Мика Алексиќ, славниот белградски учител по глума, пријавен за силување малолетнички

17.01.2021 14:22
Милена Радуловиќ го пријави за силување Мика Алексиќ, славниот белградски учител по глума


Неколку девојки, од кои некои малолетни, пријавиле во полиција дека Мирослав Мика Алексиќ, прочуениот сопственик на училиште за глума, ги силувал или сексуално го вознемирувал. Една од нив е реномираната млада глумица Милена Радуловиќ (26), која гради кариера во Русија, каде за една година снимила филм и две серии.

-Шест години учев во училиштето на Мика Алексиќ. Кога ме силуваше имав 17 години. Тоа не се случи еднаш. Се повторуваше – вели Милена Радуловиќ во разговор за Блиц.

Таа инсистира дека „ова не е само моја приказна“ и дека „ова не е мојот збор проти неговиот“, туку тврди дека се работи за систем на злоставување кој Алексиќ темелно го градел со децении.

Во училиштето на Мика Алексиќ, познато и ценето, деца се запишуваат од петтата или шестата година, а најдоцна на 13 години. Милена Радуловиќ станала дел од групата на 11 години, а во групите имало 25 до 30 ученици.


Оттуѓување на родителите

-Групата имаше добри страни. Читавме по една книга неделно, одевме на театар, гледавме филмови, бевме културни, добри деца. Во групата се пропагираше религија, часовите започнуваа со молитва, девојчињата доаѓаа во здолништа, момчињата во чевли, косата и ноктите мораше да бидат уредни. Но, секогаш беше строго, сурово. Тој беше мнгу строг, а сите велеа: ‘Па, добро, тој навистина е суров, но таков е Мика, тој има свои методи.’ Постоеја јасни правила – вели Милена Радуловиќ.

Аудициите за прием на деца беа масовни. Се пријавувале стотици деца, во зависност од генерацијата, а Алексиќ избирал седум или осум најталентирани. Веднаш по приемот, Алексиќ разговарал со нивните родители, ги информирал за цената, часовите, кодексот на облекување и потенцирал една важна работа: дека тоа е прв и последен пат да се види со нив. Тој објаснувал дека дури и најмладите ученици можат самите да се качат на вториот кат и да ги донесат парите за школарина.

-Велеше дека децата се мали луѓе, а нам ни се допаѓаше кога слушавме: „Вие сте независни, ова е нешто што е само ваше“. Ги поништуваше родителите и нивната улога, но тогаш тоа не ни изгледаше проблематично – вели Милена Радуловиќ.

Не сите деца доаѓале кај Алексиќ за да станат актери. Дури и Милена, како што и самата вели, не размислувала да го сфати актерството како сериозен повик се’ до својата 15-та година. Училиштето организирало убави активности, учениците оделе на патувања низ Србија, на саеми, пазари. Децата учеле да готват домашна супа. Ова биле некои вредности што им се допаѓале и на родителите.

Сето ова кај децата создало чувство на стравопочит и врвен авторитет кон нивниот наставник Мики Алексиќ.

Радуловиќ вели дека преку ноќ го напуштила таквиот строг и организиран, но сепак безбеден, свет, и преминала во пеколот на сексуално злоставување, кога, како што изјавува, Мика Алексиќ ја силувал за прв пат, на почетокот на ноември 2012 година. Таа имала 17, а тој 61 година.

– До тој момент не мислев дека такво нешто воопшто е можно. Не го познавав како таков и во тој период бев убедена дека јас сум единствената. Тоа беше шок! Распад! Тоа место претставуваше втор дом за мене. Навистина! – вели актерката.

Таа не сака да зборува јавно за деталите на злоствувањето, но се’ споделила со полицијата.

– Мика внимаваше сексуалната злоупотреба да се случи за време на час, во просторија покрај онаа каде што беа другите студенти, или во периоди кога работата се интензивираше поради прием на Факултетот за драмски уметности. Не оставаше простор некој да се сомнева дека таму се случува нешто толку ужасно – вели Милена Радуловиќ.


Таа тврди дека Мика Алексиќ изведувал идентична шема на сексуално злоставување со други девојки, кои исто така го пријавиле во полиција.

– Планираше сè внимателно. Ја искористуваше ситуацијата додека сме во шок. Дополнително, секогаш постоеше тоа страшно чувство дека во непосредна близина има група други деца – вели Милена Радуловиќ.

Како што вели, секогаш кога некоја од девојките би пружила вербален или физички отпор, наидувала на употреба на сила или на игнорирање на нејзиниот отпор.

При гостувања на телевизија, Милена Радуловиќ секогаш ја најавувале како актерка што го поминала престижното училиште на Мика Алексиќ. После шокот што го преживеала, сведочи таа, поминала низ различни фази. Прво беспомошност, слабост, а подоцна и срам. „Неверојатен срам“, вели таа.

