Дали Македонија е сѐ уште бугарската terra irredenta?

19.01.2021 13:04
Дали Македонија е сѐ уште бугарската terra irredenta?

Колку и да се навикнати на сопките и блокадите на патот на признавањето на Република Македонија и нејзиното зачленување во големите меѓународни организации и сојузи – ОН, НАТО и ЕУ, граѓаните на Македонија на особено болен начин го почувствуваа убодот в грб на бугарската кама, со кој соседите уште еднаш го сопреа нашиот пат кон Европа. Има неколку причини за оваа вознемирувачки болна реакција.

Првата е најверојатно зашто бевме веќе со „спуштен гард“, изморени од бескрајното натегање со Грците, задоволни од постигнатите договори со обата соседи и опуштени во очекување на историскиот почеток на пристапните преговори.

Втората е секако поради неочекувано простачкиот и силеџискиот настап на бугарските званичници, со кој тие јавно ја испорачаа својата бандитска уцена, во манир на деветнаесетовековни ајдуци што по чудо седат во асамблејата на најдемократската меѓународна унија на светот. И, третата е, без секое сомневање, тоа што содржината на бугарските барања е толку незамисливо непристојна, безмалку неверојатна, толку абнормално кретенска што на човека му го избива воздухот од гради од запрепастеност и неверување.

Да бидеме спокојни

Се разбира, целиот нормален свет, меѓународната заедница, па дури, мислам, и самите бугарски челници, сфатија дека се работи за ужасна грешка на бугарската влада, па можеме да очекуваме и двете страни во „спорот“ – со асистенција од меѓународните сили – да вложат конструктивни напори на попристоен начин да ја артикулираат свињаријата што бугарските политичари во предизборната паника толку темелно ја засраа. И, не се сомневам дека порано или подоцна бугарската уцена ќе биде исфрлена од преговарачката рамка со Европската Унија, и ќе биде преформулирана во рамки на билатералните односи и соработка – веќе уредени во Договорот за пријателство – на подипломатски и секако на „обострано прифатлив“ начин. Така што, можеме да бидеме сосем спокојни, веќе немаме потреба од егзалтирано и хистерично очекување, брзање и натегање околу тоа дали „ќе го бидне ил не ќе го бидне“ и кога ќе биде тоа.

Сега веќе не е важно кога ќе „бидне“ тоа, зашто апсолутната предност ја презема самата природа на бугарските барања: тие се толку малоумни што веќе не постои никаков ризик дека можат да бидат исполнети. А, тоа сознание ни дава и спокој и време да се занимаваме со себеси, зашто космичката глупавост на бугарските барања го ништи времето како релевантна димензија, та носи мир поништувајќи ги и сите можни дилеми.

Нашиот спокој го гарантираат токму последиците од содржината на бугарските барања, а тоа се за слепци обвитканите во идентитетски и историски прашања, но за возрасните и писмени луѓе сосем очигледните територијални аспирации на Бугарија кон македонската земја. Да, да, Бугарите сосем очигледно сеуште ја сметаат нашата татковина за бугарска terra irredentа или, за оние на кои италијанскиот не им е мајчин јазик – за неослободена бугарска земја, па иредентистичкиот став дека македонската територија историски и припаѓа Бугарија, во Објаснувачкиот меморандум – иако, како што веќе реков, завиткан во малоумните објаснувања за бугарската природа македонската нација и јазик – е сосем очигледната централна и суштинска позиција на бугарската влада.

