Актерката Сара Климоска меѓу 10-те најдобри европски таленти за 2021

12.01.2021 15:16
Актерката Сара Климоска меѓу 10-те најдобри европски таленти за 2021

Македонската актерка Сара Климоска е избрана меѓу 10-те најдобри актерски таленти во Европа за годинава на 71. Берлинале и ќе ја добие наградата „Шутинг старс“ (Shooting Stars), што ја доделува платформата Европска филмска промоција (ЕФП).

ЕФП ги објави 10-актери кои за првпат во 24-годишното доделување на оваа награда, ќе бидат претставени во тридневна онлајн програма пред филмската индустрија, публиката и меѓународните медиуми. Нивното претставување ќе се од 23 до 25 февруари, една недела пред 71. Берлинале (1-5 март). Свеченоста на доделувањето на наградите ќе се одржи во јуни, исто кога и ќе се доделат наградите од Берлинскиот филмски фестивал.

Климоска, ѕвездата на „Врба“ на Милчо Манчевски, е номинирана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а во изборот се млади таленти од Германија, Франција, Холандија, Шведска.

„Со очите кои се огледало на нејзината душа, актерската игра на Сара Климоска е шармирачка, игрива и жестока. Откритие во вистинска смисла на зборот, со емоционална длабочина што им пркоси на нејзините години, таа нѐ вовлекува во животот на нејзиниот лик со шарм и леснотија што јасно го прикажува нејзиниот ѕвезден потенцијал“, стои во одлуката на жирито. Жирито додава дека талентот особено е забележлив во нејзиниот нов филм „Лена и Владимир“, деби на Игор Алексов, кој годинава ќе ја има својата премиера.

Во меѓународната организација European Film Promotion, каде Агенцијата за филм е членка, досега во оваа програма учествувале многу познати актери од Европа како: Matilda de Angelis (The Undoing), Carey Mulligan (Promising Young Woman, The Great Gatsby), Alba Rohrwacher (Happy as Lazzaro), добитничката на Оскар - Alicia Vikander (Tomb Raider), Maisie Williams (Game of Thrones), Riz Ahmed (Rogue One: A Star Wars Story, Mogul Mowgli- Berlinale 2020), George MacKay (1917), како и Louis Hofmann (Netflix’s Dark), а од С. Македонија досега од оваа програма биле дел Благој Веселинов во 2019 , Наташа Петровиќ во 2011 и Лабина Митевска 1998 година.