Либанските земјоделци се откажуваат од хашишот

18.01.2021 13:21
Либанските земјоделци се откажуваат од хашишот

Во либанското земјоделско село Јамунех со камени куќи и карстно земјиште, канабисот расте насекаде. Полињата што го опкружуваат селото се полни со него, го има и покрај патиштата на коишто се наоѓаат воени пунктови. Хашишот се шири на тревните површини помеѓу куќите, помешан со шарените цвеќиња во леите.

Канабис расте и во близина на џамијата и под џиновското жолто знаме на Хезболах, милитантната група и политичката партија чии водачи забрануваат користење на хашиш од верски причини.

Џамал Шраиф, заповедник на селото Јамунех, зборува со многу пофалби за канабисот заради неговите добри одлики и едноставноста на неговото одгледување. „Има нешто свето во него. И самиот бог одгледува канабис“.

Но оваа година, Шраиф ништо не посадил, првпат отакако пред дваесетина години почнал да одгледува канабис. Тоа е последица на редица настани кои го обесмислиле целиот профит што селото го заработувало од својот главен производ – хашишот, кој се добива од растението.

За проблемите во кои западнало неговото село, но и целиот Либан, Шраиф главно обвинува некои космички сили, но стварноста е многу поприземна. За само една година. либанската фунта изгуби 80 отсто од својата вредност во однос на американскиот долар, а земјоделците беа први на удар. Цената на увозното ѓубриво и гориво неопходни за одгледување на канабисот, многу порасна, а лошиот курс значи дека и она малку што ќе се собере сега вреди многу малку.

Финансиската криза во која западна Либан го погоди и домашниот пазар, а војната во Сирија ги прекина шверцерските патишта. Затоа сега повеќе отколку кога било претходно е потешко да се стигне до странските пазари.

Сето ова го стави пред тежок избор селото Јамунех, место во кое на сосема необични начини се преплетуваат дрогата, сиромаштијата, верата и неверојатните природни убавини. Годишниот циклус во Јамунех досега со векови не се менувал: садење, одгледување, жетва на канабисот. Хашишот што се добива од растението се продавал на криумчарите со дрога кои го изнесувале од земјата. Сето тоа, повеќе од одгледување на која било друга култура, предизвикувало селото да биде меѓу најсиромашните во земјата.

Но сега приходите од дрогата се толку ниски што многумина одгледувачи во Јамунех се прашуваат дали и понатаму вреди да се занимаваат со ова. Иако хашишот, концентрат на канабисот со висок процент на психоактивното соединение ТХЦ во Либан не е легален за производство, поседување и продавање, минатата 2020 година, владата донесе закон со кој се легализираше одгледувањето на канабис во медицински цели, иако само во мали количини. Сè додека законот не стапи во сила, одгледувањето на канабис во Јамунех и натаму е нелегално, токму заради високиот процент на ТХЦ што ја има во него. „Квалитетот што го имаме е еден од најдобрите во светот“, вели Раед Кури, министер за економија, сугерирајќи дека овој бизнис може да достигне вредност од една милијарда долари.

Додека со така се потсетуваат на деновите кога еден килограм хашиш чинел помеѓу 500 и 800 долари, па и оние неколку години кога цената одела и над илјада долари, земјоделците стравуваат дека оваа година килограм хашиш ќе чини и помалку од сто долари. Целосните последици од недостиг на пари сè уште не се чувствуваат во селото кое има околу 5 илјади жители и во кое повеќето се презиваат Шраиф. Некои од земјоделците веќе се откажале од одгледување канабис. Талал Шраиф, градоначалник и избран водач на селското собрание, вели дека канабисот е толку многу раширен заради хроничната невработеност, но и заради тоа што растението добро вирее и се прилагодило на локалните услови.

„Ниедна болест не го напаѓа канабисот, инсектите не го напаѓаат, не му пречи недостигот на вода. Едноставно приносот е гарантиран и затоа бројни селани одлучиле да се посветат токму на одгледувањето на канабисот“, вели Талал.

Многу двокатни и трокатни куќи налик на вили пред кои се паркирани џипови сведочат за количеството на пари што на ова село му ги донел хашишот. Но жителите ќе ви кажат дека поголемиот дел од парите отсекогаш одел кај криумчарите.

Извор: The New York Times