mk/node/79024. [Пристапено на 1.9.2020]
Државен завод за статистика: Број на дипломирани студенти во 2019 година. (26 мај 2020). Достапно на http://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?id=28&rbr=3317. [Пристапено на 1.9.2020]
Каталог на книги, Министерство за образование и наука. Достапно на http:// www.1000knigi.mon.gov.mk/katalog_za_sajt.pdf. [Пристапено на 1.9.2020]
Родот и економијата. Родов реактор. [Интернет] Достапно на http://rodovreactor.mk/ subject/economy/. [Пристапено на 1.9.2020]


Index Translationum – World Bibliography of Translation. (2003). [Online] Available at http://portal.unesco.org/culture/en/ev.php-URL_ID=7810&URL_DO=DO_ TOPIC&URL_SECTION=201.html [Accessed: September 1st, 2020]
Three Percent: a resource for international literature at the University of Rochester. (2018).      [Online] Available at http://www.rochester.edu/College/translation/threepercent/ translation-database/?fbclid=IwAR3o1sSY3biSYJxgRvntc3dpAWExmp9gndlqZF2y4 AU4XHVtViPGC7w8bh4 [Accessed: September 1st, 2020]


ДОДАТОЦИ

Додаток 1. Англофони наслови според преведувач(ка) и издавачка куќа. Збирните фреквенции се рангирани. Преведувач(к)ите што се појавуваат и во наслови со повеќе преведувач(к)и се болдирани и до нив е наведен бројот на дополнителни наслови.






Додаток 2. Англофони наслови според автор(ка) на поговор и жанр. Збирните фреквенции се рангирани. Автор(к)ите што се појавуваат и во наслови со повеќе автор(к)и на поговор се болдирани и до нив е наведен бројот на дополнителни наслови


 
Слики: Од анимираниот филм Spirited away 
 

ОкоБоли главаВицФото