1003 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 23:59
Дали сте знаеле дека човекот кој можеби и најмногу влијаел на историјата на Европа, револуционерниот генерал, првиот конзул и императорот на Франција, Наполеон Бонапарта (1769-1821), бил и математичар?
Исклучителниот развој на француската математика делумно се испреплетува со чудесниот подем на генералот од Корзика, една теорема од геометријата носи назив Наполеонова теорема, а за оваа негова страст зборуваат и бројни анегдоти.
По враќањето во Франција 1797 година, после прославениот успех ширум Париз во првата кампања во Италија и поразот на Австрија, еден од најмоќните луѓе од таа доба во Директоратот, мрачниот министер за надворешни работи Талеран го прашал дали има политички амбиции.
Наполеон го погледнал и наводно одговорил дека не го интересира власта, туку дека после војната го интересира само едно нешто - повторно да се занимава со математика. И, покрај тоа, да биде примен во Академијата на математичките и физичките науки. Оваа цел, како и многу други пред и потоа, навистина ги остварил брзо - во мај 1798 година Наполеон бил избран во Академијата.
Иако е дискутабилно, ова поставување во ниеден случај не било сосема без основа. Пред револуцијата, за време на школувањето, Наполеон во воената школа во замокот Бриен бил забележан како исклучителен математичар, што му овозможило и да се запише на елитната École Militaire во Париз. Токму заради математичките знаења станал артилериски офицер, а слушал настава кај славниот Лаплас.
Неговите математички пресметки, после почетокот на револуцијата, му овозможиле да ја разреши опсадата на Тулон, каде со артилериска стрелба ги надиграл ројалистите и британските сили, за така да им донесе неочекувана победа на револуционерните сили и веднаш потоа, добил чин генерал. На сличен начин, со примена на артилеријата, подоцна учествувал во крвавото гушење на ројалистичкиот бунт во 1794 година. Тоа бил и почеток на неговиот подем и огромната популарност ширум Франција.
После низа победи ширум Европа и Африка над антиреволуционерната коалиција, неговата слава станала толку голема што, и покрај одговорот што му го дал на Талеран, влегол во политиката. Во услови на голема внатрешна нестабилност, Французите му дале речиси неограничена власт.
Иако тој факт е заборавен под очигледното влијание на пропагандата во Британија во текот на 19 век, Наполеон во 1799 година бил избран за прв конзул на Републиката со директно гласање на плебисцит во кој учествувале 1,5 милиони гласачи од кои 98 проценти гласале за него. После овие победи, мандатот во 1802 година му бил продолжен доживотно со 99 проценти освоени гласови на новиот плебисцит на кој учествувале 3,6 милиони Французи. Истиот резултат ќе се повтори во 1804 година кога ќе биде прогласен за император.
Наполеоновата теорема
Во текот на кариерата, успевал и да воскресне кога сите го отпишувале и после прогонството на Елба за неколку месеци во 1815 година повторно да ја мобилизира цела Франција околу себе. Добил повеќе од 60 различни битки, вклучувајќи ја и славната победа кај Аустерлиц, додека изгубил само неколку.
Се смета дека во воена смисла не бил особен иноватор, туку дека само доследно ги применувал знаењата стекнати во воената школа, а тоа го кажувал и самиот. Но, за време на битките знаењата од геометријата му овозможувале секогаш да гледа повеќе потези од своите сопарници. На прашањето кој е најголем генерал на епохата, неговиот смртен непријател, британскиот војсководец Велингтон наводно рекол „Во оваа доба, во претходните, во секоја доба, Наполеон“.
Наследството на Наполеон е тешко мерливо - Франција ја извлекол и ја направил светска сила од периодот на револуцијата, а со освојувањата практично ја изменил историјата на повеќето европски држави и привремено ја проширил француската територија на повеќе од половина Европа, што било прекинато со поразот кај Ватерло.
Зад Наполеон останаа навистина многу трајни, цивилизациски придобивки како Граѓанскиот законик, модерното образование и системот на лицеи, метричкиот систем и легијата на честа. Меѓу другото, со него се поврзува дури и поновата француска традиција на применетата математика.
Во математиката му се припишува таканаречената Наполеонова теорема. Според неа, ако на страниците на кој било триаголник се конструираат рамнострани триаголници, нивните центри ќе прават рамностран триаголник. За вистинското потекло на Наполеоновата теорема се водат дискусии, бидејќи Британците сметаат дека не ја докажал Наполеон.
И некои од своите воени походи Наполеон делумно ѝ ги посветил на науката. Откако се договорил со Талеран за потребата на една воена експедиција во Египет, во 1798 година во Африка ги повел своите трупи и 150 избрани француски научници, математичари и уметници.
Членовите на експедицијата покрај Наполеон ги избирал и Фурие, а потоа е издадена една од највлијателните книги за Египет. Меѓу другото, за време на овој поход во Мемфис е откриен каменот од Розета кој на Шамполион ќе му послужи за дешифрирање на египетските хиероглифи.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: http://naukakrozprice.rs