1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 06:59
Треба чесно да се погледаме во огледало, без разубавување на она што го гледаме: годината на корона што многумина ги обори, исто така покажа дека културата и уметноста во Израел се важни помалку отколку што се мислеше. Минатата година културата умре, уметноста се ближи кон тоа, а небото не се отвори.
Пропаста се надви над културната дејност и нејзиите актери: писателите и техичарите, пејачите и глумците, танчерите и уметниците. Нивниот свет се сруши и тоа е она што нè растажува. На човечко ниво нивната неволја не е поголема од неволјата на сопствениците на малите продавници или сали за свечени настани. Пропаста стигна и до културните институции кои стигнаа до точка на распад, некои од нив можеби никогаш повеќе нема повторно да се отворат. Тоа е страшно. Но освен болка, која е јасно искажана од страна на познати и елоквентни културни работници, мора и да признаеме, а тоа исто толку многу боли, дека во Израел, во 2021 година, културата не зазема централно место како што ни се чинеше и како што се фалевме дека ќе биде.
Короната ни го покажа вистинското место на културата на пирамидата на потреби. Точно, таа воздигнува и го збогатува умот и духот, но не е нужна како што постојано ни зборуваа. Домовите на здравје се поважни од театарот „Камери“, „Рами леви“ синџирот супермаркети е повеќе сакан од кореографот Охад Нахарин, трговскиот центар повеќе од амфитетарот, аеродромите повеќе од Музејот на Израел. Ова сознание нè вознемирува и нè боли но е вистина.
Културните работници се гневни поради карантинот и затворањата што ги наметна владата, но она што би требало многу повеќе да ги вознемири е едноставниот факт (како што рече поетот Давид Авидан „факт што пресекува“) е дека поголемиот дел од јавноста е рамнодушен кон затворањето на културните простори и тоа што многумина брзо пронајдоа замена за нив. Нетфликс наместо Cinematheque. Освестувањето на културните работници дека културата е помалку важна отколку што се мислеше е удар кој е поголем од невработеноста и економските неволји.
Сега сите го цитираат Черчил кој рекол: „За што се бориме ние?“, кога го замолиле да го намали буџетот за култура. Но дури и војната што Черчил ја започна против Германија, беше војна за егзистенција, а не за култура, наспроти романтичните призвуци во неговиот одговор. Се разбира, Израел не се бори за културата, дури и не протестира. Израелците најдоа други начини да се бунат против карантинот и да ги измамат наметнатите забрани, да нарачуваат достава до клупите во парковите, маските да ги ставаат само на брадата и да продаваат маски во продавници за мебел за да издејствуваат нивно отворање. Но јавноста не протестираше и не реагираше заради затворањето на културните институции. Во Франција протестираа против затворањето на книжарниците, во Израел дури и отворените книжарници беа празни.
Културните работници се бунат против одлуките на владата, но ваквите одлуки беа можни затоа што во владата знаат дека уметниците не се поддржани од јавноста. Токму нивната сопствена слабост го овозможи нивното затварање.
Не беше вака отсекогаш. Поезијата и книжевноста некогаш завземаа поважно место во животот на Израелците. Сега се чини дека тоа се теми ограничени на страниците на списанијата „Кулура и книжевност“ и „Haaretz“. И театарот некогаш беше позначаен. Сега е возможно да се патува во Дубаи за да се слушне Омер Адам така што симнувањето на претставата „Гиват Халфон“ од интернет страницата на театарот „HaBima“ не боли толку. Колку да е изненадувачки, може да помине и цела година а да не се види Шломо Артици во „Кесарија“. Жалосно, но тоа е вистината. Потешко е да се затворат синагогите отколку театрите во Израел, верските школи отколку музеите. И ова нешто зборува за нас, за нашиот свет.
Можеби падот на левицата тоа веќе го најави. Можеби тоа е нуспојава на подемот на десницата, која ја следат национализмот, религијата, агресивноста, вулгарноста и хулиганството. Уметноста не го сака хулиганството, а на национализмот и религијата не им многу грижа за уметност. Се разбира, постојат и религиозната уметност и култура, но многу помалку. Тоа е факт.
Можеме да продолжиме да повторуваме уметност или смрт, култура или смрт, но короната ни удри шлаканица. Остави жртви не само во салите за интензивна нега. Култура или смрт? Нема да умреме. Штета.
Слика: Safrai Fine Art Gallery
Извор: Haaretz