Најраниот потпишан писател е жена

14.01.2021 12:25
Најраниот писател по име е жена

Древен акадски цилиндричен печат на кој е претставена месопотамиската божица на љубовта,
Инана.

Најраниот познат потпишан писател е жена, принцезата Енхедуана, родена околу 2300 година п.н.е., ќерка на кралот Саргон I од Акаф, и висока свештеничка на богот на месечината, Нан, и составувачка на низа песни во слава на Инана, божицата на љубовта и војната.

Енхедуана го потпишувала своето име на крајот на плочката. Тоа бил обичај во Месопотамија и многу наши сознанија за писарите потекнуваат од такви потписи или колофони, кои го вклучувале името на писарот, датумот и името на градот во кој пишувањето се случило.

Таквата идентификација му овозможувала на читателот текстот да го чита со одреден глас – во случајот на химните за Инана, со гласот на Енхедуана - поистоветувајќи го „јас“ во текстот со одредена особа, создавајќи така псевдо-фикционален лик, „авторот“, со кој читателот се поврзува. Тој изум, настанат на самите почетоци на книжевноста, нè следи и нас, четири илјади години подоцна.

Писарите морале да бидат свесни за необичната моќ што ја добивале со тоа што биле и читатели на текстот, така што љубоморно ја чувале таа привилегија. Повеќето месопотамски писари текстот охоло го завршувале со следниов колофон: „Мудар нека го учи мудриот за незнајкото да не види“.

Во Египет за време на деветнаесеттата династија, околу 1300 година п.н.е., еден писар составил ваква пофалба на својата професија:


Биди писар! Врежи го тоа во своето срце

За твоето име да живее како нивните!

Свитокот е одобар од изрезбаниот камен.

Човекот умрел: неговото тело е прашина,

А неговите луѓе ја напуштиле земјата.

Книгата ќе биде сеќавање на него

Во устата на говорникот што го чита.

Диск од Енхедуана

Избор и превод: П. В.
Извор: Alberto Manguel, A history of Reading

ОкоБоли главаВицФото