Куси-куси книжевни критики (2)

14.01.2021 15:12
Куси-куси критики (2)

 Дваесетина куси-куси критики пристигнати на конкурсот за куса-куса критика на крајот од декември 2020 година.

Марина Додевска

Кон „Аб’т“ од Оливера Ќовезироска

Македонската писателка и критичарка, Оливера Ќовезироска со своите волшебни раце ни сошила извонреден роман, каде како главен лик се јавува македонскиот јазик. Роман составен од три дела и ресло, дел без кој романот не би бил целосен. Бунарот во романот е второто ниво на постоење и на приказната и на ликовите. Со својата волшебна раскажувачка моќ авторката направила обид да создаде два света еден врз друг. Кога нема да чини нешто горе – да се оди долу и обратно. Аб’т или со други зборови роман длабок 18 метри без сомнение е најдоброто книжевно дело што се појавило на македонската книжевна сцена.


Кон „Шрапнел“ од Игор Анѓелков

Игор Анѓелков во својот роман „Шрапнел” со својата искреност и уникатен стил на раскажување ни ги доловил меѓучовечките односи со кои секој од нас барем еднаш се соочил во животот.
Паралелно прераскажани две приказни каде нараторите својата тегобност се обидуваат да ја надминат преку терапевтско пишување. Едната приказна во прво лице се навраќа на убавите и лошите моменти од минатото кои кај секого оставаат белег, а другата приказна прераскажана во трето лице за сегашноста и проблемите кои ги мачат семејствата, нивната гордост која ги спречува отворено да ги изнесат емоциите и да ја пренесат болката која ја кријат во себе.


Снежана Стојчевска

Кон „Сфингата на гневот“ од Жарко Кујунџиски

„Сфингата на гневот“ е најновиот роман на писателот и издавач Жарко Кујунџиски. Издавач и писател се и главните ликови, Лазар Отадески и Марко Ковачевски, две крајности или две страни на иста паричка. Едниот централен, другиот лик во сенка, неприсутен, но сеприсутен. Лазар ќе отиде отаде за да го пронајде совршениот автор и дело. По структурата е комплексен, роман во роман, кој се развива вертикално низ времето, од создавањето на Скопје до денес и хоризонтално гиповрзува Скопје и Сплит. Возбудлив, историско-археолошки, мистичен ребус, со силна хуманистичка порака.


Кон „Стаклени сенки“ од Милчо Мисоски

Вечната тема која го инспирира Мисоски е времето. Затоа јас би го нарекла поет на времето. Самиот наслов „Стаклени сенки“ асоцира на непостојаноста, кршливоста и минливоста на човековото битие и постоење. Стаклото ќе се скрши. Сенката ќе исчезне со заоѓањето на сонцето. Неговата поезија е нежна, лирична, па дури и медитативна. Ви препорачувам да читате по една песна на ден, но читајте ја наглас и повторете ја повеќе пати, како молитва меѓу две трепнувања, како мантра, лозинка за други димензии, како рецепт препишан од доктор.


Кон „Големата Прегратка“ од Павлина Атанасова

Атанасова ни подарува тајна мапа која треба да ја одгатнеме за да може да ја осознаеме повеќеслојната димензија на оваа поезија. „Големата преграта“ за мене е ковчеже со скриено богатство. На секое отворање ќе најдете некој нов бесценет стих кој останал скриен, нешто што првично не сте го забележале, ќе ви се покаже и ќе ви отвори нови видици. Ова е книга која може да се чита безброј пати. За вакви поетски доживувања вреди да се живее, затоа што ја прават полесно е поднослива реалноста со која сме опкружени секојдневно, давајќи ѝ смисла на бесмислата.



Андреј Јанков

Кон „Дневници на една љубов“ од Лилјана Пандева

Авторовата еманципација, естетичност и уникатаност придонесува на фактот дека, делото „Дневници на една љубов“ од македонската квалитетна писателка, Лилјана Пандева, претставува оригинален, психолошки и безвременски ракопис. Насловот симболизира љубов, а слободно може да се изјасниме дека, таква е и книгата. Компонирана е со високи стилски, морални и концизни мисли и пораки. Застапена е љубовта помеѓу две надежни и хумани битија, чиј крај е трагичен. Верувам и се надевам дека секој читател би се согласил барем со дел од мојата критика за ова врвно дело. Го кажувам ова, зашто книгата, односно нарацијата продира до срцето и не заминува во заборав.



Катерина Стојковска


Кон „Сивиот плоштад” од Сашо Огненовски

Патрик (Леонард) е успешен професор по семиотика, во емотивна врска со студентката Ангела. Еден ден решава се’ да остави зад него и да тргне во потрага по своите корени. Решава да ја исценира неговата смрт. Но неговата сакана ни за миг не верува во тоа и тргнува по него. Потрагата по неговите биолошки родители го носи низ познатите балкански улици. Но кој е тој што не сака да се дознае вистината? Не, ова не е класична романса, не е ни трилер. Тоа е психолошки роман со сите испреплетени жанрови. На читателот останува да одреди што е вистина а што фикција.


