Воспоставување ред со цвеќе

13.01.2021 15:39
Воспоставување ред со цвеќе

„Не е страшно да умреш! Страшно е да си жив мртовец,
да не знаеш дека ја живееш смртта...“

Мајка ми ми оставила милион семиња за цвеќе низ куќава. Не остави никаков тестамент или упатство за тоа кое семе за кое цвеќе е. По фиоки, меѓу крпи, маици, чорапи. Трчи трчи, врзулче со семе. Меѓу страници од книги. Читајќи наеднаш никнува цвеќе. Си го полевал со мислите што течеле од книгата спрема тебе. Светлината од твојот поглед била замена за сонцето. Облекуваш чорапа и додека да стигнеш до одредиштето, помеѓу твојот палец и дното на чевелот никулците фатиле место и со чудење осеќаш како мека ластеграка ти се витка од глуждот угоре по ногата и си мислиш среќа што е зима па од капутот нема да се забележи дека паралелно со телото носиш уште едно - телото на растението. Порака од мајка ти.

Но најголемиот дел од семињата ги остави во земјата во дворот. Еднаш се сеќавам, беше пролет, седев среде двор и читав. Сончевите зраци во комбинација со увидите - последици од читањето ме имаа зашеметено со силата на умилни длабоко прочистувачки чувства. Слоеви очај и беспомошност како санти мраз се топеа закопани одамна на дното на душата. Ги гледав мравките, слични на буквите, како беспрекорно организирани инстинктивно лазат по својата патека наваму – натаму, налево – круг и назад, и одеднаш бам – Планета Земја! Веќе следниот миг можев да направам разлика помеѓу земјата како почва, и земјата како космичка топка која заедно со мравките, лисјата, дрвјата, мачките и кучињата, се тркала низ бесконечноста на просторот. Во јануари започнуваше протоколот на „порака во цвеќе“, што траеше до крајот на октомври.

Прво никнуваа кокичиња. Па крајот на февруари нарциси. Зумбули и лалиња. Се појавуваа како порака со боја, мирис и трепет. Да, цвеќињата трепереа во одреден ритам и зачестеност слично на морзеова азбука, продолжувајќи го поредокот на љубовта, од чие поле додека беше жива со своето тело мајка ми вибрираше кон мене. Цвеќињата ѝ беа патокази и упатства со кои се обидуваше да фрли светлина врз една голема грмушка – трн што никнуваше веднаш зад мојот тил, и се вообличуваше во некаква екстерна надградба на поткожниот Атлас што тивко создаваше почва за таквиот перформанс. Таа ја нарекуваше Лавиринт-билка, и освен неа никој не го забележуваше цветот што можеше да се појави во насока на излезот од лавиринтот, ако правилно се движиш и не го нарушиш поредокот на меѓупрешленската љубов, ᾿рбетниот столб и сличните незабележливи со голо око бавчи на грбот.

Фотографија: Будимка Поповска

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност / Уметност
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото