За „подобрите и попаметните девојки“ или Како да се искаже неискажливото

18.01.2021 13:44
За „подобрите и попаметните девојки“ или Како да се искаже неискажливото

 

„На некоја друга жена ова никогаш не би ѝ се случило.“

 

Џудит Луис Херман во својата темелна книга „Траума и закрепнување“* детално ги изложува механизмите на настанување и манифестирање на трауматските пореметувања кај жртвите на родово насилство и кај воените ветерани. Херман прави впечатлива аналогија: „хистеријата е воена невроза во војната на половите“. Имено, после 1980-ите, кога конечно бил легитимизиран концептот за пост-трауматските стрес нарушувања (PTSD), станало јасно дека психичкиот синдром препознаен кај жените кои искусиле силување, домашно физичко насилство или инцест, е во суштина ист како и синдромот кај оние што преживеале војна, судејќи по „сличностите (...) помеѓу оние кои ги преживеале големите концентрациони логори создадени од тираните што владеат со нациите и оние што ги преживеале малите, скриени концентрациони логори, создадени од тираните што владеат со своите домови“. (Херман, 13)

„Некои повреди на општествениот договор се премногу страшни за да бидат гласно кажани: токму во тоа е значењето на зборот неискажливо.“ (Херман, 12) Во широките јавни дискусии кои настануваат како реакција на обвинувањата за сексуално насилство, видлива е загрижувачката неподготвеност за емпатија со жртвите. Со страшна жестокост се одрекува постоењето на траумата, а многу постапки што жртвите ги доживуваат како застрашувачко насилство многумина не ги сметаат како такви.

Кога траумата е резултат на некаква природна катастрофа тогаш моралната позиција на набљудувачот е лесна – сведоците сочувствуваат со жртвата оти страшниот настан е „даден од Бога“ и неизбежен. Но, на чија страна да се застане кога трауматскиот настан е предизвикан од човекот? Во случаите на жртви на силување итно почнуваат да се редат слични прашања: „Зошто не кажала порано?“, „Што ако таа лаже и му го уништи животот на човекот?“, „Веројатно сама сакала тоа да се случи“, „Можеби била заљубена во него, а тој ја одбил“ итн.

Херман вели: „Мошне е примамливо за набљудувачот да се приклони кон страната на извршувачот. Сè што бара извршувачот е набљудувачот да не прави ништо. Тој повикува на раширената желба да не се гледа, да не се слуша и да не се зборува ништо. Жртвата, напротив, бара од набљудувачот да ја сподели тежината на болката. Жртвата бара дејствување, вклучување и помнење.“ (Херман, 20)

Барањето на извршувачот се поклопува со копнежот по блажената непроменлива состојба. Дури и кај оние кои посакуваат да ја задржат аурата на наводна објективност во проценката на ситуацијата (тука, на пример, често се вбројуваат луѓето чиј првичен рефлекс е напад спрема жртвата: „а што ако лаже, тоа треба да се докаже!“) во нивните глави итно се пали црвен аларм за стопирање на сите понатамошни чекори бидејќи, ако „редот“ се распаднал дотука, дајте барем да не продолжи да се распаѓа: да биде исто значи да биде добро.

Но, таквиот „ред“ е конструиран да биде овозможувачки за насилството, како што е вознемирувачки илустрирано во сведоштвото на Милена Радуловиќ за злоупотребата од страна на учителот по глума Мика Алексиќ: „Мика внимаваше сексуалната злоупотреба да се случи за време на час, во просторија покрај онаа каде што беа другите студенти (...) Дополнително, секогаш постоеше тоа страшно чувство дека во непосредна близина има група други деца.“


Изјавите од типот „Зошто била таму?“, „Зошто не пријавила?“, „Јас би му се спротиставила!“, „Како порано не сфатила дека е таков?“, подразбираат дека сигурно постоело нешто што жртвата требало да го види и да го направи за да го избегне насилниот чин – кога само би била попаметна, поморална, похрабра итн.

Ваквиот став сугерира потреба за себемамење за постоењето на насилство и зло во светот. Ако прифатиме дека секогаш без исклучок постои начин да се избегне насилството или злото, тоа ни го засилува чувството на сопствената сигурност, ни ја зацврстува вербата во праведноста и уреденоста на светот, допушта да веруваме дека за сите нешта постои решение, а фактот што жртвата тоа решение не го видела е лично нејзина вина – та оттаму и нејзина заслужена казна. Желба за незнаење, желба за статус кво.

Кога бев дете, на околу 11 години, на телевизија чув за случајот на Тина Тарнер, која повеќе од деценија била злоставувана од страна на нејзиниот сопруг – ја тепал, психички ја малтретирал, ја контролирал и принудувал. принудувал. Таа собрала храброст да го напушти дури после тринаесет години злоставување. Се сеќавам дека тогаш со презир размислував: „Колку слаба личност – возрасна, самостојна жена да трпи маж ѝ да ја тепа. Јас веднаш би си заминала.“ Зашто тогаш, очекувано, сум мислела дека нагонот и способноста за зачувување на сопствениот психички и физички интегритет е недвосмислен и гарантиран. Но, тогаш, на 11 години, светот сè уште ми бил совршено безбеден, црно–бел и едноставен, и не сум можела ни оддалеку да насетам колку комплексни и застрашувачки кревки суштества се луѓето. Денес ми е мило што оваа срамна помисла ми е врежана во сеќавањето, бидејќи ми помага во напорите да бидам емпатична и однатре да ги сфатам вредносниот систем и механизмите на многумина (веројатно мнозинството) возрасни луѓе кои длабоко во својот живот останале на своите инфантилни гледишта од позициите на заштитеност, неискуство и неосвестена привилегираност.