Слободан Беличански

Кон „Сновење – четиво за сите генерации“ од Лада Шоптрајанова Петровска

Книгата „Сновење“ (Музички приказни) е вреден труд на авторката Лада Шоптрајанова Петровска и умен издавачки потфат на Издавачката куќа „Или – Или“ – Скопје, посебно во ова корона време, кога сите копнееме по живи допири со музичката уметност и нејзините создавачи и изведувачи.

Педесет и двете музички приказни, првенствено наменети за децата и младите, а интересени за сите генерации, се раскажани со несомнена книжевна вештина. Тие го будат читателското љубопитство за дотогаш нему непознатите или помалку познатите музички жанрови, стилови и епохи и го ослободуваат од беспричинскиот страв од божем „досадната и демодирана“ сериозна музика.

Продолжете - до сто и една музичка приказна!


Каролина Николиќ

Кон „Расположенијата на Хиполит Колбас“ од Роксана Јанджејевска-Врубел

Хиполит Колбас е секое дете кое почнува да го осознава светот околу себе и своите расположенија предизвикани од светогледот. Среќко Котлев е верниот другар, родителот, старателот кој треба да го има сето разбирање за расположенијата на Хиполит. Оваа книга е за сите деца и родители кои се соочуваат со секојдневните премрежја, како куче и маче, кои иако спротиставени, ставени се во заеднички свет за да ги пребродат сите бури и емоции. Ова дело треба да се чита тивко и полека, за децата да се пронајдат во Хиполит Колбас, а родителите да учат од смиреноста на Среќко Котлев.


Кон „Сплесканиот зајак“ од Бардур Оскарсон

Му завидувам на Оскарсон што може да ги види работите низ детски очи. Како да не пораснал. Без да пребарам кој е авторот би се обложила во најмилото дека книгата ја има напишано и илустрирано мало дете.
Овде текстот не може без илустрациите, а илустрациите можат да живеат сами. Многу интересно е дури ја читате книгата на мало дете да ги следите неговите реакции. А уште позабавно е кога седум годишно дете му ја чита оваа книга на своето мало три годишно братче. Бесценето. На крајот читателот посакува да биде сплескан зајак. Да го види светот од негова перспектива.


Христина Стефановска

Кон „Празнина” од Ана Лјенас

Не постои поголема болка од загубата. Загубата е дел од нашиот живот. Децата, особено оние од третата до шестата година сеуште целосно не го разбираат губењето и смртта ја доживуваат привремено. Не се плашете да ја отворите оваа книга. Не се плашете да зборувате за смртта. Тагата е пријател на губењето. Покажете му на детето дека таа пријателка има нешто да му каже. Научете го секогаш кога ќе се почувствува тажно да го нацрта или напише тоа што го чувствува. Тагата ја лекува болката на детето. Со текот на времето детето учи да ја прифаќа новонастанатата динамика но и учи да му дава поголема вредност на животот.


Филип Трајковски

Господ да (не) ви е напомош! – збор-два за „Госпоѓица Лонлихарт“ од Натаниел Вест

Безимен колумнист, кој не знае што со себе освен да дреме во спикизи, им дели совети на очајните анонимни читател(к)и, иако самиот е печен за лекување, особено откако ќе развие мании и комплекс на Исус Христос. Накусо – Господ (г-ца Лонлихарт) да (не) ви е напомош!

Вешто играјќи со клучните концепти на Достоевски, Кафка и надреалистите, во мешавина од одвратен реализам и кошмарна фантазија, низ фрагменти налик на холивудско сценарио, Натаниел Вест нуди гротескна слика за агонијата на современиот човек во грчевита потрага по автентична смисла во едно отуѓено општество.


Ивана Трајаноска

Фредрик Бакам и неговиот Уве наспроти Магда Сабо и нејзината Емеренца
он „Човекот по име Уве“ од Фредерик Бакман и „Врата“ од Магда Сабо)

Човекот по име Уве и Врата се романи за моќта на човечкиот контакт и меѓучовечкото влијание. Романите, и покрај неколкуте точки каде се спојуваат, покажуваат клучни идејни и естетски разлики во обработувањето на една тема. На Уве и Емеренца отуѓеноста им е заедничка. Тие повеќе не веруваат ниту во луѓето, ниту во системот. Но, за разлика од романтизираната моќ на меѓучовечкиот контакт кој го одвраќа намќорестиот Уве од самоубиство, преку бледиот лик на Парвани и идеализираниот однос татко-ќерка, тој ист меѓучовечки контакт, преку безимениот но длабоко разработен лик на писателката- наратор и проблематичниот однос мајка-ќерка, ја турка стамената Емеренца во смрт.


