Седумте тајни на 2020 година

15.01.2021 12:26
Седумте тајни на 2020 година

Кула од карти. Куп лаги со кои непромислено се согласивме. Во период на длабока криза, така изгледаат работите за кои некогаш верувавме дека се сигурни и извесни. Шокот од настаните нè присилува да сфатиме колку се несигурни нашите основни прифатени претпоставки. Затоа оваа измината година изгледаше како осека која нè натера да се соочиме со вистинските откриени повлекувања на морето.

Имавме добри причини да веруваме дека глобализацијата конечно ги разоружа националните држави. Претседателите се поклонуваа пред пазирите на капиталот. Опседнати со берзанските индекси, премиерите забораваа на сиромашните во своите држави. Министрите за финансии се однесуваа како да се менаџери на „Goldman Sachs“ и како сатрапи на Меѓународниот монетарен фонд. Медиумските могули, нафташите, финансиерите, па и критичарите од левицата се согласија дека националните влади веќе немаат никаква моќ

И тогаш почна пандемијата. Преку ноќ државите пуштија канџи и покажаа заби. Затвораа граници и спуштаа авиони, во градовите воведуваа забрани за движење, укинуваа театри и музеи, ни забрануваа за последен пат да ги видиме родителите на смртна постела. Направија нешто што никој не веруваше дека ќе се случи пред Апокалипсата: ги откажаа спортските настани.

Така е откриена првата тајна. Државите поседуваат голема моќ која никој не може да им ја одземе. Минатата година сфативме дека државите само избрале да не ја користат таа моќ за оние кои се збогатија од глобализацијата да можат да ги користат своите моќи.

Втората вистина е она во кое веќе се сомневавме, но ретко кој се осмелуваше гласно да го каже: дека дрвото на кое растат пари сепак постои. Владите кои избегнуваа и ги покажуваа празните џебови секогаш кога требаше да се направи ново училиште или болница, сега одеднаш пронајдоа рудници на пари за плати за луѓето што останаа без работа, за национализација на железницата, за помош на авио-компанииите и на производителите на автомобили, дури и за фризерите и сопствениците на теретани.

Оние кои обично повторуваат дека парите не растат на дрво, дека владите мора да ги пуштат работите да одат по својот тек – одеднаш замолчеа. Наместо да беснеат заради растрошноста на државите, финансиските пазари славеа.

Грција е одличен пример за вистината откриена во 2020 година: солвентноста е работа на политичка одлука, барем на богатиот запад. Во 2015 година, Грција имаше долг од 320 милијарди евра и национален доход од само 176 милијарди евра. Финансиските проблеми на Грција стигнаа до насловните страници на весниците ширум светот, а европските лидери ламентираа над нејзината несолвентност.

Денес, среде пандемија која лошата економска ситуација ја направи уште полоша, грчките финансии веќе не се проблем, иако јавниот долг е зголемен за 33 милијарди евра, додека националниот доход падна за 13 милијарди во однос на 2015 година. Лидерите на Европа заклучија дека доволна беше една деценија занимавање со грчкиот банкрот и одлучија Грција да ја прогласат за солвентна. Додека Грцита избираа влади кои ќе продолжат она малку (приватно или јавно) богатство што преостана да го пренесуваат кај олигарсите кои не знаат за граници, Европската централна банка ќе прави сè што е потребно – односно ќе продолжи да ги купува грчките државни обврзници без никакви огради – за да прашањето на солвентноста на државата не се најде повторно во центарот на вниманието.

Четвртата тајна откриена во 2020 година е тоа дека концентрираното приватно богатство нема речиси никаква врска со претприемаштво. Не се сомневам дека Џеф Безос, Елон Маск или Ворен Бафет имаат талент за стекнување пари и снаоѓање на пазарите. Но само мал дел од пленот кои го акумулираа проистекнал од создавање на нова вредност.

Да го разгледаме само неверојатниот пораст на богатството на 614 американски милијардери кој започна на средината на март, минатата година. Нови 930 милијарди долари колку што натрупаа оттогаш, не ги стекнаа балгодарение на некои иновации или добри деловни идеи кои носат дополнителна добивка. Тие се богатеа практично и спиејќи, додека централните банки го преплавуваа финансискиот систем со новопроизведени пари што доведе до огромен пораст на вредноста на нивниот имот.

Со забрзаниот развој, тестирање и одобрување на вкацината против Ковид-19, откриена е петтата тајна: науката зависи пред сè од помошта што ја добива од државата, иако јавноста тоа главно не го знае. Многумина паѓаа во занес величајќи ја способноста на пазарот брзо да реагира на нашите потреби. Но никому не треба да промолкне моментот на иронија: администрацијата на американскиот претседател кому науката веројатно му значеше уште помалку отколку на неговите претходници, кој среде најлошата епидемија ги игнорираше експертите, ги застрашуваше и им се потсмеваше – подготвено издвои 10 милијарди долари за да научниците кои работат на развој на вакцината ги имаат сите потребни ресурси.

Тука има уште една поголема тајна: додека 2020 година беше одлична за капиталистите, капитализмот практично пропадна. Како е тоа возможно? Како е можно капиталистите да напредуваат додека капитализмот се претвора во нешто друго?

Лесно. Најголемите апостоли на капитализмот како Адам Смит, зборуваа за ненамерните исходи на нашите постапки: поединците кои трчаат по профитот му служат на општеството и на општото добро токму затоа што немаат никакви обѕири еден кон друг. Клучот за претворање на приватните пороци во јавни доблести е во конкуренцијата која секогаш ги тера капиталистите да преземаат активности кои ја максимизираат добивката. На пазарот кадешто постои конкуренција тоа придонесува за општото добро затоа што на тој начин се проширува понудата на стоки и услуги со постојан пад на цените.

Не е тешко да се воочи дека капиталистите проаѓаат многу подобро кога конкуренцијата е помала. Тоа е шестата вистина која ни ја донесе 2020 година. Ослободени од конкуренција, џиновските компании – платформи како што е Амазон цветаат во период на пропаѓање на капитализмот и негово претворање во некаков вид техно феудализам.

Но седмата тајна која ни ја откри оваа година донесува зрно надеж. Иако никогаш не е лесно да се спроведат радикални промени, сега барем е јасно дека сè може да биде поинаку. Немаме причини да продолжиме да ги прифаќаме работите онакви какви што беа. Напротив. Најважната тајна на 2020 година изречена е со еден примерен и елегантен афоризам на Брехт: „Работите не можат да останат онакви какви што се токму затоа што се такви какви што се“.

Не можам да замислам подлабок извор на надеж од тоа откровение кое го добивме во годината која сите најрадо што побрзо би сакале да ја заборавиме.

Карикатури: Marian Kamensky

Извор: Project Syndicate