Како Чи Тај му помогнал на Лимпомпони

15.01.2021 15:00
Како Чи Тај му помогнал на Лимпомпони

Јакци Дракци и Ципка Липка имале дете, Лимпомпони.
Цело време го затрупувале со подароци:
бонбони, мињони, балони, лампиони,
пластични камиони и авиони, мал воз со вагони,
за игротека купони, за видео игри жетони,
за „најмека детска коса“ специјални шампони,
брендирани панталони, чевли со светкави крампони...
Најново: „Најмил Лимпомпони,
дали сакаш да ти купиме малецок коњ, пони?!“

И тогаш малиот Лимпомпони збеснал:
„Драги родители, довербата моја се срони!
На лошиот вкус вие сте шампиони!
Бонбоните, балоните, лампионите,
камионите, авионите, вагоните,
купоните, жетоните, шампоните,
сосе панталоните и сосе коњчето пони
‒ сè тоа нека се гони!“

Јакци Дракци и Ципка Липка доживеале шок!
„Зарем сме ние такви персони?! На кичот барони?!
Кон малограѓанштина склони, во комфорни зони?!
Како и да е: алармот ѕвони!“
Тогаш Ципка му предложила на Јакци:
„Можеби Лимпомпони нешто во себе чува и таи?
„Можеби треба да го викнеме роднината Чи Тај?
Тој треба да знае што се прави во вакви случаи...“
Загрижените родители веднаш напишале брзојав:
„Чи Тај, доитај! Со Лимпомпони работава е мав!“
Чи Тај брзо долетал, дур се рекло „паф“.

Цело попладне Чи Тај разговарал со Лимпомпони.
Најпосле побарал мињон и чај со лимон, да се окрепи,
и им рекол на Јакци и Ципка: „Не треба да се стрепи,
но не треба и при очи да се правиме слепи:
„На вашиот син не му требаат џиги миги туку - КНИГИ!
Книгите се остриги за ум и на вистината вериги!
Запишувајте:
- од Аврамовски и Гавроска ’Мечката Бел’;
- од Јакимовска и Бужаровска ’Изгубениот вел’
и ’Себичната крава’; од Мартиновски и Кардула
’Шах со Бах’ и ’Хула-хула во Ултима Тула’;
- ’Учителке, Капетан Кука се закача’, ’Шредингеровата одаја’
и ’Сеир и ништо’ од Брадестиот Џо и Тања Аждаја; 
- од Шопова и Лукомска ’Кртот Ѕвездан’;
- што било од на Голејшка поетскиот ѓердан;
- но, пред сè, на Лимпомпони купете му го Владимир Лукаш:
’Врвци од црвци’, ’Лајош и цветот’ и ’Клукчо, доста плукаш’.“

Јакци рекол: „Фала ти, Чи Тај, што ни издиктира лектира,
но дали си сигурен за Лукаш?! Со Лукаш дете да клукаш!?“
„Мустаќи сукаш и глава си чукаш над песна на Лукаш!“,
рекол Чи Тај. „Игуана и пирана се бркаат во савана! Ха Ха Ха!“
„А за Џикова-Голејшка сигурен си?!“, прашала и Ципка Липка.
„Ко и за Лукаш Владимир и за Голејшка Ана тврдам ‒ без мана!
Песната ѝ е икебана исплетена од кајгана и банана! Ха ха ха!“

И така, Јакци Дракци и Ципка Липка, на препорака на Чи Тај,
морале македонски книги на тони да му купат на Лимпомпони.
„Читај и честитај!“, рекол за крај, Чи Тај.


Слики: Maurice Sendak, The Big Green Book (1962)

ОкоБоли главаВицФото