Елена Остреска

Кон „Не правете им сенка на гробовите“ од Дијана Петрова

Книга со дефиниција: „Како светот да е дух кој се буди од кома, прво не ги чувствува рацете, потоа не може да си ја допре главата и на крај не може да си ја слушне душата.“ Душата што не знае дали ја има или не. Грчевито се разбудува, се освестува и наместо катарза, немил страв. Зашто сфаќа дека всушност е човек. Жив човек со гревови, ненаситност, алчност. Хорор приказна со реален одраз на човечкиот хорор што го доживува, однадвор и однатре. За минливоста и неминливоста. Игривоста на ликовите занесува. Меланхолија,страв, смрт со љубов во сенка. За морници и квалитетен желудник.


Ана Марковска

Кон „Страв од варвари“ од Петар Андоновски

Најсилните отрови: тесен дух, неблагородна душа и неизделкана мисла! Во зачмаената средина глупоста најдобро плива.
Тука разумните ќе се кршат и ќе се прашуваат дали го губат разумот; нежните ќе се гушат од неподносливата реа на празниот живот.
Фантазијата за можната сродна душа никаде не расти толку бргу ко на подлогата Трул Живот!
Земјотрес од параноја, со епицентар во чамец со тројца странци (Оксана, Евгениј и Игор), ги стресе жителите на островот Гавдос. Само Пинелопи ја зафати цунами од болни спомени за една неизмерна радост, за еден жежок копнеж, за сонуваната слобода...


Нада Јовчевска

Кон „Три“ од Драго Гламузина

Романот „Три“ од Драго Гламузинае роман кој остава траг и да, менува светоглед. Роман кој руши ставови и гради нови вредности. Роман -отскочница. „Три“ е книга која влече да продолжиш и продолжиш со читање, се до следниот бродолом, се до следниот испад, се до следниот монолог, се до следното нивно скривање или покажување во јавноста. И нивното разголување на душите и телата, до последедн слој. И нивното жртвување, на се и на себе, за другиот. И колку тие се жртвуваат за бракот, и колку бракот го жртвуваат за себе. И колку различни бои и фоpми има љубовта и најсилното нешто.


Кон „Неколку денови од август“ од Мирјана Дуганџија

Некогаш буквите во книгите не се носители на дејството. Некогаш дејството е во главата на читателот. Не, во оваа книга нема убиства, нема скриени тајни и мрачни мината, тука ја има женската душа разголена и послана на маса, за читателот да ја консумира. Колкупати сите ние сме жонглирале меѓу штиклите и размачканата шминка од солзи, додека трчаме да купиме се што треба за дома и да го згрееме ручекот навреме? Мирјана ова го соголува пред своите читатели, го разџвакува и ни ја плука вистината во лице, ич немарејки за нас.


Кон „Деновите кога говореше тишината“ од Мерете Линдстром

„Деновите кога говореше тишината“ е тивко дело. Дело кое додека го читате ќе ви го дигне притисокот, ќе ви предизвика срцебиење, ќе ви снема здив. А ќе молчите и за сите и за себе. Оние кога своите загуби ќе ги идентификуваш со загубите на ликовите, и кога ќе ги побараш загубите на луѓето околу себе во нивниот наведнат поглед. И само ќе одмолчиш дека ги разбираш. И без да кажат ништо. Книгава е книга за осаменоста, книга за стареењето, книга за семејните тајни. И освестување за читателот...дека секој е свој не нечиј. И дека секој за секого странец е.


Кон „Aмерика“ oд Жарко Кујунџиски

Лесно читлив, повеќе сатиричен од комичен, еден роман за едно мало градче кое ни на карта го нема, и едни големи луѓе во него. А зарем има мали луѓе? Зарем? Роман за осаменоста, роман за светотвите во нас кои ни самите не ги познаваме, а не пак другите околу да можат и да ги насетат. Колку ние сме дел од онаа задница во која живееме, и дали е на крај тоа воопшто битно... и колку случајностите се оние кои ни го одредуваат животниот пат и најбитно, дали е тоа исто така воопшто битно...


Кон „Ако една зимска ноќ еден патник“ од Итало Калвино

„Ако една зимска ноќ еден патник“ е книга по која не е ништо исто, најмалку читањето. Заврзлавама од приказни на крај не’ соочуваат со самите себе, во делови кои треба да ги составуваме за да ја добиеме сликата за себе како читатели.
А мајсторот на зборот и перото поигрува со нашите читателси мозочиња и трча чекор пред нас во потрагата за недовршените романи, смеејќи ни се скришум под мустаќ, кога ќе паднеме на неговите финти.
На крајот, писателот победува, а вие му ја симнувате капата со почит.