Наративот за „подобрите и попаметните девојки“ кои никогаш не би допуштиле да се најдат во ситуација на насилство (како да е тоа прашање на избор) или кои совршено успешно би се избориле со тоа (со некаков магичен зафат), е непријателска реакција и, според мене, е еден од најперфидните тригери за навраќање кон потиштеноста на траумата. Да се зборува за „подобрите и попаметните девојки“ претставува грубо дисквалификување на искуството на жртвата, барање таа да се потчини, да ќути, да се извини, тоа е девалуација на нејзините емоции, и нејзино посредно замолчување бидејќи нејзиното „лошо“ изменаџирано искуство е обезвреднето пред оние поуспешните.

Треба ли да нагласам дека вообичаено споредбата не е со ничие реално искуство туку со некаква идеализирана потенцијална ситуација на некоја идеализирана личност. Уште повеќе, ако се има предвид дека „кај силувањето целта е токму покажувањето презир спрема самостојноста и достоинството на жртвата“ (Херман, 83), ваквите дополнителните притисоци од околината кои може да ги праќаат во суштина истите пораки, придонесуваат кон повторување на траумата. Според Херман: „Најсилната одредница на психичката повреда е карактерот на самиот трауматски настан. Индивидуалните карактерни црти имаат мала важност во однос на неподносливите настани. (...) Никој не е имун на доволно силна трауматска изложеност.“ (Херман,83)


Жртвата е пред тешкиот предизвик да го изгради одново, од пепел, својот наполно срозен идентитет, а за тоа е решавачка помошта од другите. „Острата критика, но и неукото, слепо прифаќање, во голема мера ги засилуваат самообвинувањето и изолацијата на жртвата.“ Жртвата која стигнала до фазата пред најшироката јавност да зборува за своето трауматично искуство, веќе минала низ безброј дисквалификации од секаков тип. Жртвите на насилство ќе се соочат со игнорантски обвинувања дека имале мазохистички склоности, со соговорници кои ќе бидат позаинтересирани за разврзување на психологијата на извршувачот, наместо на жртвата, ќе се соочат со пријатели кои патетично ќе го изразуваат своето длабоко разочарување поради откриената слабост и „нееманципираноста“ на жртвата, со пријатели кои во суштина се желни да помогнат, но немаат идеја како, па во недостиг на волја засекогаш ја блокираат или игнорираат темата на траумата. Незанемарливи се и оние соговорници кои среќно си мислат дека нештото поминало и без грижа на совест може да се заборави.

Но, не поминува, а уште помалку се заборава. Траумата е трајно кршење на илузиите, болно скаменување на еден дел од сепството кој континуирано мора да се држи под строга контрола за да не ја завлече личноста нагло удолу. Во меѓувреме, напорите да се бара правда често подразбираат натамошно трауматизирање на жртвата поради непријателството на кое наидуваат.

На жртвите им е потребно да ја вратат контролата врз сопствената приказна. Тоа што своето искуство го споделуваат не значи дека тоа станува сопственост на слушателот, дека е во негова надлежност да одлучува колку е тоа навремено, правилно, оправдано, храбро или малодушно. Искуството на насилството засекогаш останува суштински непреносливо, никогаш доволно споделено, за жал ретко доволно разбрано. „Кога другите ќе можат да слушаат без да припишуваат вина, преживеаната ќе може (...) да постигне реален суд за своето однесување и праведно да го процени својот влог во одговорноста.“ (Херман, 104) Борбата да го „одврзе“ својот идентитет од траумата е клучната животна борба на преживеаната.

Преживеаната нема обврска да ја објавува, изложува и споделува својата траума пред да биде подготвена за тоа, пред самата да воспостави контрола врз своите емоции, наратив и идентитет. Да се принуди жртвата на тоа е сериозно психолошко насилство – макар тој процес на соочување, осознавање, прифаќање, траел со децении. Макар се одлучила никогаш пред заедницата да не проговори за тоа!

Како што не секој од набљудувачите е подготвен и волен да биде буден за заканите, да разбере, да заштитува и да пружа поддршка, така и секоја жртва нема капацитет да ја преземе на свој грб одговорноста за темелно менување на целото општество!

Бидејќи, најпосле, зарем не е тоа она што грубата и продорна јавност го очекува од жената што јавно истапува? Враќање на честа на претходните жртви и спасување на следните жртви, разоткривање на подземните од памтивек функционални механизми на системот, предизвикување на општоприфатениот систем на морал...  Наместо самата јавност да се зафати со таа тешка копачка работа, таа често на актуелната жртва ѝ нуди стигматизација, понижување и исклучување. Меѓу другото, и зашто тоа е полесниот пат.


Споделувањето на трауматското искуство со другите луѓе е „предуслов за повторно воспоставување на чувството за смисла во светот“. (Херман, 107) За да се затвори трауматската реакција процесот на соочување и оплакување мора да биде докрај комплетиран. Херман истакнува дека, иако кај обичното тажење постојат бројни социјални ритуали, не постојат заеднички ритуали кога се работи за справување со трауматски настани. Со други зборови, општеството има проблем таквите настани да ги интегрира, а изолацијата е погубна за жртвите.

Затоа, кога жртва на насилство ќе ја сподели со вас својата траума, сфатете го тоа како привилегија и најмалку и најважно што можете да направите е трпеливо и долго да слушате.


Библиографија:
Џудит Луис Херман - Траума и закрепнување (Темплум, 2000 г.)

Слики: Emma Krenzer

ОкоБоли главаВицФото