Најстариот пештерски цртеж датира од пред 45 000 години

15.01.2021 14:13
Најстариот пештерски цртеж датира од пред 45 000 години

Археолозите во Индонезија ја открија најстарата пештерска слика во светот: Се работи за цртеж на дива свиња во природна големина, за која се проценува дека датира од пред најмалку 45.500 години.

Откритието беше објавено неделава во списанието „Science Advances“ и претставува доказ за населувањето на луѓе во овој регион.

Пештерата Леанг Тедонгџ, на островот Сулавеси се наоѓа во оддалечена долина опкружена со карпи од варовник, која е пристапна само во сушната сезона, бидејќи во периодот на дождови таа е целосно поплавена. Таму живее заедницата Бугис, кои никогаш претходно не виделе луѓе од запад.

Големината на цртежот е 134 на 54 цм. и прикажува брадавичеста свиња насликана со темно црвен окер пигмент.

Над цртежот се пронајдени и  два отпечатоци од човечки раце, а како дел од наративната сцена се чини дека животното се соочува со две други свињи кои се само делумно зачувани на цртежот.

„Се чини дека свињата набљудува борба или интеракција помеѓу две други брадавичести свињи“, вели коавторот на статијата, Адам Брум.

Десетици илјади години, луѓето во овој регион ловат Сулавеси брадавичести свињи и тие се клучна одлика на праисториското човечко творештво во регионот, особено од времето на леденото доба.

Максим Ауберт, кој е специјалист за датирање на археолошки пронајдоци, во слоеви над цртежот пронашол присуство на калцит и ураниумски изотопи , па според него, сликата е стара најмалку 45.000 години.

„Но, сликата може да е и многу постара, бидејќи алатките кои ги користиме при датирање, може да ја утврдат само староста на калцитот“, додал тој.

Според археолозите, постои можност да биде пронајдена и плунка врз отисоците од дланките на цртежот. Многу е веројатно луѓето да користеле плунка за да го измешаат пигментот со кој цртале по ѕидовите на пештерата.

Тие се надеваат дека ќе извлечат ДНК примероци кои понатаму ќе бидат детално анализирани. Пештерските цртежи, исто така, помагаат да се пополнат празнините во разбирањето на раните миграции на праисториските луѓе.

Познато е дека луѓето стигнале до Австралија пред 65.000 години, но веројатно морале да ги преминат островите во Индонезија, познати како „Валасеа“.

Оваа слика сега претставува најстар доказ за луѓето во Валасеа, но научниците се надеваат дека понатамошните истражувања ќе помогнат да се покаже дека луѓето биле во регионот многу порано, со што би се решила загатката за населувањето на Австралија.

Тимот верува дека пештерскиот цртеж  е направен од Хомо сапиенс, а не од сега изумрените човечки видови како Денисованс, но потребни се натамошни истражувања.

Извор: theguardian.com

ОкоБоли главаВицФото