Јована Матевска Атанасова

Кон „Книга од песок“ од Хорхе Луис Борхес

Планетарната презреност фламбирана во книжевен crème brûlée на аргентински начин. Кафкастичкиот стил, и подигнатите браници помеѓу ликот и личноста се како тесен отвор на шивачка игла. 13 малерозно фиксирани епитафи на човечко безумие, антоними на суперлативните атрибути се јазат низ редовите и заедно со литературната ароганција на Борхес стихуваат. Парадоксалниот дуализам на авторот, намига психопрофилер или филозоф, ги подведува заглавјата до читателскиот инстинкт на наивност. Eхото на бесконечноста еротично присуствува.
Со книгата како со абдомен, Борхес е хируршки прецизен, улкозната Улрика, венеричниот Фери, дванаесетте човечките витални системи под владение на чаурата: лудилото да се живее анестезирано во свет на болки.


Кон „Столбовите на земјата“ од Кен Фолет

Фолет создал средновековна митологија која со корени е заземјена за почвата, различна од Толкиновиот магиски приказ, плови со историска каравела низ имагинацијата, со исправени пршлени влегува под носачот на мистичните векови.
Дефлориран свет на омраза и одмазда, на моќ што се усвитува како железо, цензурирана верзија на „Игра на троновите” каде змејовите се војводи и единствено надежта е таа што воскреснува за да го мачи човека, да го потиснува со лигавата желба за исправување дури и кога ладното сечило на мечот му целува врат.
Катедралата е проекција, човечки амблем за моќ, засолниште од природните непогоди и лудилата човекови.


Кон „Вампир“ од Владислав Рејмонт

Романов е сонет за спиритуализмот , за паралелен свет зад затворените врати на нашите перцепции, лудилото на полудените, трансцедентална бајка чии средства на магизам, умствена надмоќ, се невидливи за неиспитувачкото човечко око кое се задоволува и заситува со незачинетиот ѓувеч на трпеза само затоа што тој е сервиран во отмен ресторан.
Зенон, можеби неслучајно крстен Зен-он, запаѓа во бездната на тие космички прашања кои левитираат во меѓупросторот како откинати плаценти, самоуништувачки астероиди, планетарни канибали, во потрага по универзум со поголема свесност од просечната.
Ќе дозволи ли да се распадне ИДилата за да го задоволи ИДот?


Кон „Воскреснати богови: Животот на Леонардо Да Винчи“ од Дмитриј Мерешковски

Ова е книгиште. Аугментатив кој со правосилно значење на својата стилска моќ може да го следи.
Леонардо да Винчи не е само човек со многу имиња тој не е само уметник, туку и инженер на природата. Преродбеник, изумител, паганин, еретски хомо еректус, авантгарден месија, вештер. Го запознаваме Леонардо во секоја движечка секвенца на неговиот профил и анфас, едно измачено дете, грижлив син, визионер, кој копнее и станува умствено супериорен, посветен само на една љубов уметноста.
Сабат и алхемија, беседења и академско потковување, се само дел од секвенците на кои ќе наидете читајќи ја, нацртани низ зборови ко фрески.


Кон „Строго контролирани возови“ од Бохумил Храбал

Романов е качен на вагон на бизарноста, ги следи апсурдните мисли на една популистичка маса прикажани преку рожниците на елевот, на работничката класа поробена под командата на Рајхот и неговите каприци.
Центарот на светот за железничките службеници и работници се врти околу малата станица, синапсите на дијастола и систола се подигаат и спуштаат од секојдневието, од тропотот на тркалата и татнењето на локомотивите, од зборлестите машиновозачи и намќорите германски офицери… Се раѓа животот и се случува смртта, сè под трошниот покрив на станицата што ги одминува останатите станици и секогаш живее во едната, задомителката на збунетиот, амбивалентен Милош Хрма...


Кон „Книга за Мари и Бланш“ од Пер Улов Енквист

Мари е тулата на Бланш, истовремено и нејзиниот малтер. Ја гради со социјален витраж, ѝ дава контура и контраст, низ кои продираат прамените на нормалност и помирување. Мари е музата, таа е нејзин стремеж дури и кога од нејзе останува торзо заковано за дрвениот кревет, Мари го додржува ореолот од синкава светлина што уранинитот ја произведува и сјае пред смалената Бланш со сјајот на изминатиот пораз, на едно испитувано тело кое го одзело нејзиното. Тие две се генетски оддалечени сестри, осудени да плаќаат генерациски долгови, којзнае можеби и индулгенции за своите, во љубов и очај како панделка, обвиткани гревови.


Сродни статии:
Куси-куси критики (избор)
Наградените куси-куси критики

Слики: Од анимираниот филм The wind rises (2013) 

Слични содржини

Книжевност

ОкоБоли главаВицФото