– Се мразев себеси, се чувствував засрамено. Најмногу од сè, имав огромно чувство на вина затоа што не сум успеала да се одбранам. И, како да им раскажам сè на родителите?! Дали ќе ги повредам, дали ќе им ги уништам животите? Неговата манипулација е насочена кон влевање огромно чувство на одговорност, соучесништво, вина во вас. И, на крајот, страв дека ќе останете сами во тоа – вели Милена Радуловиќ.

Актерката, која својата кариера паралелно ја гради во Србија и во Русија, неколку години посетувала психотерапија и работи на себе со голема посветеност.

– Кога се случи чинот не бев свесна за последиците, тие доаѓаа подоцна. Тоа беше поништување на секаков вид самодоверба, безбедност – сведочи Милена.

На почетокот немала сила да зборува за трауматичното искуство. Морало да мине многу време, но се трудела да се постави како личност со која помладите девојки можат да зборуваат. Секогаш мислела на тоа колку помалку би страдала кога би имало некој да ја предупреди.

– Во ноември се појави нова жртва на Мика. Ми се јави малолетничка, дотогаш непозната за мене, и потоа се поврзавме. Се поврзавме со уште неколку девојки, разговаравме и одлучивме дека е време да го запреме ова. Со оваа познавање, криењето криминал и молчењето би било исто како и самото злосторство. Би станале соучесници ако сега премолчиме, знаејќи дека постојат уште пет потенцијални нови малолетни жртви – тврди Милена Радуловиќ.


Не смее да се молчи

Нејзиниот живот продолжил и сега води кариера во две земји, Србија и Русија. Таа вели дека решила да се појави во јавноста со цел „да ги предупреди потенцијалните жртви и родителите дека се случуваат страшни работи во центарот на Белград, на улицата Кнез Михајлова, во најпрестижното училиште за глума“ и дека не смее да молчи, бидејќи педофилијата и сексуалното злоставување не се предмет на дискусија.

– Најстрашно е што теренот бил подготвуван со години, од раното детство, а јас и девојките кои се со мене, не можаме да дозволиме некој да го доживее она што ни се случи нам. Ова не е одмазда, иако и таа фаза постоеше кај мене, но заврши многу одамна. Сите ние, жртвите на Мирослав Алексиќ, влегуваме во ова затоа што е недозволиво да молчиме уште еден ден. Некои девојчиња, родени 2003 или 2004 година, токму сега поминуваат низ истата тортура – вели Милена Радуловиќ.

Радуловиќ не ги познавала двете девојчиња кои заедно со неа го пријавиле Алексиќ во полиција. Тие се многу помлади, па немале многу можности да се сретнат досега.

– Ова не е прашање на лично задоволување, ова мора да се запре, бидејќи се случува сега, во моментов. Ако молчиме, ние сме сведоци и допуштаме зло! Знам дека мојот глас се слуша повеќе, а и јас сум најстарата од девојките кои го пријавија тоа. Чувствувам огромна одговорност кон тие деца, кон општеството, но и кон себе. Ова е нешто на кое мора да се истурка докрај. Го правиме ова со ладна глава. Очекуваме поддршка, бидејќи никој не смее да ја поддржи педофилијата. Не се плашам од јавна осуда, немам причина повеќе да се плашам од било што. Исто така, беспрекорната работа на надлежните кои во моментот имаат слух за нашата ситуација, ми влева голема надеж и сила. Станува збор за силување на малолетнички кои со години биле во контакт со монструозен манипулатор, кој не ги манипулирал само девојчињата, своите ученици, нивните родители, туку и целото општество, секоја личност што го слушнала славното име и имала позитивно директно или индиректно мислење за овој човек. Сите тие се негови жртви колку и ние – вели Милена Радуловиќ

Повик до жртвите да се јават

Милена Радуловиќ се надева дека и други јавни личности, актерки, ќе се огласат по нејзината приказна, да не чувствуваат страв од осуда или д влијание врз репутацијата.

– Се надевам дека сите жртви ќе се јават и ќе пријават сè. Многу од нив сега се мајки и подобро разбираат дека силувањето деца мора да биде спречено. Не само ова, туку и секое друго силување. Овде не се работи за човек кој е клинички случај, непресметлив и кој не е свесен што прави. Ова е монструозна мрежа, интелигентно составена во највисокиот круг на општеството, уште од најраните години спакувана во најблагородните форми на уметност и религија на човек кој чекор по чекор знае што прави и со умисла доаѓа до целта. А, таа цел со умисла е силување малолетни девојчиња – вели Милена Радуловиќ.

-Не сте сами, ниедно девојче, девојка или жена не смее да проживее нешто слично.

Michelle Kingdom
Извор:
Blic

 

ОкоБоли главаВицФото