Не ме терајте повторно да го цитирам тоа ужасно четиво – Објаснувачкиот меморандум: тамо е јасно напишано дека денешната македонска државна територија е бугарска од Првото бугарско царство, уште пред турско во средниот век, и дека од тогаш до денес се на оваа територија – и земјата и градбите и историјата и луѓето и јазикот и културата – буквално се е бугарско по своето потекло, бит и име; тамо е напишано и дека бугарските окупации на македонската земја – и првата империјалистичка и втората фашистичка – се ослободувања на бугарската земја и на нејзиното население – нашите претци – сите без исклучок со бугарско национално самоспознавање; и, конечно, тамо стои дека вистинската катастрофа на оваа света и вековна бугарска земја настанала по 2 август 1944, кога со земјава завладеа злосторничкиот тоталитаристички режим на Тито што егзекутираше повеќе од 100.000 Бугари и насила ја „измисли“ непостоечката македонска нација и јазик; и, конечно, таму е напишано – со патетична отвореност и стил на 11-годишен благо ретардиран повторувач – дека основната пречка за нашето евроинтегрирање е што упорно устојуваме на титоистичките тоталитаристички политики, односно дека сеуште неразбрано си умислуваме дека сме Македонци што го зборуваат македонскиот јазик.

Извештајот на ЦИА

И така, во спокојот и лефтерноста на бугарската блокада и новогодишните празници, прелистувајќи ги светските датотеки, налетувам на пред неколку години декласификуваниот извештај од архивот на ЦИА (CIA-RDP08C0197R000400240004-0), датиран во далечната 1968 година, што е насловен: „Македонското прашање“ никогаш не умира. Ха! Читам како таму е стокмена целата историја на ова парче земја, со сите премрежиња во неа, но со акцент на тогаш актуелните бугарски инсистирања на непостоењето на нашиот јазик и нација. Во анализата на ЦИА нема никакви дилеми околу значењето на овие „историски“ и „лингвистички“ бугарски срања: дека се работи за вулгарни територијални барања чиишто тајминг е условен со внатрешните проблеми на бугарската држава. Да не беше така, се вели во анализата, Југословенската држава немаше бесно и одлучно да реагира со дипломатски ноти, толку сериозно како што тоа се прави и на отворени иредентистички аспирации. Толкувајќи ги бугарските објаснувања во нивниот печат (Работничко дело), извештајот заклучува дека со нив „постоењето на посебна македонска нација експлицитно се негира, со што и територијата на југословенската Македонија имплицитно се потврдува како бугарска иредента“.

Во извештајот детално се анализираат бугарските мотиви за повторното посегање по „југословенска Македонија“ и се истакнуваат индикации за следниве три:

1.Бидејќи бугарскиот режим е во криза, со стопанска стагнација и инфлација, па секое споредување на бугарската ситуација со соседна Југославија што се развива во слобода, независност и просперитет, му штети на режимот, тој – како добар ученик на Бизмарк – го свртува вниманието на јавноста од домашните проблеми кон популистички надворешни романтичарски и иредентистички теми.

2.Бугарскиот режим за своја поддршка развива специјална пропагандна глорификација на бугарската историја, за да си го обезбеди рејтингот и да се бори со националното чувство на инфериорност и пониженост што произлегува од субмисивниот однос кон СССР и од директните споредби со Југославија, при што создава невозможен континуитет помеѓу комунизмот, канот Крум, Самуил, Егзархијата и револуционерите од 19 век.

3.Бугарите погрешно ја проценуваат југословенската внатрешна дебата околу децентрализацијата на земјата како тешка слабост на државата, евентуално како знак за нејзината скора дезинтеграција, па истрчуваат во јавноста со територијални барања кон Вардарска Македонија за да обезбедат легитимитет за своите барања пред меѓународната арбитража кога Југославија ќе се распадне.

И, како да завршам по ова некогаш тајно четиво? Во извештајот на ЦИА отворено се заклучува дека вистинските бугарски мотиви зад нивните „историски“ барања се голи територијални аспирации, повторени крици на секогаш живата бугарска иредента. Испаѓа како во извештајот од 1968 година да е анализиран бугарскиот Објаснувачки меморандум од 2020 и дека насловното прашање е само реторичко.

Слики: Rinat Voligamsi

Извор на текстот: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото