Коалицијата „Маргини“ бара Собранието итно да ја изгласа новата Комисија против дискриминација

15.01.2021 12:59
Коалицијата „Маргини“ бара Собранието итно да ја изгласа новата Комисија против дискриминација

Од Коалицијата „Маргини“ посочуваат дека Собранието на Република Северна Македонија на 31-та седница закажана за 12.1.2020 година не ја изгласала Предлог одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Оттаму велат дека седницата била прекината поради немање на кворум за работа на Собранието, со што изборот на членови на институцијата повторно се одолговлекува, а со тоа се одложува и почетокот на работата на Комисијата која има мандат да спречува и да штити од дискриминација.

Од Коалицијата нагласуваат дека гласањето на Предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација била втора точка на дневниот ред на седницата на Собранието, веднаш после гласањето на Предлог-одлуката за избор на претседател, на потпретседател и на членови на Државната изборна комисија.

„Имајќи предвид дека претседателот, потпретседателот и членовите на ДИК едногласно беа изгласани од страна на 95 пратеници, кои беа присутни кога се гласаше за оваа точка на дневниот ред на оваа седница, крајно несериозно и малициозно е тоа што Собранието не оствари кворум за работа (од 61 пратеници) при гласањето за Предлог- одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, односно што дел од пратениците интенциозно ја напуштија собраниската сала кога требаше да се гласа по оваа точка“, се вели во соопштението на организацијата.

Од „Маргини“ посочуваат дека граѓаните од август 2019 година немаат достапен механизам за заштита од дискриминација, што значи дека Собранието не смее да дозволи воспоставувањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација дополнително да се развлекува.

Од организацијата апелираат до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија веднаш да закаже продолжување на 31-та седница, на која ќе се гласа Предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

„Ги потсетуваме сите политички партии во Собранието, кои пред изборите ја поддржаа Декларацијата за донесување на Закон за спречување и заштита од дискриминација,, дека се обврзаа да спроведат брза и транспарентна постапка за воспоставување на Комисија за спречување и заштита од дискриминација. Очекуваме дека тие ќе бидат присутни на
продолжувањето на седницата и ќе обезбедат кворум за изгласување на предлог одлуката“, стои во соопштението на „Маргини“.

Дополнително, од Коалицијата потсетуваат дека покрај бројните недостатоци во постапката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, тие сметаат дека овој предлог-состав е значително подобар од кој било претходен состав на Комисијата.

„Клучна наша забелешка е недостатокот на родово-балансирано учество на предлог-листата, иако половина од кандидатите беа жени, а дел од нив со исклучителни биографии во областа на човековите права и недискриминацијата. Апелираме до сите пратеници и парламентарни политички партии конечно да го изгласаат новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и да овозможат оваа институција да започне со работа со новиот и унапреден состав на членови“, велат од Коалицијата „Маргини“.